Интервју со Национална директорка на СОС Детско село Јулијана Гапо

Од:

1. СОС Детско село е успешен и веќе добро разработен концепт, кој на децата без родители и родителска грижа им обезбедува услови за мирно детство и топла родителска љубов која им е толку потребна. Како оваа организација успева да опстои и да понуди надеж на толку многу деца?

СОС Детско село е членка на Интернационалната хуманитарна организација СОС Детски Села Интернационал од 2001 година и самото тоа подразбира работење по други повисоки стандарди во грижата за децата кои мораме да ги исполниме како рамноправна членка во оваа организација. Исто така тоа овозможува пристап до напредни практики од други СОС земји кои имаат понапредни социјални системи, постојано унапредување и работење согласно лиценцирани методологии кои овозможуваат квалитет во грижата и поддршката. 20 години како единствена хуманитарна организација чиј фокус се деца и млади без родители и децата во социјален ризик, акумулираше огромно искуство како во стручната работа така и во нашето активно учество во сите позначајни социјални реформи а посебно во оние кои се поврзани со директната грижа за деца.
Концептот на СОС Детско село, иако првично регистриран како Установа за грижа на деца и млади без родители беше уникатен, по тоа што овозможуваше грижа во семејна средина со родител/ згрижувач кој се грижи и живее заедно со тие деца за разлика од институционалната –колективната грижа во институциите. Самото тоа значи индивидуален пристап во грижата за децата, значи поголемо внимание, поголем фокус на индивидуалните потреби на децата и позитивно влијание на нивниот раст и развој. Децата прават емотивна врска со родителот/згрижувачот, се чувствуваат сигурни и безбедни, се поврзуваат со другите деца во семејството и се гледаат како браќа и сестри. На овој начин тие полесно се интегрирани во заедницата, со другарчињата од училиштето, со врсниците од заедницата им дава подобра можност за социјална интеракција и да развијат правилни социјални вештини за вклопување и осамостојување.

Децата исто така се едуцираат во однос на нивните права, за тоа како да се заштитат од опасностите во заедницата, но и како да учествуваат во процесот на носење одлуки во семејството и дека и нивниот глас е важен и треба да биде слушнат со што се јакнат како индивидуи и полесно се справуваат како млади луѓе или возрасни кои треба да се осамостојат.

Ние сме исто така поразлични од повеќето невладини бидејќи директно даваме услуги, и често кога донаторите или партнерите за прв пат ќе ги посетат нашите програми на терен се позитивно изненадени од она што ќе го слушнат, видат или искусат и често велат ‘’ не сме знаеле дека ваков начин на грижа и поддршка постои во нашата земја’’.

Со донаторите и партнерите остваруваме долгорочни релации и соработка, бидејќи многу лесно успеваме да ги ‘’заразиме’’ со нашата СОС мисија дека секое дете заслужува да живее во сигурна и безбедна средина, да има љубов топол дом и дека ниту ЕДНО ДЕТЕ НЕ СМЕЕ ДА РАТЕ САМО !

2. На децата кои пристигнуваат во СОС Детско село најчесто им треба помош, поддршка и згрижување, за подоцна да го најдат своето место во светот. Што се’ обезбедува СОС Детско село за нив?

Првенствено топол дом, грижа и семејна средина во која ќе се чувствуваат безбедни. За жал многу од децата кои се згрижени доаѓаат од небезбедна семејна средина, некои од нив имаат поминато низ болни и трауматични искуство.
Затоа првенствено е важно да се почувствуваат сигурни и безбедни и да се изгради релација на доверба со родителот/ згрижувачот, а потоа и со стручните соработници кои даваат психосоцијална поддршка на децата, едукативна поддршка, како и да имаат позитивни искуства со другите деца и опкружувањето во кое се наоѓаат. Понатаму, индивидуалниот пристап овозможува планирање на разни активности за поддршка на правилниот раст и развој на детето, и од аспект на психичкото здравје но и од аспект на поддршка на неговите таленти, интереси со вклучување во разни дополнителни активности – како спорт, јазици, танцови, уметност и слично.

Поддршка во однос на справување со тековните образовни задачи и предизвици со цел да се унапреди или одржи училишниот успех.
Секако пристапот до образование и здравствените услуги е задолжителен и право на секое дете, иако многу од нив немале пристап до овие основни детски права.

Во фазата на адолесценција, стручните тимови даваат поддршка во делот на стекнување на животни вештини и подготовка за осамостојување, поддршка при избор на средно образование, професионална ориентација и мотивација за високо образование кај младите кои имаат и интерес и капацитет за тоа.

