Амбасадорите во Советот за безбедност го поздравија дијалогот помеѓу Србија и Косово

Од:

На вчерашната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации на која се разговараше за шестмесечниот извештај на УНМИК за состојбата во Косово, амбасадорите ја искористија можноста да го поздрават продолжувањето на дијалогот и потпишувањето на Вашингтонскиот договор за нормализација на економските односи.

На почетокот на сесијата, шефот на УНМИК, Захир Танин го поздрави продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина и ги повика двете страни да ги решат сите отворени прашања преку конструктивен дијалог.

Танин нагласи дека отстранувањето на даноците кои беа наметнати од Приштина на стоки кои доаѓаат од централна Србија ја отвори вратата за продолжување на дијалогот што доведе до потпишување на економскиот договор во Белата куќа со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.

Зборувајќи за работата на Специјалниот суд, Танин рече дека обвиненијата против Хашим Тачи и Кадри Весели кои беа објавени во јуни се загрижувачки поради негативните реакции од страна на приштинската јавност кои биле „политички мотивирани“.

Претставникот на Србија, Ивица Дачиќ, рече дека е направен чекор во вистинска насока на почетокот на септември, кога станува збор за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и дека преговорите не се лесни бидејќи сè уште има значителни разлики во пристапот.

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Мелиза Харадинај-Стубла наведе дека Белград го попречува приемот на Косово во меѓународните организации, вклучително и во Интерпол.

Стубла ја обвини Србија „дека не признава вина за минатите конфликти“ и посочи дека „мирот во регионот нема да биде возможен се додека косовските Албанци не ја добијат правдата“.

Таа го обвини Белград за кршење на неколку точки од договорот од Вашингтон, повикувајќи се на мораториумот, 5G и исчезнатите лица, како и нарушувањето на стабилноста во регионот.

Од друга страна, амбасадорите во ООН,  го поздравија потпишувањето на договорот од Вашингтон и понатамошниот дијалог меѓу двете соседни држави во Брисел.

Американскиот заменик-амбасадор во ООН, Норман Шалет, го опиша договорот како историски ден кога српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти дадоа согласност за економско нормализирање на односите во Белата куќа. Тој јавно ги пофали двајцата лидери што покажале голема храброст во преговорите.

Рускиот амбасадор во ООН, Василиј Небенжја рече дека повиците за отстранување на границите меѓу Албанија и Косово се загрижувачки, но исто така ги поздрави активностите на претставниците на ЕУ во преговорите Белград-Приштина, изразувајќи надеж дека претставникот на Брисел „ќе направи напредок кон постигнување договор“.

Оваа седница на Советот за безбедност при ООН поради пандемијата со Ковид-19 се одржа преку видео врска.

Би можело да ве интересира

САД ставија вето на приемот на државата Палестина во ОН

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов