Ердоган и Милановиќ со спротивставено мислење за изборните реформи во Босна и Херцеговина

Од:

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Загреб изјави дека не е задоволен од Дејтонскиот договор, но дека лидерите на Босна и Херцеговина треба да се договорат за спорните прашања, вклучително и за изборните реформи.

Тој изрази спротивен став на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој, како и хрватската Влада, бара од високиот претставник Кристијан Шмит да наметне измени во изборниот закон со кои ќе се обезбеди Хрватите самостојно да ги избираат своите претставници.

– Имаме Бошњаци, Хрвати и Срби, ентитети, водачи кои ги претставуваат овие народи и верувам дека одлуките мора да ги донесат лидерите во Босна и Херцеговина, изјави Ердоган пред новинарите во Загреб во заедничкото обраќање со хрватскиот претседател.

Прашан за различните позиции на Турција и Хрватска за изборниот процес во БиХ, турскиот претседател по средбата со Милановиќ изјави дека треба почесто да разговараат. Тој рече дека е договорено и по изборите да продолжи дијалогот за Босна и Херцеговина, велејќи дека Турција внимателно ги следи настаните на Балканот.

– Разговаравме за чекорите што мора да ги преземеме за зачувување и зајакнување на мирот и безбедноста во Југоисточна Европа, ја истакнавме поддршката за мирот и стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ и европската интеграција, рече Ердоган, пренесува Бета.

Тој нагласи дека интегритетот на Босна и Херцеговина е многу важен, бидејќи таа земја платила голема сметка, што никој повеќе не смее да ја плати. Турскиот претседател рече дека има проблем поради Дејтонскиот договор, но дека ниту Алија Изетбеговиќ не бил задоволен од него кога го потпишал во 1995 година.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ изјави дека има разлики во ставовите на Хрватска и Турција во однос на изборните реформи во Босна и Херцеговина.

– Тоа покажува дека ни треба подетален разговор за да ги истакнеме нашите проблеми и грижи, за кои Турција, поради нејзината големина и оддалеченост, не е свесна, истакна хрватскиот претседател.

Тој рече дека Хрватска се обидува да „исправи некои неправди и прекршувања на Дејтонскиот договор, кој е темел на мирот во БиХ“.

– Хрватите се најмалубројни број и еден од конститутивните народи. Во БиХ мора да се договараат вистинските легитимни претставници на конститутивните народи, што во моментов не е случај во БиХ, рече Милановиќ.

Имено, Хрватска го оспорува легитимитетот на членот на Претседателството на БиХ од редот на хрватскиот народ, Жељко Комшиќ, бидејќи смета дека тој е избран со гласовите на Бошњаците во Федерацијата БиХ.

Милановиќ повтори дека е критичен за улогата и изборот на високиот меѓународен претставник во БиХ, Кристијан Шмит, но дека бара некаква акција за да се спречи надгласувањето на Хрватите на општите избори.

– Не знам што ќе се случи на изборите во БиХ, но дадов што можев. Високиот претставник засега не направи ништо, но ако направи нешто, јас ќе бидам задоволен, додаде хрватскиот претседател.

Говорејќи за односите меѓу двете земји, турскиот претседател рече дека тие се пријателски и сојузнички и дека ги доживува како соседски, иако нема меѓусебна граница. Ердоган рече дека трговските односи напредуваат, дека обемот на трговијата надмина 90 милиони долари и лани порасна за 40 отсто. Тој додаде дека постои голем интерес на турските компании за инвестирање во Хрватска.

Ердоган оцени дека нивното заедничко учество на отворањето на Исламскиот центар со џамија во Сисак испраќа важна порака до Европа и светот.

Милановиќ посочи дека Турција застанала до Хрватска во 90-тите и потсети дека турскиот претседател присуствувал на погребот на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман на крајот на 90-тите кога земјата била во сложена ситуација.

– Тоа се работи кои денес не одекнуваат толку силно, но не се заборавени, заклучи Милановиќ.

По отворањето на Исламскиот центар со џамија во Сисак, претседателите на Турција и на Хрватска ќе се обратат пред учесниците на турско-хрватскиот бизнис форум во Загреб, а потоа турскиот претседател ќе се сретне со премиерот Андреја Пленковиќ.

Ердоган во Загреб ја завршува својата регионална турнеја која ја започна во вторникот во Босна и Херцеговина, а вчера престојуваше во Белград.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Ердоган се сретна со лидерот на Хамас и ги повика Палестинците на единство против Израел

Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд на Хрватска соопшти: Милановиќ за да биде кандидат на изборите мора да поднесе оставка

Предраг Петровиќ

Пленковиќ: Милановиќ продолжува со циркусот, маските паднаа

Милановиќ се откажува од претседателската функција, ама по трката за премиер

Предраг Петровиќ

Северина му одговори на хрватскиот претседател: Благодарам за грижата, ама моето дете не е уште полудено

Предраг Петровиќ