ВИДЕО: Во Кочани изгоре неповратен дел од нашата душа, порача Гаши на Комеморацијата за трагедијата „Пулс“

Од:

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на комеморативната седница по повод годишнината од трагедијата во Кочани порача дека ноќта на 16 март останува една од најтешките во поновата историја на државата, во која земјата изгуби 63 млади животи и дел од својата иднина.

„Таа ноќ Кочани и Македонија не ги изгубија само своите синови и ќерки, туку изгубија и дел од својата иднина. Еден неповратен дел од нашата душа таа ноќ изгоре во Кочани“, рече Гаши.

Тој истакна дека трагедијата однела не само животи, туку и соништа, планови и иднини на многу семејства, нагласувајќи дека болката што ја оставила и по една година е длабока и тешко изразлива со зборови.

„Има зборови што плачат и солзи што зборуваат. Солзите на мајките и семејствата зборуваа погласно од секоја изјава што може да ја даде кој било политичар или институција“, посочи претседателот на Собранието.

Гаши нагласи дека комеморативната седница не е формалност, туку чин на заедничко поклонување на државата пред жртвите и поддршка за нивните семејства.

Тој потсети и на солидарноста што ја покажало општеството во деновите по трагедијата – лекарите, медицинските работници, пожарникарите, полицијата, волонтерите и граѓаните кои дарувале крв и помагале на семејствата, како и поддршката од пријателските држави.

„Во најтемните моменти ја видовме и најсветлата страна на нашето општество“, рече Гаши.

Во обраќањето тој упати и порака до институциите дека правдата мора да биде спроведена професионално, независно и транспарентно.

„Правдата не треба да биде ниту пребрза поради политички ефект, ниту задоцнета. Само вистината и правдата можат да донесат барем мал спокој за семејствата“, нагласи тој.

Гаши истакна дека трагедијата треба да биде последен аларм за општеството и политичарите да изградат држава заснована на правда, чесност и одговорност.

„Трагедијата од Кочани нека биде последната трагедија на нашата земја, но и наш водич кон праведна држава со владеење на правото“, порача претседателот на Собранието.

На крајот од обраќањето, тој изрази сочувство до семејствата на жртвите и порача дека споменот на загинатите ќе остане вечен.

„Нека е вечен нивниот спомен“, рече Гаши.

Би можело да ве интересира

На изнудена комеморација ниту имињата на децата не им ги споменаа, жестока реакција на родителите по настанот во Собранието

Комеморативна седница во Собранието за годишнината од трагедијата во Кочани

Сопственикот на „Пулс“ останува во притвор во Куманово, газда „Деко“ има забелешки за затворскиот душек и честите претреси

Обвинетиот Милковски од аферата „Пулс“ вели: Јас не можам да се борам со животот, немам сили да доаѓам на судење

Продолжува процесот за пожарот во „Пулс“, се сослушуваат сведоци на Обвинителството

Граѓаните од денеска ги преземаат личните работи од трагедијата во „Пулс“