По признанието на актерката Анџелина Џоли дека направила двојна мастектомија на дојките поради зголемен ризик од развој на рак, во чешките ординации кои се специјализирани за контрола на рак на дојки се зголеми интересот за мамографските испитувања.
Во Чешка, каде годишно од рак на дојка заболуваат повеќе од 5.500 жени, а над 2.000 жени умираат од оваа болест, лекарите се благодарни за било каков поттик за непотценување на превентивните прегледи, јави дописникот на МИА од Прага.
– Жените се јавуваат многу повеќе, телефоните не престануваат. Се надевам дека тоа ќе има големо влијание и дека поголем број жени ќе закажат и ќе дојдат на превентивен преглед, изјави лекарката Алена Билкова, од еден од мамографските центри во чешкиот главен град.
Отстранувањето на градите пред да се појави болеста кај жените, во Чешка се врши ретко.
– Овие операции не се прават често, бидејќи за тоа треба голема храброст од жените. Операцијата од техничка страна е сложена и таа треба да биде извршена од искусен хирург. Мислам дека Анџелина Џоли даде добар пример за жените кои ја носат таа генетска мутација, БРЦА1 или БРЦА2, објаснува Билкова.
И за раководителот на хируршкиот оддел на прашката Универзитетска клиника ,,Мотол”,
Јиржи Хох е добредојдено секое привлекување на вниманието на било каков начин, кој ќе влијае на зголемувањето на интересот на жените за превентивни контроли.