Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека Србија добила информација оти премиерот на Косов Албин Курти во декември ќе поднесе барање за прием во ЕУ, односно за почеток на процесот Косово да добибие кандидатски статус, јави дописникот на МИА од Белград.
-Курти во својата еуфорија од лудило сака во декември да поднесе апликација за прием во ЕУ, односно за почеток на процесот Косово да добие кандидатски статус. Ова се сериозни информации што ги имаме од ЕУ, дека тоа се планира и затоа донесовме одлука итно да разговараме за секој случај со сите земји кои не го признаваат Косово, изјави Дачиќ за новинарите во Софија, каде се одржа состанокот на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива.
Тој изјави дека дошол во Софија за оваа информација да го запознае бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, но посочи и дека најважната средба денеска била со унгарскиот министер за надворешни работи Питер Сијарто, кој, како што рече, „покрај Виктор Орбан, несомнено еден од нашите најголеми пријатели“.
Дачиќ рече дека по тој повод разговарал со словачкиот министер за надворешни работи и дека утре ќе биде во билатерална посета на Грција и дека има намера да контактира со романскиот, шпанскиот и кипарскиот министер за надворешни работи, овие земји да се спротивстават и да нема некое негативно изненадување.
-Сметаме дека тоа е невозможно, но затоа средбата со Сијарто ми беше важна и можам да ги пренесам неговите многу цврсти зборови дека Унгарија нема да поддржи доколку има такво барање за почеток на пристапниот процес на Косово, како што нема да го поддржи разгледување на предлогот за членство во Советот на Европа, рече Дачиќ.
Тој додаде дека ова е многу важна информација за Србија, наведувајќи дека е последица на добрите односи меѓу претседателот Александар Вучиќ и премиерот Виктор Орбан, како и односите меѓу двете земји кои се партнерски и братски.
-Мислам дека тоа е многу важно бидејќи во ЕУ не може да се донесе одлука без консензус. За нас е важно во овој момент да ги спречиме сите можни изненадувања и тоа да биде дополнителен фактор на притисок за нашата земја, рече Дачиќ.
Тој изјави дека Бугарија има поинаков пристап, потсетувајќи дека таа земја ја признала независноста на Косово.
-И Унгарија ја признала, но смета дека за секоја понатамошна приказна е неопходно да има договор, односно дијалог меѓу Белград и Приштина. Додека не се постигне тој договор, Унгарија нема да ги поддржи едностраните дејствија на Приштина, рече Дачиќ.
Тој рече дека Србија ќе разговара со сите земји од ЕУ и дека е многу важно сите да разберат што се случува на Косово.
-Ние сме за бриселскиот договор, за разлика од Курти кој не сака да го спроведе договорот и затоа не сме задоволни кога ЕУ дава соопштенија во кои ги повикува сите страни, а никакви причини за тоа нема кон Србија, напротив, додаде Дачиќ и посочи дека Бриселскиот договор има два дела, едниот е формирање на ЗСО, а другиот е учеството на Србите во институциите, наведувајќи дека второто нема да се случи додека првото не се случи.
Извор: МИА