ВИДЕО: Светските лидери прават гафови како и сиот „обичен свет”

Од:

Медиумите забележаа низа гафови на светски и европски официјални претставници во изминатава година, од кои некои наидоа на симпатии, а некои – на потсмев.

„Очите“ на светот посебно беа вперени кон американскиот претседател Доналд Трамп, кој и онака со своето однесување отскокнува од традиционалното клише и однесување на шеф на светска сила.

Во октомври, на пример, најмногу коментари предизвика видео записот на Трамп како, влегувајќи во авион, се обидува да го затвори чадорот, а откако му успеа да се избори со него, само несмасно го остави пред влезот.

Медиумите минатиот јули во Белата куќа забележаа како Трамп „се бори“ со копчињата на телефонот во обид да го повика мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието.

Обидот, го следеа многу гримаси што притоа ги правеше Трамп, па снимката го обиколи светот.

Истиот месец, во текот на заедничката прес-конференција со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки, од рускиот лидер доби на подарок топка, која само ја потупка, а потоа и ја дофрли на сопругата Меланија, која седеше во публика.

Бура од потсмев, меѓутоа, Трамп предизвика кога на турнејата по балтичките земји, во април, на запрепастување на тројцата домаќини ги обвини нивните земји дека „во 90-тите години на минатиот век започнале војни, кои довеле до распад на Југославија“.

Во текот на таа средба Трамп по грешка рече и дека спорниот гасовод „Северен поток 2“, од Русија до Германија, треба да се изгради низ територијата на балтичките држави, но тие, меѓутоа, не се на таа траса.

Доволно „материјал“ за медиуми од тој тип даде и францускиот претседател Емануел Макрон, кој во мај направи голем гаф, кога сопругата на австрискиот премиер ја нарече „вкусна“, наместо пријатна, бидејќи, за разлика од англискиот „delicious“, во француска варијанта се преведува и како прекрасен или пријатен.

Во јуни Макрон се „истресе“ на еден тинејџер, бидејќи го нарече по прекар „Ману“ и пред него ја пееше химната на социјалистите.

Макрон на тоа му одговори дека во Франција денес се пее Марсељезата и оти мора да го ословува со „господин претседател“.

Сепак, крајно невообичаено однесување за еден претседател на држава, Макрон покажа во ноември, при средбата со американскиот претседател Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел, на собирот по повод еден век од потпишување на примирјето во Првата светска војна, кога повеќе пати ги допираше за колено и фаќаше за нога.

Хрвастката претседателка Колинда Грабер Китаровиќ оваа година го привлече вниманието на светската јавност со однесувањето за време на Светското првенство во фудбал во Русија, кога со своето жестоко навивање за хрватската екипа во навивачки жар бакнуваше секој што беше во нејзина близина.

Дента на финалето, меѓу фудбалските репрезентации на Франција и Хрватска, не и пречеше ниту дождот, ниту бројните блицеви да го гушка и бакнува францускиот претседател Макрон и членовите на хрватската репрезентација.

Иако, целосно накисната, Грабар Киатровиќ во дрес на репрезентацијата и бели пантални потскокнуваше, пееше, гушкаше и бакнуваше, а не сметаше дека е проблем така накисната да втрча во соблекувалната на хрватската репрезентација и по ред да ги гушка и бакнува разголените фудбалери.

Уште една жена го сврте вниманието на себе, исто така не поради политички ставови, туку поради однесувањето, но не и со симпатии на какви наиде хрватската претседателка.

Британската премиерка Тереза Меј во текот на африканската турнеја во август во повеќе наврати се обиде да танцува, што предизвика лавина на потсмешливи коментари на социјалните мрежи.

За нејзиниот обид да одигра традиционален африкански танц со денови се зборуваше во јавност, а дека тие коментари не ја допреле, Меј покажа на Конференцијата на нејзината Конзервативна партија, каде прошета играјќи на песната „Денсинг квин“ од шведската поп група Абба.