3. Колку деца во моментов се згрижени во СОС Детско село? И кој се грижи за децата во вашата организација?

СОС Детско село денес обезбедува директна грижа во младинските куќи за вкупно 28 млади без родителска грижа. Во згрижувачките семејства кои ги поддржуваме, а од оваа година тоа се 64 семејства, згрижени се вкупно 140 деца и млади без родителска грижа.За нив се грижат згрижувачи кои имаат поминато едукација за згрижување, имаат валидна лиценца и ги задоволуваат критериумите на државата за да им биде дадена одговорност да се грижат за децата и младите без родители.

СОС Детско Село, официјално од 2022 доби лиценца да отвори нова услуга, Центар за поддршка на згрижувачки семејства, и со тоа го прошири своето делување и поддржување од 13 семејства на 64 семејства во повеќе градови во државата. Оваа лиценца и одговорност дадена од страна на државата ја сметаме како потврда за квалитетот на нашата работа, 20 годишното искуство и експертиза и во наредните години ќе работиме на унапредување на грижата на децата во згрижувачкиот систем. Ние преку Центарот за поддршка на згрижувачките семејства, го следиме развојот на згрижените деца, го мониторираме квалитетот на грижа, но даваме поддршка и на згрижувачите и на згрижените деца да се справат со сите развојни предизвици додека децата се во грижа.

4. Одреден дел од децата без родители наоѓаат згрижувачко семејство, но голем дел од нив ја немаат таа среќа. Постои ли кај граѓаните интерес за згрижување на овие дечиња?

За жал и покрај социјалните реформи кои се случија во нашата држава, сеуште постојат многу деца кои имаат потреба од ваков вид на заштита, односно потреба да бидат сместени во згрижувачки семејства. Затворањето на големите институции беше вистински чекор со цел да се овозможи грижа за децата во семејна средина но за жал нема доволно Згрижувачки семејства и заинтересирани граѓани, колку што има потреба за згрижување на овие деца.

СОС Детско село активно ќе се залага за промовирање на згрижувањето, за доближување на информациите и можностите за згрижување на деца, со цел да се зголемува бројот на Згрижувачки семејства и секое дете да има топол дом, љубов и грижа. Ова е нов предизвик за нас како организација, но со поддршка на институциите, партнерите, донаторите, а секако и со сите индивидуалци кои ја подржуваат нашата работа. Ќе се стремиме да мотивираме, обучуваме и подржуваме лица и семејства кои имаат можност, љубов за деца и услови да го прават тоа. Секое дете заслужува семејство. Затоа од 1ви Јуни започнуваме со реализација на Кампањата ПОДАДИ РАКА И СТАНИ ЗГРИЖУВАЧ за да ги отвориме вратите на домовите на граѓаните кои можат да ги сменат животите на овие деца. Во географскиот регион кои го покриваме како организација би рекла дека има потреба особено да се развие згрижувањето во Скопје, во Велес, во Струмица, во Кавадарци, Неготино…..

5. Сепак, СОС Детско село може да им понуди згрижување на децата додека тие да наполнат 18 години, односно до полнолетство. Што се случува со децата откако ќе го напуштат СОС Детско село?

Во текот на долгогодишното работење и функционирање, растење и созревање, научивме дека на младите без родителска грижа, како и на младите во разни социјални ризици, им е потребна помош во осамостојувањето.
За непречен премин во потполно независен живот, СОС Детско село преку својата “Програма за млади за социјална интеграција“, како и преку други проекти фокусирани на вработливоста на младите, ги подржуваа и понатаму со доквалификација ако има потреба, поддршка да најдат домување, материјална помош, помош во донации, обуки за комуникација, подготовка за интервју и финално поддршка за вработување со што се заокружува целиот процес. Горди сме што голем дел од овие млади, некои со наша помош-некои и без наша помош, успеваат да се осамостојат, да студираат и најпосле и да се вработат.

Некои од нив имаат веќе оформено свои семејства имаат и деца за кои се трудат да се грижат како одговорни родители.
Во целиот процес на згрижување, а потоа и осамостојување клучна е и системската поддршка од страна на институциите, поддршката од страна на донаторите, партнерите и целокупната заедница, без кои СОС Детско село не би можело да ја даде оваа сеопфатна поддршка.
Грижата за деца без родители е најтешката, но и најскапата социјална услуга и претставува огромна одговорност, како за СОС Детско село, така и за институциите во државата. Социјалните работници, но и другите стручни лица кои се дел од овој тип на грижа се клучни, како и нивната стручност и посветеност. Само тие ја знаат тежината и сите предизвици кои се на патот на осамостојување на овие деца. А предизвици има многу, а повеќето не се видливи за јавноста. За жал, не сите млади успеваат да се осамостојат и да застанат на свои нозе, бидејќи и покрај напорната работа и од страна на СОС Детско село и Центрите за Социјална работа, системот не може да одговори на сите специфични потреби на децата и младите и некои од нив остануваат и понатаму ‘’заглавени’’ во системот за социјална заштита како приматели на социјална помош или друг тип на поддршка кој го дава државата.

