Двојно повеќе Бугари го претпочитаат НАТО отколку сојуз со Русија

Од:

Според најновото истражување на јавното мнение во Бугарија на агенцијата „Алфа Рисрч“, спроведено од 6 до 16 јуни меѓу 1.000 полнолетни бугарски државјани, речиси двојно повеќе Бугари претпочитаат нивната земја да остане со НАТО и ЕУ отколку да влезе во сојуз со Русија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, анкетата покажува дека над 39 отсто од испитаниците наведуваат дека Бугарија треба да се позиционира во сојуз со земјите од НАТО и ЕУ во случај на нова поделба во Европа, слична на онаа од Студената војна. Околу 23 отсто се изјасниле за сојуз со Русија и Белорусија, а речиси седум отсто би сакале друго однесување на земмата.

Речиси 31 отсто од испитаниците не можеле да проценат или да одговорат на прашањето.

Најголема поддршка за задржување на евроатлантската позиција на Бугарија е забележана кај младите и активните – 41 отсто наспроти 14 отсто кои го поддржуваат сојузот со Русија.

За сојуз со НАТО и ЕУ, од испитаниците на возраст од 41 до 50 години, се изјасниле 41 отсто, а 24 отсто претпочитаат Бугарија да биде во сојуз со Русија.

Кај постарите, поддршката за прозападната ориентација на Бугарија опаѓа, па така 35 отсто од испитаниците на возраст меѓу 51 и 60 години, како и оние постари од 61 година, поддржуваат сојуз со НАТО и ЕУ, во споредба со 23 отсто во возрасната група 51-60 и 31 отсто во онаа над 61-годишна возраст кои претпочитаат сојуз со Русија.

Меѓу поддржувачите на бугарските партии најсилна е поддршката за евроатлантската ориентација на Бугарија во Демократска Бугарија – 96 отсто. Во неа ниту еден анкетиран не поддржува сојуз со Русија. Кај „Промените продолжуваат“ 68 отсто од поддржувачите се за сојуз со НАТО и ЕУ, додека 14 отсто сметаат дека е подобро Бугарија да влезе во сојуз со Русија. Кај „Има таков народ“ на шоуменот Трифонов мнозинството е прозападно – 65 отсто, но во него 13 отсто поддржуваат преориентација кон Русија, додека во партијата ГЕРБ на Бојко Борисов доминира ставот дека ЕУ и НАТО се најдобрата надворешна политика ориентација за Бугарија – 58 отсто, а меѓу нив 12 отсто сепак сметаат дека Русија е вистинската странба за нивната земја.

Во националистичката „Преродба“ на Костадин Костадинов, 49 отсто од поддржувачите се за сојуз со Русија, додека 17 отсто сметаат дека НАТО и ЕУ се најдобриот сојузник за Бугарија. Партијата „Бугарски подем“ на поранешниот привремен премиер и поранешен министер за одбрана Стефан Јанев ја има доминацијата на прорускиот електорат – 38 отсто за сојуз со Русија и 25 отсто за НАТО и ЕУ. Во Движењето за права и слободи дури 48 отсто од членовите не можат да проценат каде треба да им биде државата, но, сепак, приблжно 23 отсто се за сојуз со НАТО и ЕУ, а 21 отсто се за сојуз со Русија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Бугарија оди на нови избори

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството

Русите спречиле терористички напад: ФСБ уапси три лица

Во Бугарија не е постигнат договор за нова влада

(ВИДЕО) Нова драма во Русија: Евакуиран трговски центар по дојава за експлозивна направа

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: 25 години од НАТО нападот на Србија

Катерина Ѓуровски