ВИДЕО: Македонски познати лица во новата кампања на Моден Викенд Скопје

Од:

Ѕвездата Јана Бурческа, писателката Ксенија Николова, дизајнерката Стефанија Насеска и ракометарката Викторија Пеовска, сочинуваат мал дел од протагонистите во мултимедијалниот проект, преку кој визуелно се воспева градот домаќин на најголемиот моден настан во метрополата. Во периодот кога светот е исправен пред најтешкото искушение на денешницата, екипата испраќа охрабрувачки пораки до сограѓаните. Времето на блесок ќе дојде!

Моден Викенд Скопје оствари професионална соработка со сценаристот и режисер Кристијан Шемко, реализирајќи ја кампањата со симболичен назив „It’s time to Shine“, во рамките на дваесет и првата сезона, со која се иницира втората декада од постоењето на манифестацијата. На крајот од месец февруари беа снимени видео портрети и едиторијални фотографии со познати македонски личности од сферата на дизајнот, културата, уметноста и спортот, одразувајќи го на автентичен начин ритамот во кој пулсира секој од ликовите.

„Заедно успеавме да го оживееме и прикажеме динамичното секојдневие, модниот дух и вибрацијата на градот Скопје. Целиот тим беше посветен и фокусиран на истата цел – да се направи најдоброто. Секогаш ми е задоволство да работам со мотивирани луѓе, кои инспирираат и создаваат. Сметам дека тука лежи клучот на успехот за секој проект.“, истакнува режисерот и сценарист Кристијан Шемко. Сите индивидуални клипови може да се погледнат на социјалните мрежи Instagram и Facebook, или, пак, на официјалниот YouTube канал на МВСК.

Низ карактеристичните сцени се овековечени низа монументални, но и современи локации во јадрото на метрополата, како што се Национална опера и балет, Филхармонија, Градски Трговски Центар, Скопје Сити Мол, зградата на главната Пошта, катна гаража Македонска фаланга, Камени мост и кејот на реката Вардар, во комбинација со пешачките улички и метежните булевари. Ентериерот на хотелот Мериот и бар-ресторанот Дистрикт, пак, се покажа како вистински избор за кадрите со топла и пријатна атмосфера.

Главните улоги во проектот им се доверени на пејачката и телевизиска водителка Jaна Бурческа, писателката Ксенија Николова, ракометарката Викторија Пеовска, дизајнерките Стефанија Насеска, Наталија Терзија и Машенка, фотографите Филип Пашоски и Ерина Богоева, инфлуенсерката Никица Ацева, фитнес тренерот Марјан Мане Стојановски, моделите Моника Алексовска и Борјан Ристовски, сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски, односно Бетина Алили, Илариа Кирилов и Христијан Младеновски, перспективните студенти по моден дизајн на Европскиот Универзитет во Скопје.

Извршен продуцент на кампањата е Милан Атанасов, координатор на тимот за односи со јавност на Моден Викенд Скопје, со асистенција и техничка поддршка од двоецот Јулија Бошевска и Мајкл Шемкоски. Фотографиите се дело на Дорина Јанева и Марина Трајковска, графичкиот дизајн го изработи Јана Марковска – Do More, а скиците ги илустрираше талентираната Магдалена Милојкоска.

Гласот за видеата го позајми Ксенија Николова, која воедно се потпишува и како автор на стиховите за опис на ликовите:

„Искуството беше волшебно! Ми се допадна приказната од почеток, особено фактот дека отсликува различни ликови, од сосема различни сфери, кои работат сосема различни работи, а сепак сите ги сврзува едно нешто, а тоа е љубовта кон тоа што го работат. Позајмувањето на гласот и пишувањето на стиховите се случи спонтано. Сите ликови кои беа дел од овој проект се инспиративни самите по себе. Затоа, црпењето на инспирација не беше воопшто тешко, туку сосема природно.“

За шминката на протагонистите се заслужни мејкап артистките Симона Ѓорѓиевска и Милена Косиќ од Школа за убавина АРТ, благодарение на палетата со производи од Farmasi, додека за фризурите се погрижи стилистот Мидесир Хасан од Бубе студио Ин, користејќи ги продуктите за коса од Revlon Professional.

Поради актуелната состојба со вирусот Covid-19 во нашата земја, одржувањето на 21-то издание на Моден Викенд Скопје е одложено.

Дотогаш, организаторите се придружуваат кон апелот до граѓаните, да останат на безбедно дома и почитуваат сите превентивни мерки за заштита на здравјето, испраќајќи им срдечна поддршка во миговите на социјална изолација:

„На кампањата работевме со огромен елан и ентузијазам, понесени од напливот на позитивна енергија со која бевме постојано окружени. Нештата во меѓувреме се променија. Меѓутоа, оптимизмот дека сѐ ќе се постави во нормален тек, нема да нѐ напушти ниту сега, а ни во иднина. Истото им го посакуваме и на луѓето за кои постоиме, твориме и ги создаваме сите проекти. Заедно да се обединиме во вербата за подобро утре, но и самите со личните напори и постапки да придонесеме кон тоа. Градот убав повторно ќе светне во полн сјај, а искрата на надежта одново силно ќе бликне во нашите срца. Порано или подоцна, блесокот ќе се врати во животите на секого од нас.“

Би можело да ве интересира

Стоп на новата мода, некој треба да се уапси, доаѓаат најгрдите чизми

Предраг Петровиќ

Јапонија низ креации на македонски дизајнери – Алшар, Ивановски, Маригуча и Технолошкиот факултет со свои креации на Нихон-Џи 2.0

Ана Ололовска

Познатата манекенка се сликаше гола за Велигден: поради скандалозната фотографија ги исклучи коментарите, не можеше да ги поднесе навредите

Ана Ололовска

Поранешна манекенка колабираше на работа и почина – имаше само 25 години

Горан Наумовски

Најпознатите македонски модели блеснаа во комбинации од Fashion Group

Горан Наумовски

Ја исмеваа поради изгледот по породувањето: Адријана Лима брутално им одговори на критичарите со нова фотографија

Ана Ололовска