Брнабиќ: Приоритет е иницијативата мини Шенген и инфраструктурното поврзување на регионот

Од:

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на Инвестицискиот самит за Западен Балкан денеска во Лондон изјави дека регионот има големи можности кои треба многу подобро да се искористат.

Како што е објавено на веб-страницата на српската влада, Брнабиќ говорејќи на собирот организиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), на кој учествуваа премиери на шест економии во регионот, истакна дека иницијативата „мини Шенген“ и инфраструктурното поврзување во регионот се приоритетни проекти за Србија.

Брнабиќ објасни дека таканаречениот „мини Шенген“ се однесува на воспоставување на четири слободи на Западен Балкан – движење на стоки, услуги, капитал и луѓе.

Таа истакна дека Србија веќе работи на ова со Северна Македонија и Албанија, и изрази надеж дека и другите земји ќе се приклучат на иницијативата.

Како што оцени, оваа иницијатива најдобро придонесува регионот да се претстави како единствен и обединет пазар и место кое нуди поинаква иднина.

Српската премиерка истакна дека втора важна иницијатива е инфраструктурното поврзување, потсетувајќи дека минатата година е завршен Коридорот 10, како и дека продолжила изградбата на автопатот до Црна Гора и дека започнала изградбата на автопатот кон Сараево.

„Планираме до крајот на годинава да започнеме со изградбата на „автопатот на мирот“, Ниш-Приштина-Тирана-Драч, што најверојатно ќе биде финансиран од ЕБРД, кажа Брнабиќ, која порача дека Приштина треба да ги укине таксите за стоки од Србија и БиХ, бидејќи „треба да размислиме како да ја олесниме трговијата во регионот и да создадеме поволни услови за деловното опкружување.“

„Имаме многу потенцијали и мислам дека предноста е во тоа што ги водиме земјите и економиите во ерата на четвртата индустриска револуција, која предвидува специфични услови. Треба да размислиме што да правиме за да се зголеми квалитетот на животот. Ова е можност за сите нас“, кажа Брнабиќ.

Таа истакна дека на политичко ниво постојат одредени предизвици кои треба да се решат, а што, како што кажа, произлегуваат од фактот дека европската перспектива останала малку изгубена откако Албанија и Северна Македонија не добија зелено светло за почнување на преговори за пристапување во ЕУ.

„Се надевам дека одлуката ќе се смени, бидејќи е важна не само за овие земји, туку и за целиот регион“, изјави Брнабиќ, повикувајќи ги инвеститорите да се обратат со приватни иницијативи, со оглед на тоа, како што оцени, потребни се повеќе јавно-приватни партнерства.

Би можело да ве интересира

Земјотрес во Србија

Земјотрес кај Чачак

Ана Брнабиќ: Без разлика на предизвиците, важно е Србија и Република Српска да се држат заедно

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски