Управниот одбор за разрешувањето на Димова: Пандемијата го отежнува процесот, ги разгледуваме законските можности

Од:

Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ќе свика седница за разрешување на директорката Лидија Димова веднаш откако ќе ги добие побараните документи од надлежни институции. Членовите за „А1он“ велат дека се во тек со случувањата, како и со препораката за разрешување дадена од премиерот Зоран Заев. Оттаму посочуваат дека ги разгледуваат можностите, а дека ќе постапат во интерес на заштита на државата и интегритетот на Националната агенција.

dobivaj vesti na viber

„Управниот одбор во континуитет работи и презема дејствија согласно со надлежностите дадени со закон. Свесни за актуелноста и важноста на оваа ситуација, но и пред се поради одговорноста која ја имаме како УО на оваа институција, Ве уверуваме дека внимателно ги разгледуваме сите законски можности да постапиме  навремено и во интерес на граѓаните и зашита на јавните средства, во интерес на задржување на интегритетот на Националната Агенција и согласно интересите кои ги имаме како земја-кандидат за пристапување во ЕУ. Истовремено, пандемијата со Ковид дополнително ни го отежнува процесот, затоа ве замолуваме за разбирање. Седницата на УО ќе се свика во најскоро време, веднаш откако УО ќе ги добие потребните документи од институциите, со што ќе постои формално правен основ да постапуваме“, велат од Управниот одбор за „А1он“.

Според нив, транспарентното и отчетно работење треба да биде императив во работењето на сите државни органи, а јавноста да има увид во тоа. На таков начин, се следи и контролата врз ефикасното трошење на државните пари, како и парите на европските даночни обрзници.

„Го охрабруваме истражувачкото новинарство и анализите што се поткрепени со факти и документација прибавена согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Управниот одбор ќе ги земе во вид информациите коишто ги доставивте и ќе се заложи за потранспарентно известување во иднина. Управниот одбор работи согласно со позитивната национална регулатива. Целта е да се обезбеди ефикасно управување на работата на НА, законито користење на европските грантови и остварување на пошироките цели во подигање на квалитетот на македонското образование во целост“, додаваат од Управниот одбор за „А1он“.

Препораката за разрешување на директорката Лидија Димова ја даде Владата по претходно прифаќање на предлогот од страна на премиерот Зоран Заев. Барањето до Заев го достави вицепремиерот Љупчо Николовски, поради како што наведе, неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста.

Директорката Лидија Димова и уште неколку лица се сомничат за проневери направени во Националната агенција за европски образовни програми. Предмет по сомневањата за проневери го оформи Управата за финансиска полиција, а го работи во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Извори од истрагата за „А1он“ посочуваат дека едно од делата е проневера на фондови од Европската Унија. Управата за финансиска полиција најави детали по комплетирање на предметот.

„А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова, истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад кон Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.

Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски, им префрлал пари на трансакциска сметка и ги барал да им ги врати во кеш. Златковски, на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не земал пари во кеш.

Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција, Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека и бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова и се заканувала со убиство.

Фризерницата немало да  го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски, се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.

Би можело да ве интересира

Обвинение за Лидија Димова, предизвикала штета од 20 милиони денари со злоупотреби

Кристијан Ландов

Вештачење ги дели Лидија Димова и соработниците од обвинение за злоупотребите во Националната агенција

Кристијан Ландов

Лидија Димова ја тужела Агенцијата со која директоруваше, додека чека Обвинителството да одлучи дали ќе ја гони неа

Кристијан Ландов

ОЛАФ доаѓа за истрагата против Лидија Димова и фризерницата, ќе ги испитува злоупотребите со обвинителот

Сослушана Лидија Димова за злоупотребите во Националната агенција, поради короната, истрагата ќе биде продолжена

Кристијан Ландов

Ѓоргиевски назначен и за директор, по разрешувањето на Лидија Димова

Кристијан Ландов