Финска и Ирска ја поддржуваат визната либерализација и членството на Косово во Советот на Европа

Од:

Министерката за европски прашања на Финска, Тити Тупураинен и нејзиниот ирски колега, Томас Бирн, кои ги предводат соодветните државни делегации кои се во посета на Косово, изјавија денеска дека нивните земји ја поддржуваат визната либерализација и зачленувањето на Косово во Советот на Европа (СЕ), јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција по денешната средба со нивниот домаќин, косовскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими, Тупураинен изјави дека се надева оти оваа есен ЕУ ќе се донесе одлука за укинување на визите за косовските граѓани.

– Косово е единствената земја од Западен Балкан за која сé уште има визи и наш став е дека треба да одиме напред. Јас сум отимистка дека во наредните месеци, можеби веќе наесен, ќе имаме резултати. Исто така го поддржуваме и зачленувањето на Косово во СЕ, како посебен проект, изјави Тупураинен.

Финската министерка му изрази поддршка и на посредникот на ЕУ во косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак, а во однос на воведувањето реципроцитет од страна на Приштина за регистерските таблички, рече дека нејзината држава разбира оти „Косово има законско право да ги презема своите дејствија“.

Поддршка за визната либералзиација и зачленувањето на Косово во меѓународни организации изрази и ирскиот државен министер, Бирн, оценувајќи дека косовското барање за членство во СЕ „е добар сигнал за граѓаните дека Владата е сериозна во однос на заштитата на човековите права“.

– Ви посакуваме успех и ќе работиме многу во рамки на меѓународните организации за да изнајдеме пат кој ќе биде прифатлив од другите. Во ЕУ работиме многу со Косово како партнер, за да обезбедиме мир и стабилност, посебно во овој дел од континентот, каде што сé уште постојат конфликти или знаци за конфликти, изјави Бирн.

Косовскиот вицепремиер, Бислими се заблагодари за поддршката од двете земји и изрази надеж дека Финска наскоро ќе биде примена во НАТО, „по што ќе уследи и зачленувањето на Косово“ во Алијансата.

– Високо ја цениме постојната и несебична поддршка на двете пријателски земји за патот на Косово кон визната либерализација, европските интеграции, зачленувањето во СЕ и НАТО, но и во други меѓународни организации. Неоправданата руска агресија врз Украина не постави пред нови заеднички предизвици. Се надевам дека брзото зачленување на Финска во НАТО ќе заврши успешно, по што ќе уследи и зачленувањето на Косово, рече Бислими.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он

Во Брезовица загина поранешната скијачка Кетрин Ригби

Горан Наумовски