Граѓаните во земјава најчесто ангажираат приватно обезбедување на домот откако „ќе се изгорат“

Од:

Објавување фотографии на социјалните мрежи додека сте на одмор е една од мамките што ја користат крадците за да извршат кражба во домовите, а е нешто на кое граѓаните особено не обрнуваат внимание, сакајќи да се пофалат колку убаво си поминуваат далеку од дома.

Најголемиот дел од провалните кражби не се однапред планирани и се случуваат преку ден кога домот е празен. Сепак некои од нив се планирани, а крадците многу добро знаат дека станарите не се дома, можеби и на подолго, на летен одмор.

Стоп за објавување фотографии на Фејсбук, Инстаграм, Твитер…е една од препораките за да се превенираат кражбите на домовите, кои особено се зачестени во летниот период, а која е содржана во кампањата за превенција „Безбедност на домот“.

Самите граѓаните да се вклучат во обезбедувањето на својата сигурност, применувајќи низа препораки е целта на оваа кампања, но исто така со неа се препорачува и користење на услугите на приватните компании за обезбедување, но се советуваат и општините да дејствувата превентивно онаму, каде тие се надлежни.

Подобро да се спречи отколку да се лечи

Заклучувајте ги сите прозорци и врати, дури и кога сте дома, незаклучените странични и задни врати и прозорци се места низ кои крадците најчество влегуваат, поставете сигурносни брави (deadlock) на сите надворешни врати и прозорци, поставете безбедносна врата со мрежа (security screen door), заклучувајте го вашето поштенско сандаче за да го спречите крадењето на поштата и лични документи, инсталирајте алармен систем со надгледување (monitored alarm system), направете копии (backup) на комјутерски хард дискови, користете услуга на приватно обезбедување.

Ова се дел од препораките во кампањата „Безбедноста на домот“, која ја спроведуваат Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, Министерството за внатрешни работи и Град Скопје.

Генералниот секретар на Комората Сања Керметчиева во разговор за МИА вели дека кампањата претставува континуитет на активностите на Комората кои произлегуваат од определбите од Стратегијата за развој на приватното обезбедување 2016-2020 особено во функција на јавно приватно партнерство со полицијата, истакнување на превентивниот карактер на дејноста и секако приближување до граѓаните и општ придонес за унапредување на безбедноста.

-Кампањата се одржува во сезоната на годишни одмори кога статистичките податоци покажуваат зголемено нарушување на безбедноста на домот. Има национален карактер, се спроведува и се однесува на целокупната територија на земјата, појаснува таа.

Кампањата опфаќа три главни настани – минатиот месец се одржа стручна дебата на тема „Безбедноста на домот преку превенција на новите закани и безбедносни ризици”, вториот настан беше тркалезна маса која се одржа на кон крајот на минатиот месец во Охрид.

Централниот настан се очекува кон крајот на летото, кога ќе биде претставена студија која ќе ја продуцира проектот, со лоцирани состојби, правци за натамошно постапување, предизвици и слично во врска со превентивната улога на приватното обезбедување и придонесот кој тоа го реализира во безбедносниот систем на нашата држава.

Во Скопје околу 3.500 приватни обезбедувачи

Во однос на капацитетите и ресурсите на приватното обезбедување врз основа на законските евиденции на Комората вкупно 79 правни лица вршат пpиватно обезбедување во вид на давање услуги за физичко и за техничко обезбедување, исполнувајки ги законски пропишаните минимални критериуми за работа.

Керметчиева во разговор за МИА вели дека во секторот приватно обезбедување се вработени околу 5.500 работници (во агенции и во фирми со сопствено обезбедување).

Конкретно само во Град Скопје активно, работат околу 26 агенции за приватно обезбедување. Вработуваат околу 2.500 работници за обезбедување, а како што нагласи Керметичиева ако на оваа бројка се додаде и бројката од околу 1000 работници за обезбедување кои работат во фирмите за сопствено обезбедување има околу 3.500 работници за приватно обезбедување во главниот град, што не е воопшто занемарлив фактор за безбедноста на граѓаните.

-Напротив, може да се смета дека околу 1000 лица во секое време се грижат за приватната безбедност додека ние граѓаните сме на своето работно место, додека децата учат во училиштата, кога патуваме на аеродром, посетуваме концерт или фудбалски натпревар и воопшто секогаш, насекаде, истакнува Керметчиева.

