(ВИДЕО): Трнлив пат на шимпанзото Коко до неговото враќање дома

Од:

Десет години постар, со бела брадичка, смирен и кроток, 24-годишното шимпанзо Коко мирно седеше на прозорецот во Зоолошката градина во Скопје, откако заедно со уште три други шимпанза пристигна во Скопје, по десетгодишна ресоцијализација во Холандија.

Пред десет години, оние што го паметат Коко го паметат по тоа што тажно седеше во своето живеалиште во Скопје, сам, пружајќи рака за посетителите да му дадат сончоглед, а потоа уредно ги редеше лушпите на едната, а сончогледот за грицкање на другата страна.

Во последниот период пред да замине за Холандија, тој постојано седеше свртен со грб кон посетителите, одбивајќи интеракција. Причината за тоа беше едноставна – шимпанзата се социјални суштества, а Коко не знаеше дека постои друго шимпанзо на светот. Неговиот татко починал уште пред тој да се роди, а неговата мајка кога тој имал 9 месеци. Од 1995 до 2009 година Коко беше комплетно сам, кога под притисок на јавноста и на неговите чувари беше испратен во Холандија на ресоцијализација. Колегите новинари кои го посетуваа, тогаш известуваа дека долг бил периодот додека Коко да научи дека на планетава постојат и други суштества од неговиот вид – прво му пуштале филмови со шимпанза, кои тој зачудено ги гледал, па дури потоа тој бил запознаен со други шимпанза – истите оние со кои тој сега допатува во Скопје.

Најголема радост можеше да се види кај чуварот Драган Трајковски, кој со години се грижел за Коко и бил најголем поборник тој да се прати на ресоцијализација.

„Видете го, уште е убав“, возбудено велеше тој додека новинарите чекаа да го фотографираат.

„Коко ни беше дар од Бога, на сите вработени во зоолошката, на посетителите и љубителите на животни. Цела грижа откако остана сам и цела посветеност ја дадов за негова среќа и благосостојба. И дојде денот кога требаше да замине. Еве, поминаа 10 години и вчера го остваривме првиот контакт. Пресреќни сме, плачевме“, вели Драган.

Во последните два дена можат да се слушнат коментари дека е тажно што од Холандија овие загрозени видови завршуваат токму во Македонија, но вистината е дека овие социјални суштества се приврзуваат едни со други и се учат да функционираат како семејство. Едно такво семејство сега ќе живее во скопската зоолошка градина. Семејство кое и нема баш среќна историја.

Најстарата, Мими, е родена во 1962 година. Не сака многу интеракција со луѓе и прави преубави креветчиња ако ѝ се даде кебе. Добра е при решавање конфликти во групата. Дури и сега, кога новинарските екипи ги посетија во скопската зоолошка, и бевме предупредени да бидеме што е можно потивки за да не се вознемират, Мими седеше мирно и грицкаше морков.

„Мими поминала низ многу премрежја. Живеела во германски градина-центар, а има работено и во циркус. Била болежлива, па директорот решил да се ослободи од неа. Во Германија живеела во мала соба со уште едно шимпанзо сè до 2014 година, кога била донесена во Алмире, Холандија, кога повторно заживеала“, велат од скопската зоолошка.

Судбините на Роси и Хјасл се уште потрагични. Во 1982 година авион од Африка слетал во Виена со 12 многу исплашени, шестмесечни шимпанза. Биле заловени и тргнати од нивната мајка и од природата. Девет биле наменети за трговец со животни, едно шимпанзо за сопственик на продавница за миленици и две шимпанза за лабораторија за тестирање на помагала во Австрија.

Поради недостиг на документи, тие биле конфискувани на аеродромот во Виена и однесени во зоолошката градина во Австрија за лекување. Од нив, преживеале само три – Хјасл, Роси и Хенри.

Овие три шимпанза потоа биле однесени во австрискиот Центар за спасување. Хенри бил пратен во германска зоолошка градина во 1986 година, каде што живеел со други шимпанза до неговата смрт во 2015 година.

Хјасл и Роси биле пренесени во Организацијата за рехабилитација и ресоцијализација на шимпанза, примати и егзотични животни ААП (Animal advocacy and protection) во 2016, а од пред два дена во Скопје.

Хјасл, како најтемпераментен и најдоминантен во групата, денеска очекувано беше и највознемирен. Камерите и блицовите од фотоапаратите го вознемирија, па на новинарските екипи им беше укажано да ја напуштат просторијата, додека тој со тропање со нозете се обидуваше да покаже дека е алфа-мажјакот на новата територија.

Денеска четирите шимпанза беа префрлени во нивното ново живеалиште во скопската зоолошка градина, за кое градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вели дека ги исполнува сите европски стандарди. Живеалиштето за шимпанзата има голем внатрешен и надворешен дел и е збогатено со голем број реквизити.

„Живеалиштето се градеше две години, го забрзавме интензитетот, но имаше одредени  недостататоци, па во текот на годинава ги средивме сите ситници и направиме живелаиште по европски стандарди“, вели Ѓорги Галетановски, директор на скопската зоолошка градина.

Шимпанзата се загрозени видови во светски рамки – од еден милион шимпанза, сега во светов се останати само 150 илјади.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Неверојатна снимка: Шимпанзо кое го помина целиот живот во кафез првпат го виде небото

Мајмунчето Лука излегува од гнасниот кафез од битолската и се враќа во скопската ЗОО

Мери Јордановска

Емотивна средба по десет години меѓу шимпанзото Коко и неговиот чувар

Мери Јордановска

(Видео) Зоолошката градина спаси четири бебиња верверички кои паднале од дрво

Мери Јордановска

Акција за чистење на езерцата во Зоолошката градина

Сандра Бошковска

Хуманитарна акција „И јас сум Дедо Мраз“

Наум Локоски