Ситуацијата во поплавените подрачја во Србија денеска е стабилна, а ноќта мина без проблеми на Сава и Дунав, јавуваат српските медиуми. Во Белград ситуацијата на двете реки е стабилна во очекување на пораст на водостојот во текот на денов.
На Дунав состојбата е под целосна контрола. Водостојот кај Бездан е под границата на редовната одбрана, а во Унгарија е во натамошен пад.
Ситуацијата во поплавените места во Срем се смирува, но сепак околностите не се безбедни за враќање на евакуираните граѓани, изјави координаторот на Кризниот штаб во Моровиќ, Младен Курибак.
Се очекува денеска евакуираните жители на Бариќ да се вратат во своите домови.
Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во неговиот оперативен центар од 18 мај до денеска е пријавено исчезнувањето на 798 лица, од подрачјата загрозени од поплавите, од кои се пронајдени 215. Министерството нагласува дека овие бројки не се прецизни, поради тоа што повеќе граѓани пријавуваат исчезнување на едно исто лице.
На подрачјата погодени од поплавите се пронајдени 27 жртви, од кои најмалку десет или 11 починале од природна смрт. Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека обновата на земјата ќе се одвива во четири фази, а оти од донаторите се очекува една четвртина од потребните пари.