Што се случува кога црните луѓе сакаат да купат дом во предградијата во САД?

Од:

Њујорк тајмс

Агент за недвижности од Лонг Ајленд во разговор со црнец му навестил дека куќите во претежно белото соседство се премногу скапи за неговиот буџет. Истиот агент му понудил куќи во истото соседство на белец за истата сума.

Друг агент за недвижности предупредил белец кој сакал да купи куќа, во врска со насилството на бандите во тоа мало соседство, од друга страна истиот агент се обиде да убеди црнец со споредлив буџет да купи куќа во тоа соседство.

Севкупно, агентите за недвижности ги третираат црнците нееднакво во 40 отсто од времето споредено со белците, кога тие биле во потрага по дом на Лонг Ајленд, едно од најрацијалните предградија во САД.

Ова се неколку од сознанијата што се дел од тригодишна прикриена истрага, објавена минатиот викенд во Њусдеј (Newsday), весник од Лонг Ајленд што објави огромни докази дека дискриминаторски и потенцијално нелегалните методи за продажба на домови придонесуваат за задржување на таквата поделба на населбите во областа Лонг Ајленд.

Њусдеј го направи и прикриеното тестирање што би требало да го направат владините агенции и непрофитабилните групи за да се спроведат мерки наменети за спречување на третманот базиран врз расни или други фактори.

Весникот регрутирал група од разновидни луѓе, некои од нив се актери кои имаат задача да глумат купувачи на домови. Биле опремени со скриени камери со цел да се зачува интеракцијата со вистинските агенти за недвижности. Во Њујорк е легално да се снима разговор или телефонски повик доколку личноста која снима е дел од таа конверзација.

Над 16 месеци таканаречените „купувачи на домови“ направија околу 100 теста. Тие добија помош од експерти за домување и успеаја да снимат 240 часа видео, што весникот го претвори во серија од 13 статии и 40-минутен документарец. Повеќе од 50 репортери, продуценти, сценаристи и останати вработени во весникот работеа на овој проект.

Весникот оствари контакт со 93 агенти за недвижности во едни од најголемите фирми во таа област. Два тестери – од различна раса, но ист пол и слична возраст, со исти примања и исти преференции за дом – самостојно пристапија до истиот агент со цел да направат тест дали ќе бидат третирани на различен начин базирано на нивната раса.

Резултатите беа навистина зачудувачки, без разлика на тоа што Лонг Ајленд е дел од Њујорк каде што усогласувањето, регулациите и останатите сили веќе подолго време ги одржуваат расните поделби.

– Тестерите црнци добија различен третман во 49 отсто од случаите во споредба со 39 отсто шпански и 19 отсто азиски тестери, објави весникот.

Во некои случаи агентите не им покажуваа огласи на тестерите црнци на кои претходно не им била одобрена хипотека. Истите тие агенти им удоволуваа на тестерите белци кои не го исполнуваа условот со хипотека.

Федералниот закон за фер домување, донесен во 1968 година како дел од Законот за граѓански права, забранува дискриминација при домувањето базирана на раса, религија или други фактори.

Секторот за домување и урбан развој е одговорен за спроведување на законот, најмногу преку своите регионални канцеларии и преку грантови за непрофитабилни лица за да ги испита поплаките, да спроведува тестови и да ги едуцира купувачите и изнајмувачите.

Во Њујорк, државните агенции исто така го спроведуваат овој закон, со 133.000 лиценцирани брокери и агенти одговорни да се придржуваат кон стандардите за фер домување.

Процесот на спроведување, што може да биде бавен, почнува најчесто со поплаки, но прикриените тестови најчесто се најефективниот доказ за нееднаквиот третман.

Прикажани се неколку примери во кои државата изрекува потешки казни кон агентите за кои се знае дека направиле дискриминација, открива Њусдеј.

Владините претставници изјавија дека тие го испитуваат откритието на овој весник.

– Го разгледуваме овој извештај, но без да направиме грешка: секоја примена поплака е темелно испитана и го повикуваме секој жител на Њујорк кој смета дека бил жртва на дискриминација при домување, да нè контактира веднаш, изјави Ричард Азопарди, портпарол на гувернерот Андреј М. Кумо.

Олга Алварез, портпаролка на федералниот оддел за домување, истакна дека и агенцијата ги испитува наодите на Њусдеј.

– Борбата против дискриминација при домување е во првиот ред приоритети во нашата агенција, изјави таа.

Кен Зимерман, истакнат колега и експерт за домување во Центарот Фурман на Универзитетот во Њујорк, истакна дека откритијата на Њусдеј се „модерна манифестација на она што се најде на патот на легалниот мандат и аспирациите на политиката за фер домување“.

– Треба да се вложат повеќе инвестиции во откривањето на намерната дискриминација, како што се тестовите, додаде Зимерман.

На агентите за недвижности им е забрането да зборуваат со клиентите во врска со заднината на луѓето кои живеат во тоа соседство и од нив се бара на ист начин за сите да ги претставуваат местата во кои клиентите би сакале да живеат.

Њусдеј дознава дека агентите постојано ги игнорирале овие правила.

Агентите силно ги препраќале купувачите белци кон Мерик, селце во округот Насау, каде што повеќето резиденти се белци. При дискусијата пак за Брентвуд, округ во кој доминира црно и шпанско население и од кое се дел бандите како МС-13, агентот на еден од црните тестери клиенти му ги опишал резидентите на тоа место како „најдобри луѓе“.

Истиот агент испратил е-пошта до бел тестер клиент „да направи неколку истражувања околу настаните поврзани со бандите во таа област поради своја безбедност“.

Белите клиенти често добивале повеќе огласи отколку тестерите на малцинствата. Во четвртина од случаите, агентите незаконски ги праќале купувачите во различни заедници базирано на нивната раса или етничка припадност.

– Оваа истрага го откри она за кое веќе премногу луѓе со различна боја на кожа се свесни, дискриминацијата постои и влијае на секој аспект од нивниот живот, изјави сенаторот Кирстен Гилибренд.

Би можело да ве интересира

Стејт департментот потврди дека ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН во Советот за безбедност

Горан Наумовски

Белата куќа се противи на палестинската државност

Џонсон: Путин ќе продолжи да маршира низ Европа, Балканот може да биде следен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Едно лице загина откако цистерна со нафта експлодира на автопат во Алабама

САД одделно ќе гласа за помош на Украина и Израел, републиканците на Трамп се закануваат

Спектакуларно бегство на затворен од САД