Поради неа и нејзиниот начин на играње, на социјалните мрежи се појави име за нејзиното танцување – Мејбот.

Сепак, шампион на гафови и оваа година е претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, инаку, познат по своето неконвенционално однесување.

Тој повеќе пати во јавност, според пишувањата на светски медиуми се појави „под гас“, а на еден од собирите, поточно на самитот на НАТО одржан во Брисел, мораа дури да го придржуваат и додека стоеше на бина, бидејќи толку се нишаше што не можеше да стои, а му требаше помош и додека се симнуваше од бината.

Неговиот Кабинет соопшти дека причина за таквото држење на Јункер биле болки во грбот.

Во ноември, Јункер дојде во центарот на вниманието, бидејќи на еден собир носеше чевли со различни бои.

Кога беше воочено дека носи еден кафен и еден црн чевел, луѓето од неговиот тим брзо го извадија Јункер од салата, по што тој се врати со „спарени“ чевли.

Кон крајот на годината, Јункер направи уште еден гаф, за некои симпатичен, за некои не – кога на Самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, влегувајќи во салата каде што се одржа собирот и пријде на жена од протоколот и ја фати за косата, а потоа продолжи натаму, прегрнувајќи и бакнувајќи ги сите на кои наиде.

Косовскиот заменик-премиер, Енвер Хоџај, се посрамоти пред своите сонародници, кога беше објавена фотографија, по заедничката седница на владите на Косово и Албанија во Пеќ, на која се гледа дека не знае правилно да ги постави рацете во знакот на „крилјата на орелот“.

И романската премиерка Виорика Данчила, чиј мандат всушност е полн со различни „смешни“ ситуации, имаше „свој момент“ минатата година на Самитот на Централноевропската иницијатива во Загреб.

Хрватските медиуми, во таа прилика, посветија големо внимание на нејзиниот јазик и политичките гафови, па потсетија дека е избрана на крајот од јануари минатата година како прва жена премиер на Романија и дека веднаш по две недели од мандатот изјавила дека „тие кои ја дезинформирале Европската унија и покрај фактот дека ја знаат вистината, се аутисти“.

Изјавата наиде на осуда на локалните невладини организации, па падна извинување од премиерката.

Медиумите тврдат дека англискиот јазик не и оди од рака, а тоа го покажа при средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кога на изразеното задоволство на израелскиот колега за нивната средба, таа само рече: „Хе,хе”.

И во јуни, романската премиерка го заборави името на естонскиот премиер Јуриј Ратас на заедничката прес-конференција, на која, всушност, знамето на Естонија беше превртено наопаку, а грешката на протоколот ја исправи самиот естонски премиер.

Како еден од посериозните гафови на премиерката на Романија и се припишува тоа што во јули, за време на посетата на Подгорица, го замени главниот град на Црна Гора со оној на Косово и рече дека е среќна што е – во Приштина.

Можеби најсимпатичен гаф и се случи во септември, кога требаше да го пречека шефот на Еврокомисијата, Јункер, но на аеродромот пристигна кога колоната со европскиот официјален претставник го напушти аеродромот.

Од нејзиниот кабинет подоцна соопштија дека Данчила не задоцнила, туку Јункер дошол порано.

Би можело да ве интересира

Момче од Бања Лука стана хит поради „костумот“ за матурската забава

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Неверојатно: Ја слушала навигацијата и со автомобилот паднала во море

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Српска водителка: „Србија е двојно помала, можеби дури и повеќе од двојно помала од Америка“

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Човек отвори контејнер, а од него излезе мечка: Се уплашија еден со друг, па почнаа да бегаат

Ана Ололовска

ВИДЕО: Работник го поправаше крилото со селотејп пред да полета авионот, патниците збунето го гледаа

Ана Ололовска

Автомобил слета на првиот кат од куќата и за малку ќе завршеше во спалната соба: Како успеа да го направи ова?

Предраг Петровиќ