Белград и Приштина денес ќе ги разменат офицерите за врска, Дејан Павичевиќ кој треба да пристигне во Канцеларијата на ЕУ во Приштина и Љуљзим Пеци во Мисијата на ЕУ во Белград.
Нивна задача според зборовите на Павичевиќ е да ја олеснат комуникацијата во рамките на имплементација на договорот.
Тој за „Танјуг“ неодамна истакна дека најпрвин ќе има неколку подготвителни состаноци со представниците на Канцеларијата на ЕУ и високиот претставник Самуел Жбогар , а можни се состаноци и со представниците на Еулекс.
Павичевиќ истакна дека и Пеци во Белград треба да се сретне со луѓето од Мисијата на ЕУ, а веројатно и со нејзиниот шеф Венсан Дежер.
-Имам јасни инструкции од страна на владата и ќе се придржувам кон нив, со цел за подобра имплементација и создавање подобри услови за живот на Србите на КиМ, порача Павичевиќ и додаде дека тој ќе биде претставник на владата при Мисијата на ЕУ во Приштина , а не кај привремените косовски власти.
-Колку што знам во Приштина живеат седумнаесет Срби , а јас ќе бидам 18 –от, изјави тој за „Б92“.
Пеци за разлика од него нагласи дека задачите кои што ги имаат се слични со задачите на шефовите на дипломатските мисии и дека се однесуваат на билатералните односи помеѓу двете држави.
Елена Георгиевска