Абдиџику: Не видовме дека Курти има план за решавање на ситуацијата во северно Косово

Од:

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику, по состанокот што премиерот Албин Курти го свика со опозициските лидери по повод случувањата на северот од земјата, изјави дека побарале од владата поголема координација со сојузниците за справување со состојбата создадена со излегувањето на Србите од косовските институции, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред медиумите по завршувањето на состанокот, Абдиџику изјави дека владата не смее да ги доведе граѓаните во ситуација да избираат меѓу законитоста и сојузниците.

– Треба да седнеш и да донесеш заеднички одлуки. Не треба да се избира меѓу законитоста и сојузниците, затоа што тоа би било погрешно. Да не го претвориме во прашање на внатрешната политика. Треба да бидеме единствени, но во тоа единство да бидеме заедно и со меѓународните сојузници. Инаку, секоја нова ситуација ќе биде одговорност на Курти, изјави Абдиџику.

Тој додаде дека Курти на состанокот не рекол нешто повеќе од она што го изјавува на прес-конференции и не изнел конкретни решенија за справување со состојбата.

– Не разбравме нешто ново и не видовме некој конкретен план за решавање на состојбата на север предизвикана од институционалниот, судски и правен вакуум (во средините со мнозинско српско население), рече Абдиџику.

Тој порача дека Курти ќе ја има поддршката на ЛДК, меѓутоа побара тесна координација со САД и европските сојузници.

– Не видовме некакво движење или готовност за целосна координација со меѓународните сојузници. ЛДК смета дека тесната координација со американскиот Стејт департмент, со американските безбедносни институции, со нашите сојузници во Вашингтон и Брисел, е единственото адеквантно решение за моменталната ситуација во која се наоѓа Косово, рече Абдиџику.

На состанокот кај Курти присуствуваше и лидерот на Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи, додека оној на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај ја напушти средбата набргу по започнувањето и изјави дека премиерот држел “предавања“ и не објаснил „зошто ги расипа односите со Америка“.

Косовските Срби ги напуштија институциите на државно и локално ниво по најавите од владата на Курти дека ќе ги казнува лицата кои нема да ги сменат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Дачиќ: Договорите од Брисел се круна на учеството на Белград во дијалогот, ЗСО им дава широк спектар на надлежности на Србите

Ана Ололовска

Курти: Добив предупредувања за намалување на западната поддршка доколку Косово не биде конструктивно

Горан Наумовски

Курти: На Косово не постојат српски општини, Вучиќ го прекрши договорот

А1он

Курти: Меѓусебното признавање да биде основа на предложениот договор

А1он

Кирби: Ситуацијата со Косово е поврзана со танцот на Курти и Вучиќ, договорот за ЗСО е постигнат одамна

А1он

РСЕ: Лајчак во Приштина на средба со косовскиот вицепремиер

Ана Ололовска