Морам да напоменам, дека во последните години има голем напредок во мерките на системот за социјална заштита, за поддршка на младите кои ја напуштаат грижата (со оглед на вкупната социјална слика во државата) иако тоа не е доволно, а домувањето сеуште останува најголем проблем за овие млади лица.

Постои еднократна парична помош за напуштање на грижа по 18 години, помош за социјално домување, минимална гарантирана помош, помош за студирање, оперативен план за вработување итн… сепак она што недостига е социјално менторство на сите млади кои ја напуштаат грижата, и континуирана поддршка бидејќи често младите се изгубени во лавиринтите на државниот систем и им е потребна помош во подолг временски период.

СОС Детско Село го има тоа искуство и таа практика за оние млади кои ја напуштаат грижата. Досега оваа поддршка ја користеле окулу 60 млади кои ја напуштиле грижата на СОС Детско село.

Процесот на подготовка за осамостојување започнува 2 години пред излегување од грижата. Генерално, поддршката е насочена кон креирање на индивидуални планови, кои содржат елементи на домување, стекнување со одредени вештини ( животно-практични, вештини за вработување итн), советување и прифаќање на новата состојба во која се наоѓаат младите, но исто така и материјална помош во индивидуални случаи кога проценуваме ризици за младото лице. Значи поддршката е индивидуализирана, зависно од потребите и холистична.

6. Знаеме дека работата на СОС Детско село е хуманитарна, но многу одговорна. Добивате ли поддршка од соодветните институции? Колку тие ви ја олеснуваат или отежнуваат работата?

Нашата работа е тесно поврзана со надлежните институции, а тука се првенствено Центрите за Социјална работа и Министерството за Труд и Социјална работа, но и други министерства.Неопходна е соработката со институциите за да можеме да ги оствариме сите цели, но и да се максимизира поддршката за овие деца и млади. Ние имаме многу добра соработка со Министерството за труд, но понекогаш и тие се немоќни во решавање на специфични случаи. Слабости во системот сеуште има многу, посебно што нема доволно развиени специјализирани услуги за деца и млади кои имаат специфични потреби и предизвици во развојот, за кои се потребни посебни индивидуални пристапи и специјализирана поддршка.

Згрижувачите понекогаш се соочуваат со многу предизвици кога едно дете има потреба од посебна специјализирана грижа и внимание со што се намалува квалитетот на грижата кон другите деца во семејството. Недостасуваат и форми за поддршка на млади кои излегуваат од грижа, а кои заради својата состојба не се во можност да живеат самостојно, се без или намалена работна способност и им е потребна континуирана поддршка. Меѓу секторската соработка со другите институции, би рекла дека е најслабата карика во целиот процес на грижата на деца, а особено здравствениот сектор кој е клучен за специјализирани услуги за оваа ранлива категорија, кои треба да го помогнат и поддржат правилниот психофизички развој на овие деца.

Само со координиран пристап од институциите и организациите кои работат со ранливи категории може да направи позитивна промена во општеството и да се унапреди квалитетот на услуги за децата. Ние се надеваме дека овие промени ќе се случуват што побрзо, бидејќи потребата за тоа е евидентна и им е потребна на овие деца и млади.Ние сите заедно сме одговорни за нивната иднина, бидејќи секое дете и млад човек го заслужува тоа.

ПР текст

Би можело да ве интересира

ФЛЕКС КРЕДИТ и оваа година се закити со статуетка за значаен придонес и поддршка на децата штитеници на СОС Детско село

Предраг Петровиќ

Макстил станува стратешки партнер на СОС Детско село: „Да ги пренесеме најважните семејни вредности за децата во кумската куќа“

Орце Костов

Компанијата Зегин и СОС Детско село – пријателство кое трае

Ана Ололовска

Ракометната федерација на Македонија доби специјален дрес од „СОС Детско село“

Нова хуманитарна кампања на Винчини со омилениот производ кој е уникатен со вкус и единствен со хуманитарната вредност ROCKY

Катерина Ѓуровски

Првото кумство на згрижувачко семејтво во СОС Детско село