СВЕТОТ ВО 2019: Грета Тунберг- Крик на милениумците за беспоштедна борба против климатските промени

Од:

Таа се среќава со светски лидери, зборува на генерално собрание на Обединети нации, се обраќа во парламентите на највлијателните држави. Секое нејзино движење се следи, нејзините изјави се цитираат. За неа веќе постои една биографија, објавена е и книга со нејзините говори, а наскоро ќе се појави и документарен филм. Грета Тунберг – глобален феномен. Доколку се впише нејзиното име на Гугл, ќе се добијат околу 200 милиони податоци.

Грета, освен што не патува со авион, исто така е веганка, а ги убедила и своите родители да не јадат месо. Пред четири години и е дијагостициран Аспергеров синдром, состојба од спектарот на аутизмот. – Да се биде поинаков е дар, вели Грета. „Тоа ми овозможува да ги гледам работите од поинаков агол. Не паѓам лесно на лаги, можам да ја видам вистината. Да бев како останатите, немаше да го почнам „климатскиот штрајк“.

Неа не ја интересираат награди, признанија, љубезни зборови, туку бара само едно нешто: Акција, сега! Таа не се плаши да нè погледне во очи и да ја каже вистината. Со своите 16 години не се снебива да ни ги отвори очите и да викне: Царот е гол! А ние, возрасните (барем голем дел од нас) ја гледаме со ширум отворени очи и подзинати усти, френетично аплаудираме и се восхитуваме… за момент-два и се враќаме на нашето секојдневие и неправењето ништо во однос на борбата против климатските промени.

А Грета секојпат одново повторува: Куќата ни е во пламен! Паничете сега!

Со нејзината способност да ја каже вистината онаква каква е, без украси и непотребна куртуазија, таа ги инспирираше милениумците. Почна сама, еден петок во август 2018 година пред шведскиот Парламент, со цел да ги натера властите во таа земја да вложат поголеми напори во борбата против климатските промени. Во март годинава илјадници ученици и студенти ја поддржаа во протестите „Петоци за иднината“, кога ја напуштија наставата за да го кренат гласот против властите кои не прават доволно за да се справат со климатските промени. Веќе во мај се одржаа вакви протести во 131 земја во светот, а во август поддржувачите на улиците се броеја во милиони.

Грета во јануари годинава, на Светскиот економски форум во Давос порача: „Сакам да паничите. Сакам да го чувствувате стравот, кој јас го чувствувам секој ден“. Грета тогаш зборуваше дека ЕУ треба двојно да ги зголеми целите за намалување на емисиите на штетните гасови, за да се спречи глобалното затоплување.

Под слоганот „Затоплете ги срцата, а не планетата“, во февруари околу илјади млади Французи маршираа низ улиците на Париз против климатските промени, предводени од шведската тинејџерка Грета Тунберг. И така, од една мала снежна топка, настана лавина. Во март илјадници ученици ширум светот излегоа на протест поради климатските промени. Освен матичната Шведска, Индија, Јужна Кореја, Австралија, Германија, Франција, беа меѓу првите земји од каде почна да се шири движењето.

„Иднината почнува тука“, „Зачувајте ја Земјата, изедете еден лобист”, „Одете сега или пливајте подоцна“, порачаа средношколците. Ученичките протести, освен што добија поддршка од многу јавни личности, го добија и „гласот“ на многу влијателни политичари, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел. Таа ги пофали учениците и студентите кои протестираат против климатските промени. – Силно ги поддржувам учениците кои излегуваат на улица за заштита на климата и се борат за тоа што го сметаат за исправно. Мислам дека тоа е една добра иницијатива, посочи пролетоска Меркел.

Грета се обрати пред италијанскиот Сенат, а имаше и куса средба со папата Франциск. – Беше многу пријателски расположен. Се насмевнуваше цело време, изјави Тунберг по средбата со поглаварот на Католичката црква. – Му се заблагодарив за неговата борба против климатските промени. А тој ми рече: Продолжи така, Грета. само продолжи!, изјави 16-годишната средношколка.

