Колку заработува Новак Ѓоковиќ: Јахти, луксузни хациенди и милионски донации

Од:

Новак Ѓоковиќ е човек кого „сакаат да го мразат“, и тоа не само во спортската јавност. Што и да мислите за него, не може да се оспори фактот дека Ноле е еден од најдобрите тенисери во историјата, и еден од најбогатите во овој спорт во светот, пишува „Б-92“ во анализа на примањата и богатството на српскиот тенисер.

Од награди на турнирите, Ѓоковиќ досега има заработено рекордни 144 милиони долари, а беше првиот тенисер кој стигна до над 100 милиони долари заработувачка само од наградните фондови на турнирите.

Само во 2019 година, тој искешира 9.1 милиони долари само од тенисот – повеќе од кој било ривал. Но, во вкупното богатство, Србинот се уште заостанува многу зад Роџер Федерер, чија заработка по сите основи очекува да надмине една милијарда долари до крајот на оваа година.

Форбс проценува дека богатството на Ѓоковиќ изнесува околу 220 милиони долари, а тој само лани заработил вкупно околу 50 милиони, што значи дека спонзорствата и другите извори на приходи му донеле над 40 милиони долари во една година. Меѓу спонзорите на светскиот рекет број еден се светските брендови: Сеико, Лакост, Асикс и Алтимејт Софтвер Груп, а од оваа година тука е и Пежо.

Покрај сево ова, во 2013 Ѓоковиќ напиша и книга за исхраната и начинот на живот, сакајќи да ги сподели своите искуства од трансформацијата на навиките што му овозможи да го освои тенискиот свет.

Тој исто така има и своја линија на прехранбени производи наречена „Ѓоколајф,“ а сопственик е и на ланец ресторани во Белград и на Копаоник.

Но, наспроти сево ова, се чини дека Новак води прилично ненаметлив живот, но и дека сака често да го менува домот, пишува „Б-92“.

Тој, покрај големиот имот и куќа во Србија, е сопственик на двособен стан во Монте Карло, еден од градовите со најскапи недвижнини во светот. Пред три години купи и неколку станови во Њујорк за сума од десет милиони евра, а лани се „поднови“ и со луксузен комплетен спрат со три спални соби во Мајами, кој според некои извештаи го чинел српскиот тенисер речиси девет милиони долари.

Нешто помалку чини вилата со десет спални на Ѓоковиќ во Марбеља, Шпанија, каде тенискиот ас ги помина деновите на карантинот оваа пролет.

Ѓоковиќ сака и да патува во голем стил – на една манифестација во 2015 година допатува со приватен хеликоптер, а уште во 2009 година ја купи луксузната јахта „Менхетн 90“ за 2.5 милиони долари, но подоцна ја продаде.

Најдобриот светски тенисер вози „Тесла Модел X,“ а поседува и неколку автомобили Ауди и Мерцедес, иако во Монте Карло често е виден и на велосипед.

Сепак, и покрај овие вртоглави суми, една работа не смее да се заборави – Новак Ѓоковиќ е еден од тенисерите што секоја година донираат најмногу во хуманитарни цели, а досега донираа еден милион долари во Србија само за борбата против коронавирусот, пишува Б-92.

Би можело да ве интересира

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на Мастерсот во Монте Карло

Ѓоковиќ: Иванишевиќ ми е доживотен пријател, не знам кој ќе го замени

После пет години: Ѓоковиќ и Иванишевиќ ја прекинаа соработката

Ѓоковиќ: Морам да ги балансирам приватниот и професионалниот живот, ќе се вратам во Мајами

ВИДЕО: Индијан Велс заврши за Ѓоковиќ, елиминиран е од 20-годишен Италијанец

Новак Ѓоковиќ откри кога ќе ја заврши кариерата