Светскиот ден на музиката и 21 јуни првиот ден на летото, битолчани ќе го одбележат со традиционалната манифестација „Солстис- празник на музиката“.
Организатори на вечерашниот културен настан, кој ќе се одвива на седум локации на Широк Сокак, се Француска Алијанса-Битола и невладината организација Центар за културна деконтаминација-Битола. Најавуваат настапи на групи, ди-џеи, мандолински оркестар, класична и друга музика.
– Битола, како франкофонски град, фестивалот „Солстис-празник на музиката“ го организира од 2002 година, а овој пат се одржува под мотото „Да уживаме заедно во музиката“. Настанот е составен дел на светската традиција која почна пред 33 години, а кон која се вклучени 700 градови од 120 држави каде токму на 21 јуни ги слават светскиот ден на музиката и доаѓањето на летото. Секако овој настан најмногу се одбележува во Франција каде се промовира музиката на професионалците и аматерите на бесплатни концерти, како што вечерва ќе биде и во Битола, истакна Гијом Жавуре, претставник на Француска Алијанса-Битола.
Фестивалот „Солстис-празник на музиката“ е предвесник на културно-уметничката манифестација битолско културно лето „БитФест“ чија програма наскоро ќе биде објавена и ќе се реализира во овој град.