Почина Властимир Велисављевиќ, актерот со неверојатна животна приказна кој никогаш не замина во пензија

Од:

Една од легендите на српскиот и југословенскиот театар, филм и телевизија, актерот Властимир Власта Велисављевиќ, почина вчеравечер на клиника во Белград од компликации на Ковид-19.

Иако ретко беше во фокусот или играше главни ликови, 94-годишниот Велисављевиќ во долгата кариера зад себе остави над 350 впечатливи улоги и никогаш не замина во пензија. Во моментот на смртта, доживотниот почесен член на Југословенското драмско позориште играше во три претстави на сцената на матичниот театар, со што беше најстариот активен актер во историјата на српскиот театар.

Велисављевиќ беше примен во болница во Белград минатата недела, а неговата сопруга откри дека веројатно се заразил кога бил да го регистрира својот автомобил, кој редовно го возеше и покрај возраста.

Велисављевиќ имал неверојатна животна приказна – тој во Втората светска војна, како 17-годишно момче бил затворен од нацистите и испратен во концентрационен логор, од каде успеал да побегне и да се врати во Југославија. Но, немал среќа и по ослободувањето – не сакајќи да го предаде кумот, кој бил офицер во армијата обвинет за симпатии кон Сталин во времето на тензиите меѓу СФРЈ и СССР, на почетокот на 50-те години актерот бил осуден и поминал три години во затвор на Голи Оток.

Кариерата на Велисављевиќ траеше неверојатни 72 години – од неговите почетоци во предвоените белградски театри како 12-годишно дете, до улоги во филмови и серии кои ги добиваше и без проблем ги играше се до својата смрт. Актерот има над 1.600 изведби на претставата „Болва во уво“ заедно со колегите од матичниот театар, што е уште еден рекорд што го држи.

Власта Велисављевиќ, кој и покрај сите неволји во животот остана ведар, вреден, насмеан и шармантен, можеби најдобро може да се опише со анегдотата која за него ја раскажа млада српска режисерка – на една од пробите за претстава минатата година, кога таа се обидела нешто да му објасни, легендарниот глумец ја прекинал и ѝ рекол: „Знам јас тоа, не мораш да ми објаснуваш како да имам сто години“.

Би можело да ве интересира

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов