Грчките медиуми незаинтересирани за средбата Груевски-Борисов

Од:

Средбата на премиерите на Македонија и Бугарија, Никола Груевски и Бојко Борисов, во Скопје, на која тие ги поздравија односите меѓу двете земји и истакнаа силна посветеност за нивно продлабочување, не е интересна за грчките медиуми.

Освен еден до два информативни портали и електронското издание на весникот „Елефтерос Типос“ кои пренесуваат информација од државната агенција АНА-МПА, ниту еден друг грчки медиум не јави за средбата на двајцата премиери од која беше испратена позитивна порака за добрососедство. За разлика од состанокот на Борисов со Андонис Самарас во декември минатата година, од кој медиумите како главна поента ја извлекоа пораката до Македонија дека почитувањето на добрососедските односи е клучно за членство во Европската унија, овој пат се чини дека продлабочувањето на македонско-бугарските односи не и одговара на грчката политика, па затоа се игнорира.

„Елефтерос Типос“ јавува дека на средбата двајцата премиери го разгледале договорот за пријателство, соработка и добрососедски односи, кој го предложила официјална Софија. Според весникот, аналитичари во Скопје сметаат дека посетата на Борисов е почетна точка за подобрување на односите меѓу Бугарија и Македонија, откако Софија не ја поддржа Македонија на самитот на ЕУ во декември, минатата година да добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата.

„Елефтерос Типос“, повикувајќи се на агенцијата АНА-МПА, потсетува и дека Бугарија изминатите месеци ја обвинила Македонија за „внатрешна антибугарска пропаганда“ и оти не ги почитувала принципите за добрососедски односи.

Затоа, пак, грчките медиуми се занимаваат со тоа кој пејач настапил, а кој одбил да пее во Македонија од патриотски причини. Откако грчкиот пејач Михалис Хаџијанис пред неколку дена го откажа настапот во казиното „Принцес“, затоа што сопственикот е турски бизнисмен, во Грција секојдневно се провлекува темата кои се пејачи одбиле да настапат во Скопје и македонските казина, а кои пееле пред македонска публика. Иако и самите грчки медиуми нагласуваат дека нивните пејачи претежно настапуваат во казината во близина на Гевгелија, каде најчести посетители се токму Грците, тие сепак не пропуштија да ги набројат Пеги Зина, Ангела Димитриу, Јоргос Маргаритис, Танос Петрелис и Каити Гарби како „предавници“ кои пееле во Македонија.

Би можело да ве интересира

Тело на мртов маж најдено во Јанина, околу главата и нозете му биле врзани вреќи со ѓубре

Горан Наумовски

Се урна грчки борбен авион, пилотот е спасен

Свештеникот од Солун е осомничен дека ги оштетил верниците за повеќе од еден милион евра

30.000 луѓе на улиците во Грција на годишнината од страшната железничка несреќа, избувна нереди

Герапетритис: Потребно е доследно, строго и целосно почитување на Договорот од Преспа

Орце Костов

Земјотрес во Грција