ЕК: Српските власти ги повикаа меѓународните набљудувачи да го следат изборниот процес

Од:

Властите во Србија имаат испратено покана до меѓународните набљудувачи да учествуваат во мониторингот на изборниот процес и текот на парламентарните избори закажани за 21 јуни, соопшти Европска комисија.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, српските власти веќе ја поканија ОДИХР да ги набљудува парламентарните избори закажани за април, кои сега се одложени за 21 јуни.

Од ЕК додаваат дека властите во Белград испратиле таква покана и до Европскиот парламент.

– Важно е да се исполнат условите за испраќање на меѓународна мисија за набљудување, предводена од ОДИХР, која ќе врши мониторинг на изборните услови, изборната кампања и спроведувањето на гласањето во Србија, соопшти ЕК.

ЕК претходно ги повика властите во Србија да обезбедат услови за испраќање на меѓународни набљудувачи за мониторинг на целиот изборен процес, како и да ги „надгради и целосно спроведе“ обврските преземени во рамките на внатрепартискиот дијалог што го спроведуваше Европскиот парламент.

– Сега е поважно од кога било сите граѓани и политички актери да имаат целосна доверба во интегритетот на изборниот систем, велат од ЕК, додавајќи дека „улогата на слободните медиуми е важна, каде сите политички актери мораат да имаат еднакви услови“ како и проактивната улога на медиумските регулатори.

Како дел од Проектот за поддршка на изборите во Западен Балкан, ОДИХР беше вклучена во подготовка и следењето на изборниот процес во Србија.

Според веб-страницата на организацијата, целта на проектот, во кој се вклучени и Црна Гора, БиХ, Северна Македонија и Албанија, е да се подобри капацитетот на државните органи за спроведување избори, да се зголеми точноста на избирачките списоци и процесот на регистрација на гласачите. Исто така, проектот вклучува ефикасна координација на процесот на попис на населението и јавен надзор на избирачките списоци, подобрување на знаењето и капацитетот на телата за регулирање на медиумите, со цел следењето и регулирањето на однесувањето на медиумите за време на изборите да „придонесува за плуралистичка и фер кампања“.

Пред прекинот на изборниот процес поради епидемијата на Ковид-19 и воведувањето на вонредна состојба, претставниците на ОДИХР во неколку наврати беа во посета на Србија.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Медиуми: Ќе биде сослушана и мајката на осомничениот за убиството на Данка Илиќ

Орце Костов

Како убијците на Данка го признале делото: Возачот зборувал на влашки, соучесникот веднаш кажал што се случило