Основната улога на приватното обезбедување, додава таа, е физичкото обезбедување.

-Можеби и не сме свесни но првото добро утро кога ги носиме децата во училиште го разменуваме токму со работникот за приватно обезбедување, тој ги познава и децата и родителите и персоналот и непознатите посетители. Во шопинг моловите работниците за физичко обезбедување се незабележителни, дискретни, но непрекинато внимаваат не само на продуктите кои се во продажба, туку и на безбедноста на купувачите. Физичкото обезбедување се среќава во фабриките, деловните објекти, во болниците, банките, аеродромите и слично, нагласува таа.

Керметичиева додава дека во услови на заедничко домување во станбени згради, па и во куќи граѓаните често се одлучуваат за обезбедување со технички средства и уреди за заштита на нивниот имот, кога со примена на вградени современи технички системи, како што се камери, противпровални системи, аларми и слично од далечина, а во центарот за обезбедување и надзор на агенциите се врши постојано 24 часовно следење на состојбата во објектот кој се обезбедува.

-Ваквата услуга подразбира дека преку поставување на видео надзор, противпожарни системи, системи за детекција и дојава на провала, кражба се води грижа за сите опасности кон имотот на граѓаните без оглед дали заканата е предизвикана од извесен надворешен напад (криминал) или од некоја непогода (поплава, пожар), појаснува таа.

Заради зголемана ефикасност во работењето агенциите за приватно обезбедување вршат мониторинг патролно обезбедување, кога по пристигнат алармен сигнал се ангажираат работници за приватно обезбедување и патролни возила кои за кратко време излегуваат на терен, на локацијата од каде е пристигнат алармниот сигнал за непосредно утврдување на причината за активирање на алармот и во случај на потреба веднаш се известува полицијата, односно брза помош или противпожарни единици.

Таа нагласува дека наведените форми на физичко, техничко и мониторинг патролно обезбедување се приоритетно издвоени во контекст на безбедноста на домот на граѓаните, но палетата на активности на приватното обезбедување е многу поширока, вклучувајќи транспорт на пари, обезбедување на јавни манифестации, на спортскиот и културно забавен живот на граѓаните, обезбедување на критична инфраструктура (аеродроми, електрани, водовод).

Цената на обезбедување на домот во просек 20 евра месечно

Целта е да се зголеми свеста за важноста на превенцијата, некои од препораките се навики кои граѓаните треба да ги применуваат во сопственото живеење, но некои се мерки кои чинат пари и претставуваат дополнителен товар за ионака отповарениот буџет на граѓаните на земјава.

Во моментов Комората не располага со обработени податоци за тоа колку од тие компании веќе се ангажирани за обезбедување на домовите, колку овој вид обезбедување се користи во земјава. Работат на завршен документ студија, која ќе биде промовирана по обработката на сите податоци.

Сепак во разговор за МИА со неколкумина сопственици на компании за обезбедување, кои побараа анонимност, добивме впечаток дека оваа услуга поретко се бара од граѓаните. Најголема побарувачка засега има за обезбедување правни субјекти.

Некои од нив обезбедувале и цели згради, но во моментов побарувачката не е голема. Велат граѓаните најчесто ангажираат приватно обезбедување на домот, откако ќе им се случи некоја незгода. -Купуваш противпожарен апарат, откако ќе те зафати пожар, изјавија тие за МИА и додаваат дека е потребно да се зголеми свеста кај граѓаните за значењето на превенцијата во обезбедувањето на нивните домови.

Најчесто нудат услуги за обезбедување со аларм и патролно обезбедување, доколку се активира уредот. Некои побогати граѓани бараат и физичко обезбедување 24-часа, а некои и обиколка на домот секоја вечер.

За еден граѓанин да си го обезбеди домот потребно е да набави аларм, кој во зависност од сензорите што ги содржи може да чини од 140 евра до 400 евра, но има и такви полуксузни до две илјади евра. Освен трошоците за алармот месечно би требал да издвојува, како што ни кажаа сопствениците на неколку компании за обезбедување во просек по 20 евра. -Колку една смета за кабловска, велат тие.

Сепак цената варира и тоа од 15 евра до 50 евра во зависност од локацијата за патролно обезбедување. Поскапа е услугата за домовите во периферијата на градот, каде е потребно подолго време да пристигне патролата.

