(ВИДЕО) Протест во Аеродром: Зависниците не може да се лекуваат тука, ќе ни ги нападнат децата

Од:

Зависниците од наркотици не се добредојдени во населбата Аеродром. По одлуката на Министерството за здравство, зависниците својата метадонска терапија да ја земаат во општината каде што живеат, на протест излегоа жителите од околните згради кои се наоѓаат во близина на поликлиниката Јане Сандански. Тие велат дека решението на министерот Филипче е неприфатливо бидејќи во близина на поликлиниката има училишта и градинки, па стравуваат дека нивните деца можат да бидат нападнати.

„Овој протест е револт по одлуката на министерот Филипче тука да се лечат зависници од дрога. Мислам дека моите деца можат да бидат нападнати од зависници, бидејќи сум видела како се лечат, а притоа, бараат пари. Нека се отворат посебни места каде ќе примаат терапија. На пример во Драчево или Лисиче. Таму нека се лечат, таму каде нема многу население. Три простории можат да се напраат за три месеци“, вели Оливера Стефановска, жителка на Аеродром.

Ако министерот Филипче не ја повлече одлуката со која зависниците од Аеродром ќе се лекуваат во поликлиниката Јане Сандански, ексградоначалникот на општината, Ивица Коневски најави дека масовноста на протестот ќе се зголемува. Според Коневски, зависниците не можат ниту привремено да ја зимаат терапијата во оваа поликлиника.

„Сметаме дека одлуката е скандалозна бидејќи објективно проблемот на Кисела Вода ќе биде решен, но ќе биде префрлен на други три места. Тоа секојдневие кое го има во Кисела Вода ќе се префрли тука. Бараме одлуката да се повлече. Решението треба да го најде Филипче. Масовноста ќе се зголемува од ден на ден ако одлуката не се промени. Нема расположение ниту зависниците привремено да останат тука“, рече поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, кој беше присутен на протестот.

Незадоволните граѓани велат дека не се против зависниците кои решиле да се лечат од дрога, но, не дозволуваат тоа да биде во нивната општина. Еден од жителите вели дека и досега наоѓал шприцеви расфрлани во локалниот парк.

„Не сме против луѓето кои собрале храброст да се лечат од дрога и апсолутно го имаат правото да го добијат својот третман, но не вака. Со ова не се решава проблемот со центарот за зависници во Кисела Вода, туку само се продлабочува. Тука има основно училиште, градинка со најголем капацитет во градот, станува збор за густо населено место“, кажа Мартин Клинчаров, еден од незадоволните жители.

Одлуката за секој зависник да се лекува во општината која живее, здравствените власти ја донесоа откако жителите на Кисела Вода со протести бараа дислокација на Центарот, а претходната идеја да се префрли во Гази Баба не беше прифатена ниту од тамошните жители.

Би можело да ве интересира

Претрес во Радовиш, пронајдена дрога

Орце Костов

Криминалци од Србија продавале дрога и оружје во Данска, заработиле над два милиони евра

Запленета пратка од 1,7 тони кокаин вреден над 50 милиони долари

Дилер од Битола двапати му продал дрога на дете

Горан Наумовски

Ирската полиција уапси меѓународна нарко-банда која поседувала дрога вредна една милијарда евра

Горан Наумовски

Уапсена е Аура Јазмин Кастро Руиз позната во криминалниот свет под псевдонимот „Кума“

Горан Наумовски