150 европратеници ги повикаа Вучиќ и Брнабиќ да овозможат одржување на Европрајд маршот во Белград

Од:

Околу 150 пратеници на Европскиот парламент (ЕП) денеска ги повикаа српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ да овозможат одржување на парада на гордоста, како дел од паневропската ЛГБТИ манифестација „Европрајд“, наведувајќи дека забраната за тој собир не е решение независно заканите упатени кон учесниците.

Во писмото потпишано од 145 европратеници, меѓу кои и шест потпретседатели на ЕП, пет шефови на пратенички групи и претседателката на Делегацијата на ЕП за односи со Србија, Алесандра Морети, се наведува дека „парадата на гордоста е мирна алатка за политичко застапување и еден од начините на кој се кристализира универзалното право на слобода на изразување и мирно собирање“, објави на Твитер групата социјалисти и демократи во ЕП.

Во писмото испратено до српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ, шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија Емануеле Жофре, генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) Стефан Санин и до амбасадорката на ЕУ за родови прашања и различност Стела Ронер -Грубачиќ, пратениците посочуваат дека парадите на гордоста „столб на социјалната видливост на ЛГБТИ активистичкото движење“.

„Одлуката Белград да биде домаќин на „Европрајд“ во 2022 година беше придружена со бројни очекувања. Белград со години се бори за еднаквост на ЛГБТИ луѓето во регионот. Според тоа, Европрајдот што се одржува во Белград овој септември ќе биде пресвртница и за движењето и за регионот“, се наведува во писмото иницирано од интерпарламентарната група за правата на ЛГБТИ.

Тие додаваат дека „Европрајд“ ќе го направи Белград првиот град во Југоисточна Европа и првиот надвор од Европската економска област што бил домаќин на „главен настан за паневропската ЛГБТИК заедница“.

Европратениците укажуваат на големото значење на настанот поради дискриминацијата со која членовите на ЛГБТИ заедницата сè уште се соочуваат на Балканот, како и во другите делови на Европа.

„Ниту една европска земја не успеа да ја елиминира дискриминацијата, што потврдува зошто на борбата за ставање крај на нееднаквоста и дискриминацијата ѝ е потребна сета политичка поддршка што може да ја добие. Доделувањето на „Европрајд“ на Белград беше и останува вистинска одлука“, се наведува во писмото.

Пратениците наведуваат дека „длабоко ја ценат политичката волја“ и ги повикуваат највисоките претставници на Србија да ја продолжат „таа позитивна соработка” и да ги „поддржи организаторите во одржувањето безбеден и афирмативен Европрајд марш“.

„За жал, постоењето често насилни контрапротести против ЛГБТИ, не е новост за „Прајд“ и затоа полициската реакција треба да биде брза, ефективна и пропорционална. Доколку има потреба, треба да се ангажира повеќе полиција за да се обезбеди ефективно одржување на парадата на гордоста и другите настани“, додаваат европратениците.

Тие потсетуваат и на обврските на Србија во рамките на Советот на Европа, што подразбира дека земјите-членки треба да обезбедат спроведување на законот и да преземат соодветни мерки за заштита на учесниците на мирните демонстрации во корист на човековите права.

Европратениците апелираат до раководството на Србија да овозможи „Европрајд“ да се одржи според планираното, дополнително да се заложи за ангажман на доволен број припадници на безбедносните сили за да се обезбеди безбедноста на собирот и да продолжи дијалогот со Делегацијата на ЕУ и со организаторите на настанот, со цел да се најде решение што го гарантира горенаведеното.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека нема да ја промени одлуката за забрана на парадата на гордоста во рамки на „Европрајд“, закажана за 17 септември, дури и ако тоа го побараат американскиот претседател Џозеф Бајден и лидерите на другите моќни земји.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Вучиќ на СБ на ОН: Со изборната кампања на Курти во Северна Македонија, тој ја поткопува регионалната стабилност

Вучиќ за коспонзорството на резолуцијата за Сребреница: Тоа е благодарност за она што го направивме за Скопје

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Ана Брнабиќ ги распиша изборите за Белград за 2 јуни

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Вучиќ: Вчера над Ваљево леташе балон или шпионски дрон, следниот пат ќе го собориме

Вучиќ: „Се поблиску сме до голем светски конфликт“