Европратениците Тања Фајон и Владимир Билчик изразија загриженост поради извештаите дека на референдумот за измени на Уставот на Србија, избирачките одбори не биле соодветно подготвени да го спроведат процесот на гласање.
„Ги повикуваме надлежните органи да обезбедат подобрување во оваа област пред претстојните избори. Ќе продолжиме да го следиме спроведувањето на уставните измени одобрени на референдумот, како и другите реформи на владеењето на правото“, се вели во заедничката изјава.
Фајон и Билчик, исто така, изразија жалење што не е постигнат договор со косовските власти за да се дозволи собирање на гласачките ливчиња од гласачите кои живеат таму, како што беше случај во претходните изборни процеси.
Тие ја поздравија одлуката на граѓаните да ги поддржат уставните измени во делот што се однесува на независното судство со цел правосудниот систем да биде понезависен. Според нив, тоа е важен чекор на патот на Србија кон ЕУ, се вели во заедничкото соопштение.
Европската унија вчера го поздрави резултатот од референдумот на кој граѓаните на Србија ги поддржаа уставните измени како важен чекор кон понезависно судство, додавајќи дека српските власти сега треба да променат многу закони.
Републичката изборна комисија врз основа на податоците од 98,79 отсто обработени избирачки места соопшти дека на референдум излегле 30,65 отсто од запишаните избирачи, од кои за промена на Уставот гласале 59,73 отсто, а против 39,26 отсто.
Извор: МИА