Приватните превозници денеска нема да возат низ скопските улици, но се надеваат дека од понеделник ќе се вклучат во сообраќај. По вчерашната средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, превозниците изјавија дека се откажуваат од блокадите што претходно ги најавија, оценувајќи го предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како одличен.
Јавниот градски превоз вчера повторно се најде во фокусот на јавноста откако приватните превозници најавија дека доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, од понеделник ќе ги блокираат улиците. Тие ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт поради тоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје.
По преписките и меѓусебните обвинувања на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претседавачот на Советот, Трајко Славески за тоа зошто оваа точка не се нашла на дневен ред на седница на Советот, вчера попладне се одржа средбата меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и приватните превозници.
Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше и минатата недела кога автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие останаа без нафта откако беше поништена јавната набавка. Во сообраќај беа пуштени само 30-тина автобуси од кои 25 кои возат на природен гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта. Со одлука на Владата беше одобрено од државните резерви да се отстапат 250 тони нафта кои според проценките треба да бидат доволни додека да се реализира новата јавна набавка за нафта.
Синоќа во телевизиско интервју градоначалничката Арсовска на прашањата дали ќе има повторно проблем со набавката на нафта за автобусите на ЈСП – Скопје и дали граѓаните нема да можат да го користат јавниот превоз реле дека зависи од директорката на Бирото за јавни набавки, изјави вечерва градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Иако таа е градоначалник на Скопје, како што вели, власта е во рацете на мнозинството во Советот што е предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Според Арсовска, немањето гориво за автобусите на ЈСП е поради политика и одговорноста треба таму да се бара.