Пандемијата предизвикува епидемија на осаменост

Од:

ДПА, Берлин

За борба против ширењето на коронавирусот, на сите им се препорачува да избегнуваат физички контакти, така што луѓето ширум светот постепено се навикнаа на еден од главните несакани ефекти на социјалното дистанцирање – осаменоста.

Научниците сега стравуваат дека присилната изолација раѓа нов вид епидемија, бидејќи многу луѓе кои се принудени на осаменост сега се повеќе се соочуваат со нарушувања на менталното здравје.

На почетокот на пандемијата, психијатрите испитале 5.070 возрасни Австралијци, откривајќи дека повеќе од три четвртини од испитаниците изјавиле дека нивното ментално здравје се влошило од почетокот на болеста, наведе ДПА.

Речиси 80 ​​проценти од испитаниците изразиле умерено до крајно ниво на страв од неизвесната иднина, половина изјавиле дека се чувствуваат од умерено до крајно осамено, а половината кажале дека чувствуваат умерен до екстремен страв од финансиските последици од пандемијата врз нивните животи.

„Разбирливо е дека во овие бурни времиња, луѓето може да се чувствуваат исплашено, загрижено, вознемирено и презаситено од постојаните промени во предупредувањата и медиумските извештаи за ширење на пандемијата“, се наведува на веб-страницата на австралиската хуманитарна организација за подршпка во кризни ситуации, која работи под името „Lifeline“.

Нејзините вработени им даваат совети на заинтересираните страни поврзани со менталното здравје и општата благосостојба на поединецот, посочувајќи дека секоја личност треба самата активно да се грижи за сопствената благосостојба и истовремено да биде свесна за степенот до кој може да издржи изложеност на медиумите.

Невидлив проблем дури и пред пандемијата

Осаменоста беше невидлив проблем дури и пред пандемијата, велат германските лекари.

-Во големите градови живеат луѓе кои немаат речиси никакви социјални контакти отколку што може да замислите, вели Стефан Дојчман, кој ја води добротворната организација „Дијаконишен Верк“ во Хамбург.

Во пикот на пандемијата, овој проблем дури и се продлабочи.

Во првата фаза од пандемијата, меѓу средината на март и средината на мај, неговата линија за помош во Хамбург забележала 25 до 30 проценти повеќе повици.

-Многу луѓе се жалеа на длабоко и тешко чувство на осаменост, рече Дојчман.

До слични сознанија дојдоа и волонтерите од стотиците линии за психолошка помош што работат низ Германија.

-Околу 40 проценти од луѓето се јавија дека сакаат да зборуваат за ограничувањата, неизвесноста и промените што ни ги донесе пандемијата, вели Улрике Маи, портпарол на германските телефонски линии за психолошка помош на граѓаните.

Најранливи старите лица

Пандемијата во Германија може да резултира со „епидемија на осаменост“, вели Хорст Опашовски, футуристик од Хамбург.

Околу 80 проценти од испитаниците кажале дека недостатокот на контакт со членовите на семејството и пријателите е многу тежок за нив, покажува истражувањето на Институтот Форс, нарачано од германската компанија за здравствено осигурување „Техникер Кранкенкасе“.

Границата меѓу осаменоста, депресијата и менталните болести е многу нејасна, објави во август германската комора на психотерапевти и психијатри.

-Покрај депресијата и анксиозните нарушувања, акутното и посттрауматско стресно нарушување, зависноста од алкохол и дрога, опсесивно-компулсивното нарушување и психозата може да се влошат во вакви непостојани времиња, вели претседателот на комората, Дитрих Мунц, додавајќи дека постарите лица се едни од најпогодените групи. .

Научниците ширум светот сега ги „мерат“ опасностите од осаменоста за време на пандемијата и нејзините последици и ги повикуваат сите што се принудени да останат дома да најдат некој за да разговараат за нивните грижи и стравови и да одржуваат мрежни врски.

Експертите за ментално здравје од британската Национална здравствена служба велат дека е многу важно „да не се фокусирате премногу на секојдневните вести“ и дека треба повремено да се оддалечувате од социјалните мрежи и да уживате во работите што навистина сакате да ги правите.

Истовремено, треба да се земе предвид и физичкото здравје, бидејќи е тесно поврзано со менталното здравје.

Ризик од хронични здравствени состојби

Осаменоста може да има разорно влијание врз здравјето на некои луѓе, предупредува Карла Перисиното, вонреден професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.

Осаменоста и социјалната изолација се поврзани со зголемен ризик од хронични здравствени состојби, како што се деменција и кардиоваскуларни заболувања и поголем ризик од предвремена смрт, изјави д-р Ауди Као, уредник на списанието за етика.

Пандемијата на коронавирусот го погоди светот во време кога во САД има повеќе домаќинства со еден возрасен човек од кога било порано, вели Као, додавајќи дека среде пандемијата многу осамени лица дури и се помалку имаат веројатност за одржување социјален контакт.

„Со донесените мерки за изолација, ние без сомнение краткорочно ги штитиме луѓето, но на долг рок тие можат да имаат многу лоши последици по менталното и физичкото здравје на глобално ниво“, смета Као.

Би можело да ве интересира

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска

Природата во градот ја намалува осаменоста

Ана Ололовска

Кафето, алкохолот и месото се штетни за бубрезите

Ана Ололовска

Откриен досега непознат дел од човековата вилица

Ана Ололовска