Грците гласаат за градоначалници и префекти, но вниманието им е насочено кон парламентарните избори

Од:

Грците денеска гласаат во вториот круг од локалните избори, но со внимание насочено на предвремените парламентарни избори следниот месец.

Граѓаните со кои поразговара дописничката на МИА од Атина велат дека денеска, но и минатиот пат, минатата недела, на првиот круг од локалните и на европските избори, нивниот критериум биле личностите – кандидати, но на 7 јули веројатно е дека ќе одберат партија, бидејќи, како што истакнуваат, следните парламентарни избори се особено важни.

– Видете, денес гласаме за градоначалник, важно е и ова, не велам дека не е, но поважно е што ќе се случи на парламентарните избори. Тие се клучни за иднината на земјата, барем јас така мислам, вели повозрасен Грк.

– Веќе шест месеци сум невработена, мојата професија е поврзана со изборите и навистина ми се важни. Си размислувам, ако победи едниот, што ќе биде, ако победи другиот, што ќе биде? Многу сум збунета, но како и да е се надевам дека ќе биде подобро по изборите, вели млада Гркинка за МИА.

– Имам 85 години, имам видено и поминато многу работи. Студирав медицина и филозофија и во Грција и во странство, но сфаќам колку сме неписмени, без разлика колку дипломи и да имаме. Или барем се чини дека сме неписмени и се додека сме такви, не гледам земјата да оди напред, вели пензионерката Василики.

– Сигурно нешто ќе се смени по изборите, независно кој ќе биде победникот. Денес одбирам личности, тогаш ќе одберам партија, кусо коментира средовечен Грк откако гласаше.

Дописничката на МИА од Атина го посети гласачкото место каде што правото на глас го оствари претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос.

Гласаше во основно училиште во северниот дел на Атина, а го пречекаа двајцата кандидати за градоначалници на општината во која што живее. Откако го оствари правото на глас, грчкиот претседател замина без да даде изјава за медиумите, но поразговара со претставниците на избирачките одбори, со граѓаните, кои ја искористија можноста да се сликаат со Павлопулос.

Гласањето на 27.659 гласачки места се одвива мирно и без проблеми.

Гласањето што започна во седум часот утрово, според денералниот секретар од Министерството за внатрешни работи на Грција, Костас Пулакис, минува мирно и без проблеми. Отворени се 27.659 гласачки места, односно 71 отсто од вкупниот број, а се гласа во седум периферии и 229 општини, за избор на градоначалници и префекти онаму каде што минатата недела ниту еден од кандидатите не освои 50 проценти плус еден глас.

Повторно се гласа и во Атина и Солун.

Во грчката престолнина, во првиот круг Костас Бакојанис од Нова демократија освои 42.65 отсто од гласовите, а неговиот против кандидат од СИРИЗА, Насос Илиопулос, 16.98 отсто.

Николаос Тахиаос и Зервас Константинос, и двајцата од Нова демократија, но вториот без партиска поддршка, ќе се борат за градоначалник на Солун. Разликата меѓу нив, минатата недела беше 7.47 отсто во корист на Тахиаос, кој е поддржан од најголемата грчка опозициска партија.

Во првиот круг од локалните избори, префект беше избран во шест од вкупно 13 периферии, од кои пет и припаднаа на опозициската Нова демократија.

Мандатот на новоизбраните градоначалници, префекти и членови на општинските и регионалните совети започнува од 1 септември годинава и ќе трае до 31 август 2023.

Гласачките места, исто како и во првиот круг, ќе бидат затворени во 19 часот по локално време.

Пребројувањето на гласовите, овојпат се очекува да оди побргу во споредба со првиот круг кога заедно се одржаа и европските избори, а со тоа и соопштувањето на првичните официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција веројатно нема да доцни.

Би можело да ве интересира

Тело на мртов маж најдено во Јанина, околу главата и нозете му биле врзани вреќи со ѓубре

Горан Наумовски

Се урна грчки борбен авион, пилотот е спасен

Свештеникот од Солун е осомничен дека ги оштетил верниците за повеќе од еден милион евра

30.000 луѓе на улиците во Грција на годишнината од страшната железничка несреќа, избувна нереди

Герапетритис: Потребно е доследно, строго и целосно почитување на Договорот од Преспа

Орце Костов

Земјотрес во Грција