Со оглед на финансиската состојба на граѓаните во земјава се постапува прашањето како ќе се развие свеста кај нив дека е добро да ангажираат приватна компанија за обезбедување на нивниот дом, како ќе се убедат да одвојат дополнителни средства од својот месечен буџет.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на стручна дебата на тема „Безбедноста на домот преку превенција на новите закани и безбедносни ризици“ минатиот месец на прашањето на МИА како да ги убедиме граѓаните да издвојат од буџетот за приватно обезбедување на домовите рече дека преку кампањата ќе се обидат да покажат дека безбедноста зависи од сите нас и оти тоа што ќе го направиме сите заедно ќе има поголеми резултати. Додаде дека допрва ќе се разгледува модалитетот за тоа на кој начин ќе се поттикнат граѓаните да ангажираат вакви агенции.

Кермтечиева вели дека услугите на агенциите за приватно обезбедување како трошок се прилагодени на примањата на просечниот граѓанина во нашата држава, но пред се вредноста се мери преку цената на мирот, спокојот и цената на гаранцијата за семејните вредности како спомени, подароци и други лични работи (накит, украси, уметнички слики и сл.) кои емотивно се приврзани за граѓаните и претставуваат непроценлива вредност.

Со взаемна соработка на МВР, приватните обезбедувачи, општините, граѓаните до поголема безбедност

Статистички 50 до 70 отсто од пријавените кривични дела годишно отпаѓаат на имотен криминал. Тешките кражби се убедливо на прво место на листата на најзастапени имотни кривични дела и кога се работи за пријавени, но и кога се работи за осудени лица. Тешките кражби во кои доминираат провалната кражба достигнуваат дури до 30 отсто од пријавените имотни кривични дела.

Од вкупниот број пријавени дела на имотен криминал само околу една третина од пријавените сторители се гонат и осудуваат. Во најголем број од случаите на пријавени имотни дела сторителите остануваат непознати или пак се недостапни за органите на прогонот.

Забележано е намалување на тешките кражби минатата година. Од МВР за МИА нагласија дека што се однесува до кривичните дела тешка кражба во 2018 година во однос на 2017 има намалување од околу четири отсто.

Нагласуваат дека најчести случаи на тешките кражби се извршени во станови и викендици или на моторни возила.

Законот за приватно обезбедување прави суштинска дистинкција помеѓу обезбедувањето што е во надлежност на органите на државната управа од обезбедувањето што го вршат правните лица во вид на услуги, односно за сопствени потреби каде што се наоѓа обезбедувањето на домот непосредно од кражби и провали 24 часа.

Керметчивеа нагласува дека улогите на МВР и на приватните агенции за обезбедување се јасно дефинирани во регулативата. Приватното обезбедување е овластено да ги применува своите овластувања само и единствено во граници на просторот кој се обезбедувања.

Од друга страна пак, евидентна е соработката и практичното надополнување во вакви сродни и блиски професии, односно приватното обезбедување јасно и отворено ги нуди своите капацитети во функција на тековното работење на полицијата.

-Светски практики покажуваат позитивни примери на блиска, заедничка и непосредна работа на полицијата и приватното обезбедување. На пример во Естонија полицијата доставува до приватното обезбедување листинг на украдени возила, така што при патролирањето приватното обезбедување кога ги препознава регистрациите на украдените возила веднаш јавува во полицијата. Постојат и други бројни позитивни примери од оваа област, додава таа,

ОД МВР пак нагласуваат дека треба поголем ангажман на сите чинители во општеството, граѓаните да го преземат својот дел да се заштитат, но и општините да ги преземат своите обврски, да ја активираат работата на советите за превенција. Такви има во секоја општина, но во голем број не функционираат.

Добро осветлена населба имал помала шанса навечер да биде мета на крадци, велат од МВР, а осветлувањето на пример е во надлежност на општините.

Кампањата се спроведува во летниот период, наменски кога голем дел од граѓаните заминуваат на летни одмори, а нивните домови остануваат празни.

Керметчиева за крај им советува на граѓаните освен ангажирање на услуга на приватно обезбедување, да се грижат за заклучување на влезната врата, затворање на прозорци, да не се дозволуваат влез во домот на непознато лице, периметарот на станот/куќа добро да го осветлат, да развиваат и негуваат добрососедски односи и да се воздржат од објави на социјалните медиуми додека отсустваат од дома.