Летоска, младата активистка реши да го зајакне и прошири движењето и преку Атлантикот. Но, меѓу другите работи кои таа лично ги прави со цел да придонесе за помала емисија на штетни гасови, Грета не патува со авион. Па во август малолетната шведска активистка за две недели го мина Атлантскиот Океан во јахта со нулта емисија стакленички гасови за да присуствува на глобалната конференција против климатските промени.

На 17 септември Грета Тунберг и група млади активисти присуствуваа на состанокот на Работната група при американскиот Сенат, која е формирана за интензивирање на борбата против климатските промени. Работната група ги пофали напорите на младите активисти, истакнувајќи дека прикажана мудрост ја надминува нивната возраст. – Ве молам, сочувајте си ги вашите пофалби. Ние не ги сакаме. Немојте тука да не каните само за да ни кажете колку инспиративни сме ние, кога не правите ништо по тоа прашање, изјави 16-годишната активистка од Шведска. Сенаторите ги прашаа младите за тоа како американскиот Конгрес треба да се бори против една од најитните и политички спорни закани со која се соочуваат светските лидери – климатските промени. – Доколку сакате совет за тоа што треба да направите, поканете ги научниците. Прашајте ги начниците за нивна експертиза. Ние не сакаме да бидеме слушнати. Ние сакаме научниците да бидат чуени, рече Тунберг, дополнувајќи дека таа е само ученик – ниту научник, ниту сенатор. Обраќајќи се до Конгресот како целина, Тунберг рече: Знам дека се обидувате. Но, простете, ама едноставно не се трудите доволно.

По сиот ангажман, Грета беше номинирана за Нобеловата награда за мир, а го доби и признанието од Амнести интернешнал, која ја прогласи за овогодишен Амбасадор на совеста. Таа ја доби Алтернативната Нобелова награда. По обраќањето во Конгресот, имаше средба и со поранешниот американски претседател Барак Обама. Тој сподели фотографија со неа, покрај која напиша: една од најголемите бранители на нашата планета и некој кој не се плаши да притисне за вистинска акција.

Еден од највпечатливите говори на Тунберг годинава, беше оној во септември, на Самитот на ОН посветен на климатските промени. – Очите на идните генерации се вперени во вас и доколку одлучите да нè изневерите, ние никогаш нема да ви простиме, изјави тогаш младата активистка. – Ова е погрешно. Не треба да стојам овде. Треба да се вратам во училиште, на другата страна од океанот. Ги украдовте моите соништа и моето детство со вашите празни зборови. А сепак, јас сум една од среќните. Луѓето страдаат. Луѓето умираат. Целиот екосистем се распаѓа. Ние сме на почетокот на масовно истребување. И сè за што можете да разговарате се пари и бајки за вечен економски раст. Како се осмелувате!, им порача Тунберг на светските лидери во емотивното обраќање.

– Повеќе од 30 години науката е кристално чиста. Како се осмелувате да го вртите погледот настрана и да дојдете овде велејќи дека работите доволно, кога политиката и потребните решенија сè уште ги нема на повидок. Велите дека нè „слушате“ и дека ја разбирате итноста. Но, без оглед колку сум тажна и лута, не сакам да верувам во тоа. Затоа што ако ја разбравте целосно ситуацијата и сè уште продолжувавте да не преземате активноси, тогаш сте злобни. А јас одбивам да верувам во тоа, рече Тунберг со растрепен глас. Таа потсети дека доколку се намалат емисиите на стакленички гасови за половина во следните 10 години, тогаш човештвото би имало 50 отсто шанси да остане под 1,5 Целзиусови степени, но со ризик од неповратен синџир на реакции, кој луѓето нема да можат да го контролираат. – Можеби 50 отсто шанси е прифатливо за вас. Но, тие бројки не вклучуваат точки на пресврт, како што е дополнително затоплување скриено зад токсичното загадување на воздухот или аспектите на правдата и правичноста. Тие исто така се потпираат на тоа дека мојата и генерацијата на моите деца ќе вшмукаат стотици милијарди тони од вашиот СО2 од воздухот со технологии кои едвај постојат. Значи, ризикот од 50 отсто едноставно не е прифатлив за нас – ние кои треба да живееме со последиците, потенцираше Тунберг. – Како се осмелувате да се преправате дека ова може да се реши со вообичаени деловни активности и со некои технички решенија. Според сегашните нивоа на емисии, преостанатиот буџет на СО2 целосно ќе го снема за помалку од осум и пол години. Нема да има решенија или планови презентирани во согласност со овие бројки. Бидејќи овие бројки се премногу непријатни. И, сè уште не сте доволно зрели да ги именувате нештата какви што се, оцени младата активистка. – Вие нè изневерувате. Но, младите почнуваат да го разбираат вашето предавство. Очите на сите идни генерации се вперени во вас. И ако изберете да нè изневерите, ви кажувам – никогаш нема да ви простиме. Нема да ви дозволиме да се извлечете од ова. Токму тука, токму сега ја повлекуваме линијата. Светот се буди. И промената доаѓа, без разлика дали ви се допаѓа или не, истакна Тунберг на Самитот на ОН за климатските промени.

