Вевчани подготвено за годинашниот карневал

Од:

Во пресрет на Стара Нова година и празникот Василица, Вевчани и оваа година ќе биде домаќин на традиционалниот карневал – безграничен театар кој секоја година на 13-ти и 14 јануари собира стотици маскирани лица.

Годинава  ќе гостуваат музичари од Македонија и од соседните земји. Во преткарневалската програма е новогодишниот концерт на КУД Дримкол од Вевчани на 11 јануари, а наредниот ден ќе настапат и Скандал састав, Верица Ристевска, Стрингс – Пламенка Трајковска трио, Пука козметика и Дивље јагоде. На 12 јануари ќе биде презентиран и меѓународниот проект „Карневалот крал на Европа“.

Вевчанскиот карневал официјално ќе почне на 13 јануари напладне и вечерта ќе продолжи со фолк програма и учество на Чаки панкерот, Дијана бенд, Нино Величковски и Благица Павловска. Карневалот завршува на зајдисонце на Василица, 14 јануари, со церемонијално палење на маските. Фрлањето на маските во огнот го симболизира уништувањето на злото, прочистување од лоши духови и влегување со чиста душа во новата година која на тој датум почнувала според стариот календар.

Во изминатите три години Министерството за култура го помага карневалот со еден милион денари. Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ на прес-конференција денеска рече дека  е големо задоволство да се биде дел од настанот.

– Радува фактот што тој од година во година има се поголем број посетители и многу содржини, кои не само што наидуваат на позитивен одѕив кај домашните гости, туку се и предизвик за гостите од странство, кои може да се запознаат со нашата многувековна традиција, рече Недељковиќ.

Градоначалникот на Вевчани Перо Илиевски покани од 12-ти до 14 јануари да се биде во Вевчани за да се види, рече тој, како се негува и развива традицијата од предците.

– Најмногу ме радува што во карневалската поворка се повеќе има млади луѓе, и машки и женски, што не било во изминатиот период. Тоа ни дава голем мотив и сила да и покажеме на јавноста како се штити традицијата и како се исмеваат некои настани, заради подобро утре и за да не грешиме во животот, рече Илиевски.

На новинарско прашање дали општината презела мерки да не се повторат провокации како минатата година, кои предизвикаа меѓуетничка тензичност, Илиевски одговори дека градоначалникот и институциите не може да се мешаат во изборот на маските.

– И лани реков дека во карневалот не може да се меша ниту градоначалникот, ниту некоја институција, но вевчанци се многу мудри и нивната мудрост ќе преовлада. Во минатото не треба да се гледа негативно, туку да се извлечат и позитивностите, додаде Илиевски.

Карневалското дефиле се случува на вевчанските улици, кои стануваат сцени за парада на маски со кои се илустрира инвентивноста и досетливостана на тие што ги носат. Покрај традиционалните маски на Карневалот – Невеста и Зет, Глупав Август, Музичари и Ѓаволи, останатите се по избор на карневалските групи кои секојдневниот и социјалниот живот го исмеваат и преку своите костуми и гестикулацијата.
Специфика на карневалот е што тој не се режира, туку се се одвива импровизирано и спонтано.

Покрај оригиналноста и импровизацијата, карактеристика на овој карневал е неговиот непрекинат континуитет што го прави единствен. Тој е стар над 1.400 години, колку и селото Вавчани, и е интересна комбинација на паганство и модернизам. Негови главни особини се архаизмот, тајноста и импровизацијата и според своите специфичности и автентичност се разликува од сите други карневали во светот.  Од 1993 година Вевчанскиот карневал е член на Федерација на европски карневалски градови.

Би можело да ве интересира

Во Вевчани: Маж со пушка пукал кон домашни миленици

Приведен вевчанец, пукал со пушка во домашни кучиња

СДСМ: Градоначалникот на Вевчани и ВМРО-ДПМНЕ се неспособни да поднесат навремена апликација за финансирање на Карневалот

Ана Ололовска

Влајнкиноски: И покрај опструкциите од СДС-ДУИ и од Костадиновска и оваа година Вевчански карневал ќе има

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Кочовски: Вевчанскиот карневал продолжува и оваа година и покрај немање поддршка од Mинистерството за култура

Ана Ололовска

Кривична пријава за лажниот лекар од Вевачни за надрилекарство, измама и за фалсификување

Катерина Ѓуровски