Режисерот на биографскиот филм за Ејми Вајнхаус „Ејми“ Асиф Кападија изјави на филмскиот фестивал во Кан дека со неговиот филм не сакал никого да навреди, откако таткото на починатата пејачка жестоко го критикуваше филмот.
Мич Вајнхаус се огради од филмот и наводно покренал и правна постапка, јавија американските таблоиди.
– Не планирав некого да вознемирам, туку да покажам што и се случуваше во животот. Имаше многу бурен период, многу нешта и се случувале и поради тоа работите испаднаа така како што испаднаа. Тоа е реалноста, рече Кападија пред новинарите.
Ејми Вајнхаус почина од труење со алкохол во нејзиниот дом во Лондон 2011 на 27 години.
Продуцентот на филмот Џејмс Геј-Рис исто така, оцени дека критиките на сметка на филмот се премногу остри.
– Тоа е тешко. Таа е негова ќерка и на крајот на краишта тој има право така да се чувствува, но ние бевме многу објективни. Од нас се бараше да снимаме филм. Влеговме во тоа со празни листови хартија и неколку години истражувавме и ова е тоа што го откривме, така што мислиме дека филмот е многу балансиран, изјави Геј Рис.
„Ејми“ е прикажуван надвор од натпреварувачката програма.