Бровина се извини, сликата од наводното силување „веројатно е фалсификувана“

Од:

Пратеничката на Демократската партија на Косово (ПДК) во косовското Собрание, Фљора Бровина денеска јавно се извини за објавувањето на фотографија за која тврдеше дека е доказ за силувања што ги извршиле српските воено – полициски сили во војната во Косово во 1998-99 година.

По денешното повеќе од тричасовно сослушување од страна на косовските специјални обвинители во полициската станица во Приштина, Бровина изјави дека сликата, за која вчера од собраниската говорница тврдеше дека го прикажува силувањето на 35-годишна Албанка од страна на тројца српски војници, „веројатно е фалсификувана“.

Пратеничката на владејачката ПДК рече дека фотографијата во 2003 година ја добила од тогашната пратеничка на сега опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Мевљуде Сарачи и дека никогаш не ја проверила нејзината автентичност.

Таа вели дека сликата ѝ ја предале Сарачи, која тогаш била потпретседателка на собраниската Комисија за исчезнати лица и активист на Советот за заштита на човековите права и слободи (КМДЛЊ), чие име не го помни.

– Не верував дека некој ќе ми даде нешто неверификувано и неточно, затоа не помислив дека тој документ може да биде невистинит. Сликата ми ја дадоа во 2003 година и ја чувам заедно со другите докази за воени злосторства. Им се извинувам на сите и ја прифаќам мојата одговорност, изјави Бровина, замолувајќи ги новинарите да не ѝ поставуваат „по 100 прашања“.

Сарачи, која сега е членка на невладината организација Група на граѓанското општество, како и претседателот на КМЛДЊ, Бехџет Шаља, негираа дека на Бровина ѝ ја дале спорната фотографија.

Сарачи изјави дека првпат ја гледа сликата што ја објави Бровина, додека Шаља нагласи дека не е можно таа фотографија на пратеничката на ПДК да ѝ била дадена од некого од неговата организација, бидејќи тоа би го имале документирано во нивната архива.

Бровина вчера покажа фотографија на која се гледа како три лица во униформи силуваат една жена. Таа изјави дека жената на сликата е 35-годишна косовска Албанка, која таа лично ја познава, а која во војната во 1999 година била силувана од тројца српски војници пред нејзиното семејство.

Според пратеничката на владејачката ПДК, сликата била пронајдена во фотографски апарат на друг српски војник, кој присуствувал на настанот.

По ова, неколку косовски медиуми објавија дека фотографијата е веројатно сцена од порнографски филм, пронајден на интернет сајтови во Ирак, кои го користат како пропаганден материјал за да ги обвинат американските војници за наводно силување на ирачките жени.

Објавувањето на фотографијата од страна на Бровина, а потоа и соменавњата за нејзината автентичност предизвикаа бурни реакции во косовската јавност, со обвиненија на сметка на ПДК дека ги злоупотребува жртвите на војната и му нанесува штети на Косово во настојувањата за расветлување на злосторствата извршени од српската држава во последната војна.

Би можело да ве интересира

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он