На денешен ден роден е Милан Младеновиќ, фронтменот на Екатерина Велика, а по тој повод документарниот филм „Лимоново дрво“ од Бранко Радаковиќ ќе биде премиерно прикажан денеска во Загреб, местото на раѓање на легендарниот рокер.
Во филмот се зборува за култната музичка група „Лимоново дрво“ која во 1977 година ја основаа во Белград, Милан Младеновиќ, Милан Стефановиќ и Драгомир Михаиловиќ, а се распадна во 1980 година.
Двајцата основачи на бендот и нивните пријатели со кои соработувале се потсетуваат на тој креативен период.
Иако немаат објавено ниту еден албум, низ сведочењето на многубројни познати новинари, личности од светот на рок музиката и уметноста, се открива зошто „Лимоново дрво“ е еден од најважните музички состави на овие простори.
По првпат јавноста и публиката ќе имаат можност во ова остварување да слушнат и долго чувани во тајност, автентични снимки од музички нумери на „Лимоновото дрво“ (снимени на два нивни самостојни концерти): Не верувај, Блуз, Тема за 20 минути, Измамен, 9.круг. Лимоново дрво, Јас секогаш бев твој, Сонце, Воздух, ТВ и Трага.
Учествуваат: Милан Стефановиќ, Драгомир Михаиловиќ-Драги, Душан Којиќ-Која, Зоран Радомировиќ-Шваба, Зоран Лесендриќ – Кики, Душан Весиќ, Момчило Рајин, Бранимир Локнер, Александар Жикиќ, Срџан Гојковиќ, Небојша Пајкиќ, Љубомир Јовановиќ, Сандра Ранчиќ, Јадранка Јанковиќ, Петар Јанјатовиќ, Владимир Јанковиќ – Џет, Субравка Марковиќ и други.
Милан Младеновиќ е роден 21 септември 1958 година. Почина многу млад, на 36 години.