(ВИДЕО) Сведоштва на рибари: Ловевме шест тони риба, се заведуваа само два, остатокот завршуваше кај концесионерот

Од:

Рибари од Охрид кои работеле за старо-новиот концесионер на езерото, за „А1он“ сведочат дека и со одземена концесија фирмата „Пастрмка 2012“ лани ловела риби, по мрестот рибите не ги враќале во езерото туку завршувале во ресторан на еден од концесионерите, а на рибарите им биле исплаќани по едвај 3.000 денари месечно.

„А1он“ веќе објави дека нов концесионер на езерото, кој незаконски ја доби концесијата, е фирма чиј газда е тесно поврзан со стариот концесионер. Новиот концесионер, Милорад Чавкоски, сега сопственик на фирмата „Летница – Белвица“, е сè уште управител и на „Пастрмка – 2013 Струга“, која, пак, е подружница на „Пастрмка 2012“, компанија на која лани ѝ беше одземена концесијата за езерото поради непорибување и неисплатени обврски кон државата.

Рибари од рибното подрачје Струга, каде што надлежен бил Чавкоски, сведочат дека одземањето на концесијата не го спречило ловот. Според нив, концесионер цело време е Чавкоски, оти тој им ги издавал наредбите за ловење, а со него се договарале и за плата. Рибарите побараа новите имиња и лица да не бидат објавени.

„По концесијата ние повторно ловевме. По наредба на Милорад, да му се носи таму риба. Нам ни даваа белешки без печат. Имаме и да ви доставиме. Така ни ги земаше и ништо не ни плаќаа. Тоа траеше месец и пол, два по одземањето на концесијата. Рибата завршуваше кај Милорад Чавкоски и си ја служеше во ресторанот. Нè лажеше дека ја има концесијата“, вели рибар кој до лани бил вработен во „Пастрмка 2012“.

Рибарите велат дека добивале наредби да уловат шест до седум тони риба, а се заведувале само два.

„Концесионерот Миле Чавкоски ни даваше наредби колку да уловиме. Ако требаше да уловиме два тона белвица, се ловеше 6-7 тона. Тие ги прикриваа тие документи. Ние како рибари сме најоштетени, не даваа ни плати, неосигурани“, вели друг рибар, кој исто така работел за поранешната фирма концесионер на езерото.

Белешките без печат што ги добивале рибарите за ловењето риба по одземањето на концесијата

Рибарите велат дека добивале обврска да ловат и за време на мрестот, кога ловењето било забрането. Ги слушале наредбите од Чавкоски, како што нагласуваат, без приговор, за да не останат без работа.

„Кога беше мрестот, сите риби ги земаа, не ги фрлаа во езеро. Се поврзуваше со чуварите и гледавме како чуварите ги земаат рибите и му ги носат нему, наместо да ги вратат во езеро. Тие правеа грабеж. Шест години не ни го плати целиот мрест што го уловивме. Тој земаше субвенции, нас не нè плаќаше“, вели рибарот.

Работеле по два часа дневно, но се жалат дека не биле платени ниту за тие два.

Еден час наутро, од 6 до 7, а еден попладне, од 5 до 6. Најголемата плата што сум ја зел е 2.000-3.000 денари во еден месец. Нè држеше неосигурани по 5-6 месеци, потоа пак не осигуруваше. Не ни го плати целиот лов што го донесовме таму. Ни велеше да  ловиме во езерото за да извадиме некој денар за нас. Нè местеше, намерно, ни ги зедоа мрежите намерно. Фрлавме ‘висечки’ мрежи за белвица, а не беа дозволени. Ризикувавме за него да има улов“, се жали рибарот.

За обвинувањата од рибарите, старо-новиот концесионер Чавкоски вели дека се неосновани. Тврди дека тој не издавал наредби за ловење риба туку тоа го правела компанијата „Пастрмка 2012“, ниту, пак, уловената риба завршувала во неговиот ресторан.

„Ние си имаме наш рибник каде што одгледуваме речна пастрмка, охридска пастрмка, крап, калифорниска пастрмка, регистрирани сме за тоа и си ги имаме сите видови риби во својот рибник. Тие што ми се потребни за во ресторан, си ги имам кај мене“, изјави Чавкоски за „А1он“.

За обвинувањата дека рибата по мрестот не ја враќале во езерото, Чавкоски вели дека се беспредметни оти за мрестот не биле надлежни тие туку друга институција. Чавкоски немаше одговор ниту на прашањето зошто ловеле риба и по одземањето на концесијата.

„Нема да ви одговорам веднаш на тоа прашање, обратете се во Инспекторатот за земјоделие. Дали било така или не, тие ќе ви објаснат“, рече Чавкоски.

Од Државниот инспекторат за земјоделство не одговорија на прашањата од „А1он“ за обвинувањата од рибарите.

Би можело да ве интересира

По низа скандали и кражба на риба, државата ја одзема концесијата за Охридското Езеро

Вработените што треба да го штитат охридскиот крап, фатени како го крадат со мрежа

Охридски дубари: Жалба за концесијата на Охридско Езеро одбиена како неплатена, иако има докази дека е платена

Чавкоски тврди дека законски добил концесија на Охридско Езеро

А1он

Охридски дубари: Со различни фирми, исти газди незаконски добија концесија за Охридско Езеро