Гренел и директорот на ДФЦ Болер утре во Белград на средба со Вучиќ и Брнабиќ

Од:

Државна делегација на САД предводена од Специјалниот советник на американскиот претседател за Србија и Косово, амбасадорот Ричард Гренел и извршниот директор на Меѓународната финансиска корпорација за развој на САД (ДФЦ), Адам Бoлер, утре во Белград ќе остварат средба со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабик.

Од кабинетот на српскиот претседател соопштија дека по средата претставниците на двете делегации ќе потпишат Заедничка изјава.

Со ова ќе започне конкретната реализација на договорот што беше потпишан во Вашингтон на 4 септември и отворањето на регионалната канцеларија на ДФЦ во Белград.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија и директен учесник во договорот од Вашингтон, Марко Ѓуриќ, во пресрет на посетата на американската делегација, изјави дека доаѓањето на претставници на ДФЦ во Белград е показател дека економскиот договор од Вашингтон се спроведува со молскавична брзина.

-САД секогаш ќе ја штитат стабилноста на просторот во кој инвестираат, нема да биде лесно да се повторат ситуациите пред две или три децении во нашите односи, кои сакаме да ги избегнеме по секоја цена, изјави Ѓуриќ.

„Исклучително е важно властите во Приштина да работат на имплементација на овие договори. Ако треба да добиеме пристап до уште едно јадранско пристаниште, најверојатно во Драч, тоа треба да се потврди и да се работи на спроведување на тоа со Приштина“, кажа Ѓуриќ.

Претставниците на ДФЦ во Белград ќе имаат состаноци во вторник и среда со претставници на Српската трговска комора и Министерството за финансии.

ДФЦ ќе учествува во финансирање на проекти од различни области, а министерот за финансии Синиша Мали изјави дека нивното доаѓање е значајно за развој не само на српската, туку и на економијата во целиот регион.

Министерот за финансии кажа и дека ДФЦ ветила дека ќе обезбеди ефтини кредити за поддршка на малите и средни претпријатија.

Болер претходно на Твитер напиша дека ДФЦ активно ќе ја поддржи „економската нормализација помеѓу Србија и Косово преку американската Ексим банка и корпорацијата„ Милениумски предизвик“ .

Инаку, ДФЦ има фонд за инвестиции од вкупно 60 милијарди американски долари, а дел од тие пари ќе се слеат во Србија, преку реализација на проекти предвидени со договорот од Вашингтон.

Економскиот договор потпишан во Вашингтон на 4 септември вреди речиси четири милијарди долари во делот на нови инвестиции, а како што претходно изјави министерката за градежништво Зорана Михајловиќ, тој претставува инвестициски бум за целиот регион.

ДФЦ и американската Ексим банка минатата недела потпишаа писмо со намери кое се однесува на Белград и Приштина, а Михајловиќ кажа дека тоа е технички документ што претходи на отворањето на регионална канцеларија на ДФЦ во Белград и разговорите за продолжување на финансирањето на автопатот Ниш-Мердаре-Приштина.

За првата делница од тој автопат, од Ниш до Плочник, која е долга 33 километри, тендер треба да биде објавен на крајот на октомври или почетокот на ноември.

ДФЦ е федерална агенција на САД чија цел е да ги исполни развојните предизвици и приоритетите на надворешната политика на САД, а нејзината улога е дефинирана со Законот за подобро користење на инвестициите посветени на развојот, што го потпиша Доналд Трамп на 5 октомври 2018 година.

Би можело да ве интересира

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот

Земјотрес во Србија

Во Косово приведен македонски државјанин по кого е распишана меѓународна потерница заради тешко убиство

Орце Костов

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари