Фон дер Лајен во Србија: 160 милиони евра помош, Белград да ни се приклучи во заедничката набавка на гас

Од:

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен денеска ги посетија работите на изградбата на гасниот интерконектор Србија-Бугарија кај Нишка Бања. Претседателката на ЕК ја покани Србија да и се придружи на ЕУ во заедничката набавка на гас и најави непосредна буџетска поддршка од 160 милиони евра, јави дописникот на МИА од Белград.

-Со нетрпение очекуваме да заврши овој проект за една година бидејќи диверзификацијата на изворите на гас е важна. Премногу фокусирање на Русија не е добро. Повеќе сигурни извори се од суштинско значење, нагласи Фон дер Лајен.

Таа посочи дека ЕУ и Западен Балкан се во Енергетската заедница, што значи дека се толку поврзани што секоја активност влијае на другите и ако нешто се случи во ЕУ ќе има импликации на Балканот, а ако има подобрувања како овој гасен интерконектор во овој регион тогаш тоа ќе се одрази и на ЕУ.

-Работевме многу во ЕУ за сузбивање на енергетската криза. Русија го прекина снабдувањето со гас и ние успеавме да го компензираме тоа. Ги повикуваме сите, вклучително и Србија, да се приклучат на заедничката набавка на гас, да ја искористиме нашата заедничка сила за да постигнеме добра цена на пазарот, објасни таа.

Фон дер Лајен рече дека Србија, како и остатокот од континентот, е погодена од тешкотиите што постојат на енергетскиот пазар, поради што ЕУ одлучила да преземе одредени мерки.

На краток рок, додаде таа, се планира помош за Западен Балкан, а Србија, како што вели, ќе добие 160 милиони евра буџетска помош за поддршка на загрозените членови на општеството и малите и средни претпријатија да се справат со високите цени на енергенти.

Таа посочи дека одржливо решение не е само помошта, туку потребни се и инвестиции.

Во таа насока, таа рече дека ЕУ има обезбедено 500 милиони евра грантови за земјите од Западен Балкан за инвестиции во инфраструктурата и ги спомена трите проекти: Трансбалканскиот струен коридор од Италија преку Србија до Бугарија, изградбата на нова енергетски ефикасна Универзитетска детска болница и изградбата на интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија.

Фон дер Лајен на прашањето за политиката за воведување на санкции кон Русија рече дека процесот на проширување на ЕУ се заснова на заслуги и дека тој е во рацете на земјата која сака да се приклучи.

-Важно е да се усогласиме со заедничката надворешна и безбедносна политика, бидејќи членството во ЕУ значи споделување на истите вредности, рече таа и додаде дека „сметаме на Србија како доверлив партнер, бидејќи заедно можеме да ги одбраниме заедничките принципи“.

Таа изјави и дека дијалогот ќе се интензивира за да се најде соодветно решение за табличките на Косово, а „она што ни треба е конструктивност и флексибилност од двете страни“.

Вучиќ, за односите со Приштина, рече дека Белград ќе направи се за да ги зачува мирот и стабилноста, но и дека „сите еднострани потези ги направила Приштина, а не Белград“.

-Загрижен сум. Ја видов вашата конференција со г-ѓа Вјоса Османи. Видов дека таа ја искористи можноста да зборува против Белград и Србија. Нема да го сторам тоа, никогаш тоа не го правам. Можам само да ви кажам дека ќе направиме се што можеме за да ги зачуваме мирот и стабилноста, рече Вучиќ.

„И вчера реков – немаме повеќе. Ќе дадеме се од себе за да ги зачуваме мирот и стабилноста“, повтори Вучиќ.

Зборувајќи за извештајот на ЕК, Вучиќ изјави дека тој е реален, рационален и главно точен.

-Дали Србија е земја која не воведе санкции кон Русија – точно е. Немам што да се жалам, ниту да кажам дека нешто е неправедно кон нашата земја. Се што е напишано е точно, бидејќи мислам дека има проблеми во дијалогот за што мислам дека Србија не е ни нула проценти одговорна, рече Вучиќ.

Тој повтори дека Србија и денес го почитува територијалниот интегритет на Украина и дека тоа не е доведено во прашање.

-Само понекогаш се прашуваме зошто не секогаш се почитува интегритетот на Србија, но различни се денес оценките за ова. Ја разбравме пораката на претседателката на ЕК. Се усогласуваме со визната политика. Ќе гледаме во сите други прашања како да напредуваме кон ЕУ што е можно побрзо, рече Вучиќ.

Претседателката на ЕК и српскиот претседател вечерва во Белград ќе одржат биларелани разговори.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов