Бибај, косовското село кое ја прослави инаугурацијата на „познајникот“ Бајден

Од:

Жители на селото Бибај во општината Феризај (Урошевац) во Косово организираа прослава во живо за време на вчерашната инаугурација на новиот претседател на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден.

Во репортажата на националната косовската телевизија „Дукаѓини“ можеа да се видат десетици жители на селото, со американски знамиња и со транспаренти со слики на Бајден, како ја следат и ја слават церемонијата на неговата ингурација.

Локалните жители велат дека се среќни поради именувањето на Бајден, затоа што, меѓу другото, како што наведува комерцијалната телевизија, „и лично го познаваат“, со оглед дека, како потпретседател во времето на претседателствувањето на поранешниот американски претседател Барак Обама, во два наврати го посетил Косово.

При една од тие посети, Бајден заедно со неговата сопруга го посети и регионот во кој се наоѓа селото Бибај.

– Многу сме среќни што Бајден дојде на чело на Америка, бидејќи го познаваме и лично. Во изминатите 21 година тој стори многу за Косово. Имавме прилика и лично да го сретнеме кога со неговата сопруга дојде во (соседното село) Сојево, изјави Сулејман Сиља, жител на Бибај.

Селото кое ја прослави инаугурацијата на Џо Бајден, се наоѓа во близина на националниот пат Урошевац-Гњилане, кој го носи името на Бо Бајден, покојниот син на новиот американски претседател.

Семејството Бајден учествуваше на церемонијата на инаугурацијата на тој пат во 2016 година.

Бо Бајден, синот на новиот американски претседател, служеше во рамките на меѓународните мисии во Косово по војната во 1998-99 година и се занимаваше со обука на обвинители и судии во новоформираната држава.

Челникотна селото Бибај, Фатон Хаџисалиху, изјави дека прославата е „во знак на благодарност за американските сојузници“ и во чест на новиот претседател на САД.

– Пред пет дена поставивме американски знамиња низ улиците во знак на благодарност. Во училишниот двор истакнавме 46 знамиња кои го одбележуваат доаѓањето на 46-тиот претседател на САД. Ова е симболичен гест со кој сакаме да покажаме дека сме заедно со американскиот народ, изјави Хаџисалиху за ТВ „Дукаѓини“.

Церемонијата во Бибај ја проследија и војници од американскиот контингент во рамки на меѓународната воена мисија во Косово, КФОР.

Поручникот на американската војска, Кесиди Хауард изјави дека е почестен од пречекот кој им е организиран во урошевачкото село, кое е во регионот на базата на војската на САД „Бондстил“.

– Многу се гостољубиви и ние се чувствуваме мошне добро тука. Тие не почитуваат и ние тоа го цениме многу. Од самиот почеток се чувствуваме добро во Косово. Ова е пријатно место и имаме извонредна соработка со косовските граѓани, изјави Хауард.

Приштинските медиуми ја нагласуваат улогата на Бајден во поддршката на Косово за време и по војната со Србија во 1998-99 година и ги пренесуваат очекувањата на Албанците дека тој и неговата администрација ќе придонесат за натамошно јакнење на косовската држава. Посебно се нагласува неговата јавна заложба за ангажирање на силите на НАТО против воените и полициски цели на Србија и тогашна Југославија во Косово и Србија.

Би можело да ве интересира

Филипс: Доколку Вучиќ навистина се грижи за Србија ќе ги нормализира односите со Косово

Ана Ололовска

Косовската министерка за финансии поднесе оставка, именуван нов министер

Жарко Настоски

Харадинај: Курти има лоша намера да формира влада со малцинствата

Косово: Претепан синот на политичарот Ненад Рашиќ, приведени седум лица

Ана Ололовска

Ќе се пребројуваат гласовите од речиси 500 косовски избирачки места

Жарко Настоски

Вучиќ: Ако Косово мисли дека нема потреба од дијалог, немам проблем со тоа

Ана Ололовска