Гласот на Грета силно одекна во светот. Милиони луѓе ширум светот на 20 септември учествуваа во глобалните протести за климата. Луѓето ширум светот ги повикаа светските водачи да преземат итна акција на самитот на ОН за климата за да спречат еколошка катастрофа. Протести се одржаа во повеќе од 150 земји. „Океаните се зголемуваат, но и ние“, „Не ја започнавме кризата, но се бориме против неа“, порачаа студенти и ученици од Сиднеј, Мелбурн и други австралиски градови. Протести имаше и во Копенхаген, Хелсинки и Стокхолм. Во главниот град на Финска, еден човек облечен во костум на Дедо Мраз носеше транспарент пред зградата на Парламентот: „Мојата куќа гори, елените не знаат како да пливаат“. Илјадници студенти се собраа во Прага и во други градови низ Чешка. Тие носеа транспаренти „Повеќе Љубов, помалку јаглен“ и „Наука, не молк“. Протести имаше и во Словачка, вклучително и Братислава. Во Москва протестираше само едно лице, Аршак Макичијан, кој организира протести речиси половина година. Владата редовно ги отфрла неговите апликации за групни протести. Нигеријците во Абуџа и Лагос, како и во Најроби и Преторија, исто така излегоа на улиците. Се протестираше и на Соломонските острови, па и со војна зафатениот Авганистан. Стотици претежно помлади луѓе се собраа и во Кабул, а на чело на колоната, неколку девојчиња носеа транспарент „Петок за иднината“. Најголеми протести против климатските промени во историјата на земјата се одржаа во Индија. Мала група демонстранти протестираа и во Токио, додека околу 3.000 деца маршираа пред Парламентот во Бангладеш. Во Вашингон учество на таканаречениот глобален штрајк за заштита на природната средина земаа над седум илјади ученици од основно и средно училиште. Во Њујорк ученици и студенти од над 1.700 школи создадоа колона од десетици илјади, формирајќи досега невидена колона за спас на планетата Земја. Ним им се придружија ученици и борци против климатските промени од сите поголеми градови како Портланд, Сан Франциско, Сиетл, Лос Анџелес, Чикаго и Филаделфија. Протести против климатските промени имаше и во Лондон, Берлин и Бон во Германија, како и во Сиднеј.

На крајот на летото, околу 500 светски младински активисти, предводени од Грета Тунберг, го формираа првиот Младински климатски клуб со седиште во ОН, потврдувајќи ја растечката моќ на движењето кое во изминатите месеци го популаризираше терминот „вонредна климатска ситуација“. Оваа фраза ја искорити и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, кога го свика главниот самит, затоа што водечките земји-загадувачи заостануваат со исполнување на обврските за намалување на емисиите на јаглероден диоксид предвидени во Парискиот климатски договор од 2015 година. Испуштањето на СО2 достигна рекордно ниво во 2018 година. Јули 2019 година стана еден од најжешките месеци во историјата, а последните четири години се регистрирани како најжешки во сиот период од кога постои мерење на температурата. Според НАСА, површината на двете поларните капи во 2019 година се намалиле на рекордно ниво. Засега, 60 земји потписнички на договорот имаат намера да ги исполнат обврските, но помеѓу нив ги нема главните загадувачи, земјите од Г-20, кои произведуваат 80 отсто од целокупните емисии на СО2 во воздухот. Со доаѓањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД, Вашингтон истапи од Парискиот договор и на самитот за климата САД учествуваше како набљудовач.

