Дачиќ и амбасадорот на САД разочарани од Приштина со воведувањето на најновите реципрочни мерки

Од:

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ и американскиот амбасадор во Белград, Ентони Годфри, на денешната средба изразија разочараност од последните потези на властите во Приштина и воведувањето на реципрочни мерки.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ во соопштението од српското МНР, на средбата изразил „разочарување од последните потези на Приштина во врска со увозот на српски производи и условите што тие ги поставија во тој поглед – т.н. воведување на реципрочни мерки“.

-Тој посочи дека ваквите одлуки се многу штетни, ги кршат сите претходни договори и го отежнуваат продолжувањето на дијалогот, потсетувајќи дека и амбасадорот Ричард Гренел претходно ја повикал Приштина да ги укине еднострано наметнатите такси и реципрочни мерки, се наведува во соопштението.

Американскиот амбасадор Годфри кажал дека го „споделува разочарувањето од потегот на Приштина и изрази надеж дека наскоро ќе бидат укинати сите ограничувања и ќе продолжи дијалогот“ сопштија од српското МНР.

Српскиот вицепремиер и министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ изјави денеска дека од воведувањето на новите трговски мерки од страна на косовската влада, камионите со стока од Србија претежно се враќаат од премините, бидејќи „никој не ги исполнува условите што ги бара косовската царина“.

-Со овие таканаречени реципрочни мерки формално се ограничува и забранува пласманот на стоки од Србија на Косово, затоа што условите се такви што ниту една компанија од Србија не може да ги исполни, изјави Љајиќ и додаде дека новите мерки „значат запирање на секој вид на трговија“ меѓу Белград. и Приштина.

Љаиќ објасни дека новите мерки се однесуваат на декларации и на фитосанитарни и ветеринарни сертификати кои мора да ја имаат ознаката дека производите одат за Република Косово.

-Тоа фактички би значело признавање на Косово и нашите гранични власти не можат да прифатат вакви документи и тие стоки не можат да преминат на територијата на Косово, додаде Љајиќ.

Во саботата, на 30 мај, косовската влада и наметна дополнителни трговски мерки на Србија, забранувајќи употреба на документи за земјоделски и индустриски производи кои користат „имиња на места што содржат елементи кои се во спротивност со Уставот на Косово, без именување на државата, кои не се адресирани на Република Косово, и содржат каков било елемент кој ја негира независноста и суверенитетот на Република Косово.“

Од 1 април, кога беа укинати таксите од 100 отсто, до 25 мај, од Србија пласирани се стоки во вредност од 34,8 милиони евра.

Одлуката на косовската влада ја критикуваше косовскиот претседател Хашим Тачи, но и специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој оцени дека ова го поткопува обновувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија и да тие мерки треба веднаш да се повлечат.

Би можело да ве интересира

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот

Земјотрес во Србија

Во Косово приведен македонски државјанин по кого е распишана меѓународна потерница заради тешко убиство

Орце Костов

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари