Болеста монилија мора да се лекува, не да се ставa под тепих

Од:

Кафеавото гниење на плодовите кај коскестото овошје е болест што е буквално присутна во секој овоштарник во Република Македонија, а минатата година таа беше причината што беа вратени пратки со овошје од рускиот пазар. Овоштарите мора да преземат низа мерки за да ја искоренат заразата од овошните насади, ако не сакаат да претрпат огромни штети. Само со нивна целосна посветеност ќе го намалат инфективниот потенцијал, за неколку години да можат ситуацијата да ја стават комплетно под контрола и повторно да извезуваат коскесто овошје.

Да се намали инфективниот потенцијал до најниско можно ниво

На две средби со откупувачи и производители на овошје од Росоманско, како најголем регион за производство на праски во државата, организирани од Министерството за земјоделство, професор Билјана Кузмановска, фитопатолог од Факултетот за земјоделски науки и храна, говореше за тоа како штетите од болеста, што можат да бидат катастрофални, да се сведат на минимум. Да се намали инфективниот потенцијал до најниско можно ниво. Преку научна презентација, таа даде образложенија за каков штетен организам се работи, кои мерки треба да се преземат во наредниот период, сите да се заложат за да се успее повторно да се отвори рускиот пазар. Целта на едукативните работилници е поблиско запознавање со карантинскиот штетен организам, болест народски позната како монилија.

-Како болест е позната одамна и присутна во наши услови, но онаа болест што ние до пред некоја година ја знаевме како монилија е всушност причинета од сосема друг штетен организам познат како монилинија лакса, или причинител на сушење на цветовите, гранките и гранчињата кај коскестото овошје и причинител на кафеаво гниење на плодовите. Оваа монилија, што е утврдена преку молекуларна дијагностика минатата година, утврдена речиси во најголем дел од реоните и во најголем дел од насадите, е сосема друг вид и е насловена како монилинија фруктикола. Позната е како причинител на кафеаво гниење на плодовите од коскестото овошје. Симптоматолошки, двата штетника на терен не можат да се раздвојат еден од друг. Симптомите на двете габи се, во најмала рака, идентични, информира професорката.

Таа појасни дека лакса е економски штетен организам широко присутен и одамна познат во Европа, што во наши услови претежно прави поголеми штети на цветовите, гранките и гранчињата. Фруктикола е доста поагресивен патоген, што прави поголем проблем и поголеми економски штети во вториот дел од вегетацијата. Предизвикува деструктивна болест позната како кафеаво гниење на плодовите. Потекнува од Америка, каде што е познат како најдеструктивен причинител за кафеаво гниење кај коскестото овошје. Габата е широко распространета речиси на сите континенти. Во Европа е релативно нов патоген, утврден во шеснаесет земји. Постои уште еден вид монилинија фруктигена, широко распространет во наши услови, претежно познат како европски причинител на кафеаво гниење кај јаболчестото овошје. Податоците на терен покажуваат дека фруктикола на некој начин ја има преклопено лакса, бидејќи е многу поагресивна, многу побрзо и полесно се шири.

Професорката говореше за симптоматологијата на оваа агресивна габа што прави најголеми штети кај праските и кајсиите. Се задржа и на биологијата на паразитот и циклусот на развојот на габата, нејзината етимологија. Информира дека таа може да презими на различни начини во природата и располага со исклучително голем инфективен потенцијал. Кога ќе се појави, многу е тешко да се стави под контрола. Многу често во природата се јавува во таканаречени епидемиолошки размери, а штетите се исклучително високи и можат да се движат од 50 до 100 проценти загуба на плодовите. Карактеристичен е и еден друг проблем со оваа габа. Инфекциите на плодовите кои се настанати пред бербата или во текот на бербата продолжуваат да се развиваат и во постбербениот период. Симптоми од неа многу често се јавуваат и во текот на складирањето или транспортот на плодовите.

-Всушност, она што се случи минатата година со враќање на пратките од Русија е токму тоа. Друг проблем, а верувам дека се јавува кај најголем дел од производителите, е тоа што во рамките на еден насад има поголем број сорти, кои созреваат во различно време. Раните сорти секогаш служат како инфективен потенцијал за подоцнежните. Меѓу другото, извор на зараза во одделни насади се секако и околните овоштарници, па дури и поединечни стебла кои се исто така домаќини на оваа габа, соопшти Кузмановска.

Внесена преку заразен посадочен материјал

Професорката се осврна и на ширењето на габата на подолги и пократки растојанија.

-Повеќе од сигурно е дека болеста во наши услови е внесена преку заразен посадочен материјал. Преку заразени калемени садници, подлоги или калем-гранки, од некоја од земјите во која оваа габа е присутна. Но, тој материјал што е внесен, најверојатно бил латентно или скриено заразен, на самиот посадочен материјал немало присуство на симптоми за болеста. Сакам да нагласам дека едно е како била внесена болеста можеби на една, две или три локации, но во моментов има габа што е буквално присутна во секој овоштарник во Република Македонија. Тоа значи дека болеста се има раширено во земјава, исто така со посадочниот материјал. Меѓу другото, постојат податоци дека габата од една во друга земја или од еден во друг регион може да се пренесе и преку заразени плодови што се наменети за консумација. Токму од таа причина беа вратени пратките од Русија, децидна беше професорката.

Можеби најважниот дел, додаде, се мерките за контрола на оваа болест.

-Болеста е толку многу раширена што веќе не може да се зборува за искоренување. Ја има и ќе ја има. Но она што мора да се направи е штетите од оваа габа да се сведат на минимум. Тоа значи дека инфективниот потенцијал што во моментов е енормно присутен во насадите да се сведе на најмало можно ниво. Тоа не може да се направи прекуноќ, тоа ќе биде повеќегодишен процес што ќе се реализира со комбинација на агротехнички, механички и хемиски мерки за заштита. И едните и другите се задолжителни. Мора да се спроведуваат во текот на наредните години. Агротехничките и механичките се клучни мерки во моментов, бидејќи со нивна примена директно се работи на намалување на инфективниот потенцијал што го има во насадите. Тоа значи дека прво и неопходно е сите производители во своите насади мора итно да ги отстранат сите изумрени или сосема суви растенија. Бидејќи тие се практично мртви, род не даваат, а служат само како потенцијален извор на зараза. Но не само да се отстранат, туку и да се запалат. Сега во периодот на мирување, задолжително да се направи строга резидба и отстранување на сите заразени гранки и гранчиња, нивно изнесување и палење, рече, појаснувајќи како треба да биде извршена резидбата.

Исклучително важно е, нагласи, справувањето со мумифицираните плодови кои ги има и во крошните и на земјата, а се главниот инфективен потенцијал. Задолжително е постојано да се отстрануваат таквите плодови од насадите. Или треба длабоко да се закопаат или да се изнесат подалеку и најдобро е да се запалат. Овоштарникот да се одржува во беспрекорна состојба, да биде чист. Значајна мерка е и проретчувањето на плодовите. При бербата, механичките оштетувања на плодовите да се сведат на минимум. Говореше и за постбербените мерки за контрола. Дезинфекција на магацините, контејнерите и другиот материјал за пакување.

Русите мора да видат дека сме презеле мерки

Ивица Ангеловски од Фитосанитарната управа при Министерството за земјоделство рече дека целта на ваквите средби е надминување на проблемот.

-Ние како Министерство уште истиот ден кога добивме од Руската Федерација соопштение дека е воведена времена забрана за увоз на коскесто овошје за Македонија и Србија, веднаш стапивме во контакт со Руската амбасада и со директорот на Македонско-руската стопанска комора. Пробавме да добиеме образложение за што конкретно се работи. Во некои камиони биле најдени позитивни примероци и од тие причини е воведено времено ограничување. Откако добивме информации од службите при Руската Федерација, направивме работна група и презедовме серија интензивни мерки за систематски да се надмине овој проблем што е можно поскоро. Работиме интензивно во текот на целата зима за да ги едуцираме овоштарите за навремено да се преземат сите мерки, за наредната сезона да не се појават истите проблеми. Колку-толку да можеме да ги ублажиме состојбите и повторно да го отвориме рускиот пазар, за да може нашето овошје непречено да оди таму. Направивме еден акциски план, кој опфаќаше спроведување засилен инспекциски надзор, како во насадите со коскесто овошје така и во откупните пунктови, во складиштата. Со истиот надзор требаше да се овозможи едукација на земјоделците, на овоштарите, но и да се дадат препораки што да се преземе во наредниот период. Изготвивме и упатство за преземање мерки. Упатството е доставено преку подрачните единици, рече тој пред присутните.

Било направено и зголемување на буџетските средства во Министерството.

-Така што оваа година ќе се земаат повеќе примероци за анализа и ќе се прават повеќе прегледи, за разлика од минатата година. Ако во Росоман претходно биле земени 20 примероци само за овој штетен организам, оваа година ќе се земат од 80 до 100 примероци. Четири – пет пати повеќе. Државата ги презема сите механизми, колку што е можно поскоро да се применат сите мерки, за да се отвори пазарот. Русите бараат да им се покаже што е преземено, за да се уверат дека навистина се работи против болеста. Мора сите заедно да се заложиме. Руските инспектори ќе дојдат, ама мораме да им покажеме дека сме презеле мерки, категоричен беше Ангеловски.

Во Росоман беа и претставници од државната фитосанитарна лабораторија што е во состав на Министерството, надлежна за вршење лабораториски анализи. Анализите од таа лабораторија го докажале постоењето на габата.

Присутните имаа можност да поставуваат и прашања околу инфекцијата, која е рак-рана за коскестото овошје.

Не се отстрануваат и не се палат изрежани гранки

Одделни извозници кои извезувале праски во Русија и други земји и по петнаесетина години коментираа дека болеста во Македонија ја имало и претходно, а не само од минатата година. Поединци нагласија дека им е симптоматично што им биле вратени праски.

-А праската беше тотално здрава. Без никаков проблем. Имавме контролори од Русија кои специјално одат од Русија и го контролираат секој камион. Со лупи гледаат, со сè гледаат и ништо. Имам пријател фитосанитарен инспектор на самата граница помеѓу Белорусија и Русија. Рече нема проблем со праските, ама мора да се вратат назад. Истите праски што беа вратени, ги продадов во Украина и Полска. И немаше никакви проблеми. Значи, треба уште сега да се преземат некои мерки, за да знаеме што да правиме. Да не се прават залудно трошоци за производство и заштита, ако се има предвид дека лечењето трае со години. А ако не се успее, ако пак праќаме пратки и пак ни ги враќаат, што тогаш. Многу земји ја имаат болеста, а досега немале проблеми, коментира еден од производителите извозници.

Професорката беше децидна дека половина од земјите во Европа ја немаат болеста или можеби сè уште не е утврдена. Во многу земји каде што ја има е најдена само на едно место и таа е искоренета. Многу е лесно болеста да се искорени ако ја има само на едно место, само едно жариште. Се пали насадот и тука завршува приказната. Во Македонија, нагласи, буквално секаде е присутна.

-Таа има статус на карантински штетен организам. Таа е регулирана штетна габа на ниво на Европа. Во Русија воопшто ја нема. Русија мора да се брани. Ние можеме да се вадиме и на политика, но Русите ја немаат. И тие како сериозна држава мора да се бранат на секаков начин од влез на оваа габа. Еве ние ја имаме, ама не сакаме да ја внесеме. На граница ако внесеме пратка или посадочен материјал, ќе ги уништиме. На терен сум присутна постојано. Можностите како држава ни се такви, успеавме болеста да ја регистрираме дури минатата година. Ние како сериозна држава сега мора ситуацијата да ја ставиме под контрола. Ако ја утврдевме габата во само еден регион, се ќе спалевме таму. И ќе кажевме дека е ограничено присуството, сме преземале мерки и сме ја искорениле. Кај нас е присутна буквално секаде. Ако се сака да се извезува, мора да се преземат мерките за ставање на ситуацијата под контрола за неколку години, рече професорката.

Имаше и такви кои сметаа дека во заднина на враќањето на праските имало политика, па таквото свое мислење го темелеа врз тврдењето дека руски камиони поминале, а кавадаречки биле вратени.

-Ние можеме да зборуваме дека е политички, не навлегувам дали и претходните години имало проблем, па би било прогледано низ прсти. Но, официјално ја има, Европа е известена за тоа и тоа не може да се скрие. Не може да се стави под тепих. И како земја кандидат за Европската Унија, мора да покажеме сериозност, рече професорката.

Таа се согласи со присутните дека проблем претставува тоа што во минатото и несоодветни земале земја под концесија, па само земале субвенции, а не ги обработувале и заштитувале соодветно насадите, тоа што со праски започнувал да се занимава кој ќе му текне, па и од хоби, а имало и такви кои само си „играле” фармери. Сите тие го загрозувале овоштарството, а од тоа страдале имотите на чесните и вистински земјоделци. Рече дека треба да се алармира за тоа итно, за да се преземат мерки. Се постави и прашање, дали е можно мапирање кои насади се заразени, а кои не, можно ли е одделни овоштари да добијат своевидни сертификати со кои ќе им се гарантира дека нивните праски немаат болест. Затоа што, како што размислуваа гласно, немањето извоз во Русија значи крај за земјоделството во овој крај, блокади и фрлање на праските.

Професорката изрази загриженост бидејќи информациите од терен говореле оти изрежаните гранки повторно се оставале во насадите, наместо да се изнесат и запалат, што е голем проблем. Така, нагласи, нема да се победи заразата. Меѓу присутните имаше и такви кои признаа дека се случувало да влезат во насади во кои немало каде да се згазне од тоа што целата земја била покриена со мумифицирани праски, за кои Кузмановска советуваше дека мора да се отстранат, спалат или закопаат длабоко во почвата, подалеку од насадите.

Од 40 мостри земени од Тиквешко, 35 биле позитивни

И ако на првата средба имаше и такви што реагираа оти не биле поканети, на втората, од околу 700 овоштари во Росоманско, беа присутни само неколкумина.

Билјана Талеска, раководител на секторот за фитосанитарна инспекција при Инспекторатот за земјоделство, изрази жалење што многу малку фармери дојдоа да слушнат за болеста, иако проблемот засега многу луѓе. Нагласи дека веќе е извесно дека оваа година тешко ќе можат да се извезат коскестите плодови во Руската Федерација. Но, додаде, останува проблемот и со другите земји, затоа што никој не сака заболени плодови. Таа откри дека од четириесет мостри земени во неколкуте општини во Тиквешко, 35 биле позитивни, што значи дека болеста се има раширено насекаде. Ја има во насади низ целата држава, веќе е одомаќинета и мора да се најде начин за справување со неа, за доброто на сите. Апелира дека мора многу сериозно да се сфати оваа работа. Затоа што за неколку години на еден овоштар може да му пропадне целиот насад. Повика овоштарите да ги следат мерките што се препорачуваат, заради нив самите, но и заради државата.

-Штетниот организам е регулиран согласно Законот за здравје на растенијата. Оттука произлегува и обврската задолжително да се следи упатството со мерки за надминување на проблемот. Затоа што фитосанитарните инспектори може да дојдат во контрола, па доколку увидат дека не се постапува според тоа упатство, една од поблагите опции е задолжувување со решение за едукација. Нареден чекор е задолжување со решение, за одреден рок да се отстранат недостатоците. Третата, непопуларна мерка е казната. Ова ви кажувам како е реално црно на бело. Досега нема казнет фармер. Но ситуацијата е сериозна. Ние и ништо да не направиме, инспекциска служба од Русија ќе дојде во контрола. За да се отстрани времената забрана, треба сите да се трудиме колку што можеме повеќе, се обрати пред присутните овоштари и откупувачи и извозници на овошје.

Надица Ѓерковска од Фитосанитарната управа им рече дека постојано им стојат на располагање за стручна поддршка околу справувањето со болеста.

На средбите беше нагласено дека мора да се покаже сериозност, оти работите не се решаваат прекуноќ. Следува макотрпна работа што ќе трае неколку години.

Би можело да ве интересира

Николовски: Сите програми на министерството се донесени согласно закон

Дополнителниот заменик министер е против малите производители на храна и малите винарии – реакција на Министерството за земјоделство

„Доаѓа зима, ќе бираме помеѓу студ и глад“: Македонија пред силен бран поскапувања

Орце Костов

Аплицирајте за директни плаќања за производството на домашен лозов и овошен саден материјал

Донација од Владата: Секое дете во градинка ќе добива по еден килограм овошје неделно за дома

Орце Костов

Домати за 70, пиперки за 90, мандарини за 60 денари – замрзнати цени на дел од овошјето и зеленчукот

Орце Костов