Вевчани од денеска е подвижна галерија на слики

Од:

Вевчани од денеска наликува на голем театар под отворено небо преку одржувањето на Василичарскиот карневал кој започна попладнево со дефиле на маските кои тргнаа од горното и долното маало и се обединија во центарот на селото.

Покрај традиционалните, младоженецот, невестата, глупавиот Август и ѓаволот, годинава подвижната галерија на маски беше збогатена и со попови и вампири, турски аскер, нацистичка полиција, инвалидизиирани лица изврзани со завои и облеани во крв, вевчанска шмизла на мотор, како и со поворка со која се означува една година од погребувањето на Грција кое се случи на минатогодишното карневласко издание. Најмладите учесници беа маскирани во нивните омилени ликови.

Неколкуилјадната публика што го посети селото ужива во шегите, довикувањата, ведриот дух и позитивната енергија од секоја куќа, но никој никому не му се лути, зашто како што велат и домаќините и гостите, ова се денови на мајтап, но и зближување.

– Кога доаѓавме, на влезот од селото не пречекаа маскираните домаќини и ни ги изведуваа предвидените ритуали пред нашиот автомобил поради што моравме да запреме и да ги испочитуваме. Не сум од Вевчани, но доаѓам секоја година на овој ден зашто манифестацијата е многу интересна и не оттргнува од нашето динамично секојдневие. Убаво е да се видат вешто изработуваните маски, но и вевчанци се добри домаќини, вели Гордана Јованоска од Охрид, која е дел од посетителите на карневалот.

Вевчанци, иако традиционлано ставаат маски на себе, сепак секое карневалско издание, за нив е ново доживување и инспирација да го изработат изненадувањето за следната година.

– Оваа година сум маскиран во турски аскер. За секој карневал имам различни маски. Лани бев француски конзул, а сега, еве ме, Турчин станав, вели вевчанецот Ѓоргија Даскалоски.

Суштината на обичаите со маски кои популарно се нарекуваат карневали, според етнологот Владимир Боцев е среќата, плодноста, поттикнувањето на заедништвото и на сопствениот идентитет.

– Василичарските обичаи кои се одржуваат на 13-ти и 14-ти јануари, на пречекот на старата Нова година го изразуваат локалниот идентитет. Ако ги прашате вевчанци кои живеат во друг град или држава зошто доаѓаат, едноставно ќе ви одговорат дека се вевчанци и затоа доаѓаат на овој ден. Истото се случува и во другите места во Македонија каде што има вакви обичаи со маски. Тоа го одразува групното единство, но и личниот и локалниот идентитет. Преку вакви обичаи коишто се организирани од поголема заедница како што е селската или регионалната заедница се истакнува припадноста на поединецот кон таа група и обратно, групата го прифаќа поединецот во нејзиниот состав, вели Боцев.

Се смета дека при обиколката на василичарите во селото, не само во Вевчани туку и на другите места, доколку се прескокне некоја куќа, тоа претставува голема навреда за домаќините.

– Групата што обиколува, на ваков начин го исклучува тоа семејство од заедницата. Поради тоа никој не треба и не е прескокнат во овие обичаи, додава Боцев.

Со говор на градоначалникот на општина Вевчани попладнево ќе биде означено и свеченото отворање на годинешното карневалско издание. Во рамки на двата празнични денови ќе се виори вевчанското оро, ќе се посетуваат куќите во селото зашто се смета дека Свети Василиј е нивни заштитник. Според традицијата, манифестацијата којашто е стара повеќе од 14 века ќе биде затворена утре со палење на годинешните маски.

Би можело да ве интересира

Во Вевчани: Маж со пушка пукал кон домашни миленици

Приведен вевчанец, пукал со пушка во домашни кучиња

IQOS караванот ќе ја посети Струмица за време на Струмичкиот карневал

СДСМ: Градоначалникот на Вевчани и ВМРО-ДПМНЕ се неспособни да поднесат навремена апликација за финансирање на Карневалот

Ана Ололовска

Влајнкиноски: И покрај опструкциите од СДС-ДУИ и од Костадиновска и оваа година Вевчански карневал ќе има

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Кочовски: Вевчанскиот карневал продолжува и оваа година и покрај немање поддршка од Mинистерството за култура

Ана Ололовска