Листа на експратеници кои побарале надоместок од Собранието, меѓу нив и имиња кои цела кариера се во собраниските клупи

Од:

Скоро сите пратеници од претходниот парламентарен состав, независно на која партија односно коалиција припаѓаат, поднеле барање за Собранието да им исплаќа плата и по нивниот мандат. Вкупно 18 пратеници од СДСМ и коалицијата бараат апанажа, потоа, 16 од ВМРО-ДПМНЕ, четири од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од ДУИ, двајца независни пратениви и еден од Алтенратива, дознава „А1он“. Меѓу пратениците има и имиња кои во собраниските клупи седеле и по неколку мандати. Најголем дел од нив, бараат да добиваат апанажа една година, а има и такви кои сакаат Собранието да им одобри исплата на средства и повеќе од 12 месеци, се до нивното пензионирање.

Пратеници од СДСМ и ДУИ, кои побарале апанажа

Александар Кирацовски, Хари Локвенец, Милева Горгиева, Сашко Атанасов, Далибор Богдановски, Агим Муртезанов, Благојче Трпевски, Сашко Костов, Тања Ковачев, Мери Лазарова, Бетиан Китев, Славица Шуманска Митева се пратениците од СДСМ, кои бараат од Собранието да добиваат апанажа следните 12 месеци. Пратеникот Александар Филиповски, кој дојде на местото од Павле Богоевски, по престанокот на мандатот бара да добива апанажа наредните девет месеци, дознава „А1он“. Од коалицијата на СДСМ, апанажа наредните 12 месеци бараат и Мирослав Јовановиќ, кој е претседател на Српската странка во Македонија и Алија Камбероски од ПЕИ, потоа, Амди Бајрам кој бара исплата на апанажа само за август бидејќи потоа заминува во пензија. Освен овие имиња, меѓу барателите на апанажа е и Александра Цветкоска која влезе во Собранието на местото од Горан Милески кој стана министер за локална самоуправа.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои побарале апанажа

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, скоро сите бараат апанажа да им се исплаќа 12 месеци. Меѓу нив се Владимир Ѓорчев, Илија Димовски и Трајко Вељановски кои 14 години, односно пет мандати беа пратеници. Потоа, Лилјана Затуроска која беше пратеничка од 2009 година, односно повеќе од една деценија. Според нашите извори, на листата се и Емил Димитриев, Трајчо Димков, Зоран Илиоски, Весна Дамчевска Илиевска, Магдалена Манаскова, кои седеа во собраниските клупи по два мандати. Од останатите, апанажа бараат Иван Иванов од Штип, Благоја Деспотоски, Јохан Тарчуловски, Никола Попоски, Васил Пишев. Меѓу експратениците на ВМРО-ДПМНЕ има и такви кои бараат апанажа до пензија. Таков пример е пратеничката Нада Ципушева која беше пратеничка два мандати, а и фалат 1 година, 5 месеци и 18 дена до пензија. Помалку од 12 месеци, апанажа ќе зема само експратеникот Ѓоко Камчев, кој влезе во Собранието откако беше констатирана оставката на екслидерот на партијата, Никола Груевски.

Барања за апанажа има и од поранешните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а кои подоцна формираа Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Од нив, апанажа до пензионирање, односно 1 година и 3 месеци бара Љубен Арнаудов, дознава „А1он“. Потоа, Нола Исмајлоска-Старова која беше пратеничка од 2014 година, Крсто Мукоски кој седеше во Собранието два мандати и Елизабета Канческа-Милеска еден мандат, бараат апанажа по 12 месеци.

Од составот на ДУИ, апанажа бара експратеникот Агим Шаќири кој го спаси Трајко Вељановски од притвор, со неговото неприсуствување на комисијата која одлучуваше по барањето на судот. Освен тој, пари наредните 12 месеци во висина на нивната плата бараат Џеват Адеми и Шпреса Хадри.

Меѓу останатите кои беа независни пратеници, апанажа бараат Никица Корубин од редовите на ЛДП и Јусуф Хасани, пратеник на Демократската партија на Турците (ДПТ) кој во 2019 ја напушти коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од тројцата пратеници на Алтернатива кои беа во Собранието, апанажа бара само Реџеп Мемеди, но не и Неџмедин Каремани, додека Африм Гаши е повторно пратеник и во овој собраниски состав.

„А1он“ преку пристап до информации од јавен карактер ја побара официјалната листа на пратеници кои побарале апанажа, но и по 24 денови, нема повратен одговор.

Според Законот, право на апанажа три месеци, има пратеник кој ја вршел функцијата до шест месеци, на апанажа до шест месеци има право само пратеник кој ја вршел функцијата до 12 месеци. Доколку лицето било пратеник 24 месеци или повеќе, тогаш поранешниот пратеник има право да зема надоместок 12 месеци.

Исто така, со законот се предвидува пратеник да може да остварува плата подолго и од една година, а најмногу уште шест месеца, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија. За време на остварувањето на ова право пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци.

Правото на апанажа може да престане доколку поранешниот пратеник стекне право на пензија, кога тој ќе побара, кога ќе се вработи и ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата. Ова право може да престане доколку лицата се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие.

Би можело да ве интересира

Продолжува собраниската седница за избор на заменици-министри

Ана Ололовска

Почна собраниската расправа за избор на заменици на министрите во Владата

А1он

Средба Џафери – Брегу: Решавање на отворените прашања меѓу државите во регионот за подобар стандард на граѓаните

Ана Ололовска

Прекината седницата за избор на заменици министри, продолжението дополнително ќе биде закажано

Ана Ололовска

Собраниска седница за избор на заменици-министри во Владата

Ана Ололовска

Собранието ги изгласа измените на законите за основно и средно образование

А1он