Стариот хит „Џентлмен“ на култната кавадаречка рок група „Токму Така“ по 30 години повторно се враќа на музичката сцена и тоа како „Фатал Абдал“.
„Дотеран“ во современ и модерен аранжман, хитот на Бубо Каров и „Токму Така“ е дел од проектот за нов албум на бендот кој беше најавен со хитот „Валкан Балкан“, кој пак беше промовиран пред речиси две години. Токму овие две песни го најавуваат и концептот на албумот, кој би требало да се појави следната година, а ќе биде составен од римејкови на големите хитови на „Токму Така“, но и нови, досега неслушнати теми на кои Јане Хаџи-Наумовски, Златко Поп-Ангелов, Ано Јосифов, Јосо Андреев и Бубо Каров работат.
– „Фатал Абдал“ или ако повеќе сакате „Џентлмен“, се снимаше во „Компакт Продукција“ на Пепи Ангелов, додека на музичкиот дизајн и финалниот мастеринг работеше Костадин Камчев, инаку и самиот поранешен член на „Токму Така“, а сега сопственик на студиото „Моцарт“ во Њујорк. На римејкот на „Џентлмен“, кој се очекува да ја достигне славата на оригиналната верзија како гости се појавуваат и познатите кавадаречки музичари Ристе Наневски и Ѕвонко Богев, вели Бубо Каров.