Со зголемувањето на влијанието на Грета, стануваа побројни нејзините поддржувачи, но критичарите станаа погласни. Меѓу критичарите, најбројни се оние кои не веруваат во климатските промени. Дел од аналитичарите оценија дека тоа се истите луѓе кои се против имунизација и кои веруваат дека Земјата е рамна плоча. Тие не се воздржаа ниту од тоа да ја навредуваат младата активистка. Американската телевизија „Фокс њуз” ја нарече шведската активистка „ментално болно шведско дете”, додека водителка на телевизијата ја спореди со лик од хорор филмот „Деца од пченката“, во која деца на христијански фундаменталисти ги убиваат сите возрасни во сектата. Упорно ја нарекуваа „хистерична“ и „ментално болна“, како што и често се случува на Интернет со девојки и жени кои јавно го изразуваат своето мислење. Според познавачите на историјата, милениуми наназад античките Грци на слични начини ги контролирале жените и девојките. Па не зачудува тоа што некои ја споредуваат со грчката јунакиња Антигона, која на млада возраст се побунила против идниот свекор Креонт, кралот на Теба, кој почнал сè потирански да се однесува. И таа, како и Грета ја ризикувала сопствената безбедност за да зборува за она во кое верувала.

Рускиот претседател Владимир Путин на енергетски форум во Москва ја критикуваше климатската активистка Грета Тунберг, нарекувајќи ја „лошо информирана тинејџерка која ја искористуваат возрасните“. И неговиот американски колега Доналд Трамп нема пофални зборови за активистката. „Грета ќе мора да поработи на својот проблем со контролата на гневот, а потоа да гледа добар стар филм со пријатели“, напиша Трамп на Твитер. „Олабави, Грета, олабави!“, додаде тој. И бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја критикуваше шведската тинејџерка, нарекувајќи ја „дерле“ (португалски – piralha).

Сепак, мнозинство се оние кои ја препознаваат вредноста на она што го прави младата Тунберг. Па така, американски „Тајм“ ја прогласи Грета Тунберг за личност на годината заради нејзината посветеност во борбата против климатските промени.

Своевидно признание за нејзината работа е и тоа што изразот „климатски протести“ е збор на годината за 2019, според познатиот речник Колинс. Тие велат дека употребата на терминот тројно се зголемила во текот на изминатата година. Компанијата анализирала Интернт страници, дневни весници, списанија и социјални медиуми за да утврди кој англиски збор забележал најголем скок во употребата. Терминот, најчесто поврзан со глобалното климатско движење на младите предводено од 16-годишната Швеѓанка Грета Тунберг, ги опишува ученичките протести во кои учествуваат деца кои тој ден не одат на училиште, а возрасните не одат на работа, со цел да повикаат на побрза акција против климатските закани. Младите активисти велат дека изборот на зборот на годината е показател дека нивните напори за подигнување на свеста за глобалните климатски ризици функционираат. Терминот „климатски протест“ првпат се појави во еден документ во 2015 година како опис на масовните протести што се совпаднаа со Конференцијата на ОН за Парискиот договор за климата.

Би можело да ве интересира

Светска банка ќе поддржи макроекономски и климатски реформи во Македонија со заем во вредност од 93,8 милиони евра

ВИДЕО: Паѓаат температурни рекорди во светот, горат Европа, Америка и Азија

Катерина Ѓуровски

Шокантна снимка: Камионџија полуде, почна да тепа и да гази активисти на пат

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) На Европа и се заканува нова голема криза: Доаѓа екстремно сушно лето, цели региони страдаат за вода

Катерина Ѓуровски

Мнозинството студенти и пензионери подложни на дезинформации – не ги препознваат лажните вести на интернет

Петар Клинчарски

ИРЦ: Климатските промени во 2023 година ќе поттикнат хуманитарни кризи

А1он