Промоција на албумот на Влатко Илиевски со необјавени песни

Од:

По компилацијата со најголемите хитови на Влатко Илиевски – „За љубов се пее до крај“, објавена во 2020-та година, на иницијатива на семејството на Влатко, на 2-ри јули ќе биде промовиран уште еден негов албум – „Последно танго“, составен од до сега необјавени песни.

На денот кога Влатко ќе го прославеше својот 37-ми роденден, 2-ри јули 2022-ра, точно на пладне во ресторанот на ФК „Работнички“ во Градскиот парк, во присуство на неговите најблиски соработници и пријатели, за прв пат ќе бидат претставени песните кои, пред неговото трагично заминување, беа подготвувани за неговиот нов студиски албум. Нешто што несомнено претставува музички тестамент на нашиот Влатче.

Станува збор за колекција од 14 песни, кои авторски ги потпишуваат Кристијан Габроски, Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Дарко Тасев, Весна Малинова…, како и легендарниот лидер на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача.

Зеле и Влатко, на радост на многубројните фанови, заедно го снимија големиот хит на „Дивље јагоде“ – „ Не желиш крај“.

Албумот содржи до сега необјавени песни на носач на звук (некои фестивалски, две со Златни Славејчиња…), од кои половина се сосема нови, и никогаш не се најдоа ниту на носач на звук, ниту во радискиот етер.

Албумот го отвора извонредната „Дајте му ја“, исполнета на „Охрид-фест“ 2017-та, по која следат „Не постојам без тебе“, „Кој ли е ден“, „Со тебе најдов среќа“, „Се ќе покрие прашина“, „Вило вилена“, „Македонка“ (од фестивалот „Златен костен“ во Петрич, Бугарија 2016-та), „Комшивке убава“, „Љубов“ (дует со Јулија Димчевска), „Последно танго“ („Макфест“, најслушана песна меѓу два фестивала), веќе споменатата „Не желиш крај“, како и „Сети се“ и „Божикна песна“, снимени со хорот „Златно Славејче“.

Како посебен куриозитет, на албумот ќе се најде и првата песна на Влатко Илиевски (која ја снимил во студиото на Ангел Ќосев, неговиот професор по музичко, уште како осмооделенец) – „Together Again“, неговото авторско дело, за која самиот го сними и соло на гитара. Освен него, во снимањето учествуваа и Урош Вељковиќ (тапани) и Марјан Петровски – Маци (бас), од групата „Steel Temple“.

Саботната промоција на Влатко, во чест на неговиот 37-ми роденден, е замислена како весел настан од отворен тип, на кој ќе се соберат неговите пријатели, роднини, соработници, фанови…, кои, како што пееше Влатко во една своја песна, во спомен на него, „за љубов ќе пеат до крај“…

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Нов сингл на Кристина Арнаудова „Засекогаш“

Ана Ололовска

ВИДЕО: Јана Бурческа ја промовираше „Home alone“

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Тамара Тодевска ја објави својата нова песна „Нијагара“

Горан Наумовски

ВИДЕО: Дупер со нова песна

Ана Ололовска

Видеоспот за макфестовската песна „Омилен“ на Марија Спасовска

Ана Ололовска

ВИДЕО: Нова песна на ДНК – „Милион денови“

Ана Ололовска