Како електронските цигари предизвикаа епидемија во Америка

Од:

Би Би Си – Лондон

Најмалку шест лица ги загубија животите, а 450 имаат здравствени проблеми поради електронските цигари во Америка.

Нема сомнение дека електронските цигари во моментов се огромен хит низ целиот свет, но прашање е колку се безбедни и здрави.

Вдишувањето мешавина од никотин, вода и вкус од е-цигара, многумина сметаат дека е алтернатива на пушењето и потенцијално начин да се откажете од цигарите.

Сепак, една од најактуелните теми во Америка се потенцијалните ризици по здравјето од тоа, како и колку е законски регулирана таа индустрија.

Зошто?

Поради повеќе од 450 лица кои имале проблеми, со најмалку шестмина мртви.

Една од најшокантните приказни доаѓа од осумнаесетгодишната Симе Херман, која објави фотографија на Интернет откако се разбудила од кома. Прво имала пневмонија, а потоа и откажале белите дробови, па сакаше да ги „предупреди другите на употребата на електронските цигари“.

Ова е причината зошто Управата за храна и лекови (ФДА), одговорна за заштита на јавното здравство во САД, се обидува да утврди што го предизвикува проблемот.

Кои се симптомите?

Според истражувањето од 2016 година, во Америка има околу 10 милиони електронски цигари, а половина од корисниците се на возраст под 35 години. Најмногу ги користат граѓани на возраст од 18 до 24 години и најчесто токму тие имаат здравствени проблеми – во просек, станува збор за деветнаесетгодишници.

Една теорија вели дека проблемите можат да бидат предизвикани од една лоша состојка во течноста содржана во електронска цигара – како што е витамин Е.

Минатата недела, државните власти во сојузната држава Њујорк започнаа со тестирање за витаминот Е, посочувајќи дека тоа е главниот предмет на истражување. Во Њујорк досега 34 лица се разболеле од електронски цигари.

Сепак, ФДА не го посочи витаминот Е како причина, истакнувајќи дека постои можност други хемикалии да се одговорни за проблемите.

Дали сè ова е ново?

Не, ова не е првпат електронските цигари да предизвикуваат загриженост. Британскиот медицински журнал минатата година објави извештај за жена хоспитализирана поради кашлица, треска, обилно потење и откажување на белите дробови.

Причината е растителен глицерин, пронајден во нејзината електронска цигара.

Покрај тоа, имало случаи кога експлодирале електронски цигари, а во ретки случаи ова довело до фатални последици. Дваесетичетиригодишен маж од Тексас починал пред неколку месеци откако во лицето му експлодирала батерија од електронски цигари.

„Проблемот е што е-цигарите се релативно нов производ, така што лекарите не знаат каков совет да дадат“, вели Сузан Вали, претседател на одделот за контрола на тутун во Американското здружение на педијатри.

Во меѓувреме, американските власти советуваат да се избегне употребата на електронски цигари додека истрагата е во тек.

А што вели Трамп?

Американскиот претседател Доналд Трамп, во меѓувреме, објави дека неговата администрација ќе забрани електронски цигари со вкус. Трамп изјави дека станува збор за „нов проблем“, особено за децата.

– Не можеме да дозволиме луѓето да се разболуваат и младите да бидат толку загрозени, вели Трамп.

Американскиот министер за здравство Алекс Азар изјави дека ФДА наскоро ќе излезе со план за отстранување на сите електронски цигари со вкус од пазарот.

Мичиген претходно стана првата американска сојузна држава што забрани електронски цигари со вкус.

Во меѓувреме се огласи и Меланија Трамп, која на Твитер напиша дека е „длабоко загрижена за зголемената употреба на електронски цигари меѓу децата“.

Би можело да ве интересира

Разгледувајќи семејни слики, забележала дека бебето има смртоносна болест

Ана Ололовска

Политиката влијае на психо-физичкото здравје

Ана Ололовска

Соковите со малку шеќер подобро го хидрираат телото отколку водата

Ана Ололовска

Стресот во бременоста предизвикува растројство кај детето

Ана Ололовска

Научници работат на средство за разградување ХИВ

Ана Ололовска

Печурките го намалуваат ризикот од рак на простата

Ана Ололовска