Висок претставник на грчката Влада ја обвини Германија дека има арогантен пристап кон преговорите за нов аранжман со Атина.
Британската телевизија Скај Њуз пренесува изјава на анонимен претставник на Владата на Алексис Ципрас, кој вели дека ароганцијата на Германија е слична на онаа од нацистичкиот период, кога од Грција било барано да се предаде.
Денешните обвинувањата од Атина се само продолжение на низата меѓусебни обвинувања и спротивставени ставови за начинот на кој што треба да се реши проблемот со грчкиот долг.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, Германија е најголем кредитор на Грција и најсилен застапник на ставот дека Атина мора да продолжи со спроведување на мерките за штедење ако сака да добие свежи пари.
Доколку во текот на оваа недела Грција не направи нов договор со „тројката“ кредитори – ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, грчките банки би можеле да останат без пари, а земјата да дојде на чекор до излез од еврозоната.