Дендиас: ЕУ-интеграцијата на С Македонија и Албанија е стратешки избор и за Бугарија и Грција

Од:

Интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија и за Бугарија и за Грција претставува стратешки избор што води до стабилен Балкан, рече шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по средбата во грчкото МНР со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, јави дописничката на МИА од Атина.

Министрите за надворешни работи на Грција и Бугарија изразија поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, но со почитување на поставените услови.

-И Бугарија и Грција сме фактори на стабилност и ко-развој во нашиот регион. Ние сме помагачи на патот на нашите соседи кон Европската Унија, на балканските земји, на Северна Македонија и Албанија, секако, секогаш под услов да се почитуваат поставените услови. Интеграцијата на овие земји во Европската Унија и за Бугарија и за Грција претставува стратешки избор што води до стабилен Балкан, рече Дендиас.

-Тоа е од огромно значење за сигурноста на двете држави, но заедничка е перцепцијата дека треба строго да ги исполнат реформите и да ги следат принципите на добрососедство, наведе Захариева.

Шефовите на двете дипломатии разговарале и за пандемијата, за последиците и за напорите за враќање во нормала, а Захариева и на средбата со Мицотакис и на средбата со Дендиас го покренала прашањето за отворање на втор граничен премин меѓу двете земји, освен Промахонас.

Дендиас рече дека грчкиот премиер ѝ ветил на Захариева дека ќе го разгледа конкретното прашање.

Двајцата министри се осврнаа и на последните активности на Турција, за Света Софија шефицата на бугарската дипломатија рече дека „е споменик од огромно значење и историска симболика“, а Дениас истакна дека Грција ќе продолжи со активностите за подигање на свеста на светската заедница за конкретното прашање.

Во однос на активностите на Анкара во Медитеранот, Дендиас ги повтори грчките позиции околу прекршувањата од страна на Турција, додаде дека Грција нема да толерира прашања поврзани со нејзините суверени права и оти „само со целосно почитување на меѓународното законодавство и правилата на добрососедство може да се гарантира стабилноста во регионот“, додека, пак, Захариева истакна дека кога постојат спорни прашања „треба да се решаваат со дијалог, а не со еднострани активности“.

Постапките на Турција, како и пандемијата беа во фокусот и на средбите на министерката за надворешни работи на Бугарија, со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Сакеларопулу истакнала дека очекува „практична демонстрација на солидарност од партнерите во ЕУ и секако од пријателска Бугарија“, а Захариева потенцирала дека Бугарија и Грција се пример за добрососедски и пријателски односи во ЕУ.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески