Грците во одредени ситуации забораваат на мерките за заштита од Ковид-19

Од:

Јавниот превоз, дел од кафулињата и ноќните клубови, дел од јавните служби што работат со странки, традиционалните грчки фестивали со жива музика т.н. панаѓури, се дел од местата на кои Грците се чини дека целосно ги забораваат мерките за заштита од Ковид-19, како што е на пример правилото за социјално дистанцирање, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера присуствуваше на отворањето на нови метро станици во неколку атински населби, а дел од грчките медиуми упатија критики за непридржувањето кон мерките, со оглед на тоа дека имаше огромен број насобрани граѓани кои без маски и без да држат растојание се собраа да го пречекаат Мицотакис.

Онлајн изданието на весникот „Етнос“ коментира дека „немало почитување на мерките за коронавирусот“.

-Како што се гледа и на фотографиите од Атинската новинска агенција, во Агиа Варвара и Коридалос, насобрани беа десетици граѓани, но мал беше бројот на оние кои носеа маски, додека пак како што може да се констатира социјалната дистанца не беше почитувана, пишува „Етнос“ и додава дека во непосредна близина до грчкиот премиер биле и градоначалниците на конкретните општини, кои исто така не носеле маски.

Информативниот портал „Њузбист“ во текстот под наслов „Гужва пред метрото во Никеа за Мицотакис: аплаузи, ракувања и фотографирање“, посветен на отворањето на новите метро станици, објавува фотографии и коментира дека „не се почитуваше растојанието поради коронавирусот, а мал беше бројот на оние кои носеа маски“.

Особени реакции во Грција предизвикаа и таканаречените панаѓури, односно традиционални грчки фестивали со жива музика, на кои не само што имало голем број присутни, туку и луѓето играле оро.

На најмалку три различни локации во земјата, во изминатите денови се одржале вакви фестивали, а на еден дури биле присутни и пратеници.

За фестивалите и недостигот на превентивни мерки, професорот епидемиолог Никос Сипсас за грчката телевизија „Скај“ вели дека „ако продолжи ваквата ситуација, ќе виде прашање на време кога ненадејно ќе се појават десетици или стотици позитивни случаи по таков настан со огромна можност за ширење на вирусот“.

-Си играме со оган. Прашањето не е дали ќе се случи такво нешто. Ќе се случи ако продолжиме вака, вели професорот.

Пред Фондот за социјално осигурување во една атинска населба, веќе неколку денови има редици граѓани кои чекаат да ги завршат нивните обврски, а доста често, според објавените фотографии и виеда во грчките медиуми, воопшто не постои растојание меѓу луѓето.

Иако во јавниот превоз во Атина, официјално во сила се мерки како што е намален број дозволени патници, празни седишта, сепак реалната слика во некои автобуси и тролејбуси е целосно поинаква.

Некои од патниците воопшто не ги почитуваат ознаките за празно седиште, други маските ги носат симнати на брадата, а во одредени случаи делот за стоење е преполн.

За граѓаните, носењето маска е задолжително само во јавниот превози и во останатите превозни средства (авиони, бродови, траекти, возови, автобуси), додека пак за затворените простори како што се продавници, супермаркети и сл, постои само препорака.

Се чини дека укинувањето на речиси сите рестриктивни мерки, во комбинација со малиот број дневни позитивни случаи се доволна причина Грците да се опуштат, можеби и повеќе од дозволеното.

Од почетокот на епидемијата, заклучно со вчера, во Грција се регистрирани се 3.562 позитивни случаи на Ковид-19, починаа 192 лица, а направени се вкупно 340.328 тестови, од кои 10,1 отсто, односно 34.225 се анализи на примероци земени на аеродромите од 12 јуни 2020 година.

Би можело да ве интересира

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Дводневен штрајк на царинските служби во Грција

Орце Костов

По силниот земјотрес во Грција, тлото продолжува да се тресе

Два силни земјотреси ја погодија Грција

Горан Наумовски

Тело на мртов маж најдено во Јанина, околу главата и нозете му биле врзани вреќи со ѓубре

Горан Наумовски