Илјадници грла угинати животни, во голем дел крупна стока која е во фаза на распаѓање, се заканува по поплавите во Босна и Херцеговина да предизвика појава на заразни болести – антракс, беснило, и многу други кои се пренесуваат на човекот, предупредуваат експерти од БиХ.
Претставници на Ветеринарската комора на Федерацијата БиХ и Ветеринарниот факултет во Сараево нагласија дека државата нема ниту еден голем крематориум за животни за да може да се отстрани крупната угината стока.
– Хрватска и Србија ни понудија одредена помош за спалување на угинатата крупна стока. Одреден број угинати грла е испратен кон Србија, каде ќе бидат спалени, рече деканот на Ветеринарниот факултет Нихад Фејзиќ.
Тој додаде дека денеска биле усогласени пет мерки кои итно мора да се преземат со цел спречување на ширење на заразата.
Ветеринарниот факултет ќе ги стави на располагање своите лаборатории за проверка на безбедноста на храната од животинско потекло и лабораторија за сточната храна, со напомена дека се очекува појава и на афлатоксин во житарките, по што и во млекото.