Пасошот за саудиските жени не значи и целосна слобода на движење

Од:

Саудиска Арабија ги олесни ограничувањата за патување на жените, но „старателот од машки пол” го задржува своето право да го ограничува нивното движење или да ги затвора во центри за сместување, што наликуваат на затвори, пренесе БТА.

Ријад во август им го овозможи правото на жените над 21 година да имаат пасош и да патуваат во странство без претходна согласност на „законскиот придружник”, кој вообичаено е татко, сопруг или близок роднина.

Оваа промена, иницирана од престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, кој сака да го модернизира имиџот на својата земја, му стави крај на ова долгогодишно ограничување, кое ги тераше Саудијките да багаат од својата татковина.

Ова олеснување на ограничувањата, меѓутоа, не ја укинува власта на „законскиот придружник од машки пол“, бидејќи кралството не ги укинало правилата за отсуство, што на жената ѝ овозможува да биде вратена сосила во својот дом или да биде сместена во Центар за сместување.

„Законскиот старател” може да сигнализира во полицијата за отсуството на својата роднина, „што може да доведе до апсење и до нејзино евентуално втурнување во Центар за сместување жени“, за француски медиуми вели Еман Алхусеин, саудиска истражувачка, специјалистка за Персискиот Залив и соработничка на Европскиот совет за меѓународни односи.

– Ова е „огромна слабост“ на реформата на пасошите, рече западен дипломат.

„Саудијците не можат да ги спречат своите ќерки да се здобијат со пасош, но сè уште можат во полиција да го пријават нивното отсуство, која потоа мора да се заземе за нивното враќање во домот“, додаде тој.

Членовите на Консултативниот совет минатата година на Министерството за правда му предложија да ги укине правилата за отсуство, но предлогот, се чини, беше игнориран.

Жалба за „непотчинување”

Според властите, многу Саудијки сакаат пасоши.

– Денеска првпат во мојот живот дојдов да побарам пасош, изјави 40-годишна жена во административната служба. „Многу сум среќна затоа што оваа реформа им дава самоувереност на Саудијките“, додаде таа.

Реформата беше поздравена, но, исто така, и критикувана и исмеана на социјалните мрежи. Во нив беа објавувани карикатури на жени кои итаат кон аеродромите, и на такви што покажуваат како минуваат под огради од бодлив тел и како оскудно облечени се појавуваат од другата страна на оградата.

Според „Human Rights Watch”, законскиот старател може да се здобие со судска наредба која на неговата роднина ѝ забранува да патува, а исто така, и да поднесе жалба против неа за „непотчинување“, што може да доведе до нејзино затворање.

Жените, на кои им беше одобрено да возат автомобили од јуни 2018 година, сè уште имаат потреба од одобрение од законскиот старател за да се омажат или да излезат од Центар за сместување.

Две Саудијки, кои приближно една година минале во еден од овие центри заради тоа што избегале од своите семејства, кои, според нив, лошо постапувале со нив, раскажуваат дека во центарот биле следени од камери 24 часа на ден. Кога жените ги казнуваат во центарот, тоа се случува со камшикување, кое го изведуваат мажи.

Прашањето на бракот

Една од жените тврди дека службениците во Центарот за сместување во Ријад водат дневник за да го следат времето на менструација на жените – практика чие постоење е потврдено од „Human Rights Watch”. Во периодот на менструација ним им се одобрува да не ги извршуваат муслиманските молитви, кои се задолжителни во овие центри.

Документ од Центарот во Ријад, до кој дојдоа француските медиуми, една од жените во него ја опишува како „незадоволна”, „непокорна” и која има за цел да ја извалка репутацијата на своето семејство.

– Некои жени можат да останат долго време во ваков центар, доколку нивниот законски старател не побара да бидат пуштени оттаму, вели истражителката Еман Алхусеин.

Бидејќи семејствата на двете жени не го побарале нивното ослободување од Центарот, тие биле префрлени во друг објект, наречен „приут“.

Според нив, станува збор за центар, полн со очајни жени, кои нивните семејства не ги побарале долги години.

Во објектот царувало насилство и неколку жени се обиделе да избегаат и покрај засилените мерки за безбедност, раскажуваат жените.

Саудиските власти не одговориле на многукратните молби за доделување засолниште.

– Многу од нив таму се затворени со години и дел од нив се надеваат дека некој ќе дојде и ќе ги ожени. А мажите доаѓаат со конкретни барања, како на пример, „сакам стројно девојче”, изјави Ротна Бегум, истражителка од „Human Rights Watch”.

Би можело да ве интересира

Жена повредена по пад од трети кат во Охрид – Уапсени двајца мажи

Анита Петровска Рајковиќ

Повозрасна жена починала во болницата Св. Еразмо, нејзиниот син пронајден на улица во Охрид

А1он

Спасувачка акција на Водно: Се онесвестила жена, ја извлекувале пожарникари со теренско возило

Орце Костов

Пијана жена со ножици го избодела бившиот пред казино: Обвинителството бара притвор

Орце Костов

МВР потврди: 55 годишна е жената која падна од терасата на ГТЦ

Анита Петровска Рајковиќ

Турчинка нападната на Бит Пазар – ја натепал продавач

А1он